Страдањата и Крстот Христови

На многу начини може да им се пристапи на Христовите страдања и на Крстот, а тоа зависи од начинот на живот на секој човек. Едниот начин е човекоцентричниот, каде што нагласено владее сентименталниот елемент. Вториот начин е т.н. етички начин, каде што страдањата и крстот Христови се прилагодуваат на настани од човековиот живот, и на тешки лични состојби. Третиот начин е богословскиот, каде што владее реалноста и се доживува умилението, што нераскинливо е поврзано со радосната тага. Овој последен начин ќе го претпочитаме во следните анализи, како што го направивме тоа и со другите Господови празници. Само преку богословието на Црквата, може да им се пристапи на такви настани.

Кога зборуваме за богословски пристап, го подразбираме нагласувањето на христолошките моменти и, главно, ја подразбираме целта заради која пострада Христос и како двете Христови природи дејствуваа за време на страдањата и Крстот. Во оваа рамка се наоѓаат и многу други христолошки теми. Според тоа, нема да ги видиме сите факти што се однесуваат на Христовото страдање, како што е на пример одрекувањето на Петар, предавството Јудино, неблагодарноста на Јудејците итн., туку само оние кои се однесуваат на Личноста на Богочовекот Христос.

Како што сите настани од Христовиот живот се историски, истото се случува и со Христовото страдање. Тоа е еден историски настан, кој се случил при владеењето на Понтиј Пилат, како што се наведува во светите Евангелија. Христос бил и совршен човек, а тоа значи дека имал вистинска човечка природа и живеел во една конкретна епоха. Така, светите евангелисти му даваат големо значење на историскиот факт на распетието.

Меѓутоа, истовремено е и тајна, бидејќи се однесува на Христовата победа над смртта и се однесува на повторното создавање на човечката природа. Според тоа, не се работи за сеќавање на еден историски настан, ниту за тага поради неправдата што му била направена на еден праведен човек, туку се работи за триумфалната победа над ѓаволот, смртта и гревот. Таинскиот елемент на овој настан не се исцрпува само во овој момент, туку се протега и на личното доживување на настанот. Личното учество во страдањето и крстот Христови, во рамките на светотаинскиот простор на Црквата, ја овозможува силата на тајната на Крстот и на Воскресението.

Според тоа, со деновите на Страсната седмица не се соочуваме само од историска страна, туку од таинска и духовна страна. Тоа значи дека и ние учествуваме во Христовата победа над смртта, според степенот во кој ја победуваме смртта во границите на нашиот личен живот со силата на Распнатиот и Воскреснатиот Христос.

Митрополит Јеротеј Влахос
„Господовите празници“, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

2 Comments on "Страдањата и Крстот Христови"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Страдањата и Крстот Христови […]

[…] Христово на гората Тавор се случи непосредно пред Неговите страдања, односно, поконкретно, четириесет дена пред да […]

wpDiscuz