Што значи зборот… Црква?

Ако нашиот збор „Црква“, за сите нас несомнено го означува следново: собирот на христијаните како Тело Христово, со Христос како Глава негова, но истовремено и самата градба на Црквата, тогаш сега да си го поставиме прашањето дали зборот Црква и значи она што го означува? Т.е. што всушност значи зборот Црква и дали се поклопува со она што го означува?

Случајот со овој збор е следниот: тој е словенски збор, искован од раката на Светите Браќа Кирил и Методиј по урнекот на еден старогрчки збор, поточно на два зборови. (Тука нема причина за вознемирување, бидејќи сите книги на Новиот Завет биле напишани на старогрчки јазик. Сесловенските учители, пак, кои совршено го познавале грчкиот, ги превеле на јазикот на словените, за и тие да се спасуваат.)

Пред да видиме што значи тоа, да го погледнеме зборот чисто лаички и да видиме што можеме од него да „извадиме“, доколку немаме етимолошки речник при рака, само со знаењето дека неговиот праоблик т.е. неговата изворна или најстара форма е токму црковнословенската на Светите Браќа што гласи Церковъ. Да го погледнеме така некое време и да се обидеме да најдеме некакво значење во него. Со цел да ни се олесни работата, можеме и да го поделиме на два слога – Цер-ковъ. Ова ќе ни помогне во него да препознеме зборови од коишто тој „е составен“. Имено со малку фантазија и со додавање на три букви од Цер-ковъ ќе добиеме Царов-кровъ и тоа нема да биде многу далеку од вистинското значење и потекло на зборот што ќе го најдеме во секој етимолошки речник на црковнословенскиот јазик. Таму ќе прочитаме: зборот Цер-ковъ произлегува од старогрчкиот збор κυριακόν /кириакóн/ што значи „Дом Господов“ (ст.-грч. οῖκος κυρίου).

. . . κυρ-ιακόν . . . Цер-ковъ . . .

Очигледна е блискоста на обликот на двата зборови и на она што го добиваме при нивното изговарање. Уште поочигледна се чини паралелата со латинскиот збор за кругcir-cus којшто според некои истраживачи играл улога при ковањето на словенскиот збор Цер-ковъ.

. . . cir-cus . . . Цер-ковъ . .

Тоа тврдење коешто на прв поглед (и на втор) изгледа по малку смешно, испаѓа најверно можеби единствено на семантичен план т.е. во однос на неговото преносно значење. Имено и грчкиот збор за Црква – ἐκκλησία /е-кли-сиа/ значи токму тоа: „[собир] на повиканите (ст.-грч. κλη-τοὶ /кли-ти/) [од Христа Бога]“

. . . κλη-τοὶ . . . ἐκ-κλη-σία . . .

Ако го сметаме кругот, за нешто што опфаќа, нешто што собира во себе, и ова објаснување до одредена степен фрла светло врз потеклото на нашиот збор.

Но сепак, и на морфолошки, фонетски и на семантички план, врската помеѓу зборовите е најсилна, кога ќе го бараме значењето на зборот Црква т.е. Цер-ковъ во старогрчкиот јазик (κυριακόν т.е. „Дом Господов“), од којшто Светите Браќа го превеле, го „исковале“ нашиот словенски збор.

Во однос на нашата „екскурзија“ пред да го отвориме речникот, се разбира, дека таа не е научно оправдана, нејзиниот резултат сам по себе не важи и не смее да се прифати, без да се погледне во еден речник и така да се дојде до вистинит, научно оправдан одговор на прашањето за потеклото на зборот Црква – но сепак она што го направивме, се надеваме, ќе ни се прости поради тоа што неговата единствена цел беше, да нѐ потикне да размислуваме за еден збор што досега го изговаравме со затворени очи – збор, за којшто знаевме што означува, но не и што значи, т.е. што значи сам по себе, што носи во себе и од каде потекнува.

Кристијан Ташевски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz