Што навистина значи да се биде зрела личност?

Да, ние сега веќе добро знаеме, и за тоа придонесе не само современата психологија, туку и нашето практично искуство, индивидуално и колективно, дека не постои слобода без зрелост. Доколку некое дете на училиште и после училиште се однесува исто како и во семејството и тоа пред и да започне да оди на училиште, или, што е едно и исто, доколку тоа и на шест години мокри во постела ноќе, премногу се плаши и го цица прстот – во таквите случаи се соочуваме со невротично, односно незрело дете.

Доколку некој младич или девојка со дваесет или повеќе години сè уште покажува онаков бунт или онакво сексуално однесување кои се типични за пубертетскиот период, повторно говориме за незрела младост која сè уште се наоѓа во состојба на ткн. продолжена пубертетска криза.

На крај, кога некој возрасен човек често ги менува своите партнери во бракот, или надвор од бракот, што значи дека не е во состојба да се приврзе за еден партнер, и да му остане приврзан и верен, или кога тој „возрасен“ човек покажува изразито агресивно однесување кон својата околина или кон самиот себе си, без оглед дали [тоа се случува] на работното место, во возењето автомобил или кон своето семејство – јасно е дека повторно сме соочени со незрели личности кои го попречуваат складниот семеен и општествен живот. Колку поголем е бројот на ваквите невротичари во едно општество, секако, помали се и шансите тоа општество да ги исполни своите цели и да овозможи природен развој на многуте потенцијални можности, односно способности кои несомнено се наоѓаат во секој човек.

Денешните психолози и психијатри, дури и тогаш кога застапуваат различни ставови, се сложиле околу неколку значајни и типични критериуми за сите луѓе, кои можат приближно точно да одговорат на тешкото прашање: што всушност го прави човека зрела и целовита личност?

Најнапред мораме да започнеме од фактот дека не постои потполно зрела личност, или како што тоа стручно се дефинира, личност која би била потполно интегрирана. Постојат само степени на зрелост кои, помалку или повеќе, се приближуват кон оваа замислена, идеална целина на личноста. Во оваа прилика, добро е да се спомене и ставот дека практично не постои граница на човечкото созревање во текот на сиот негов живот. Иако, несомнено, најважни се условите во кои личноста созрева, оние кои ги нуди родителскиот дом во раната младот на детето, сепак и подоцнежните животни околности, како и ендогената способност на личноста за доживувања и трансформации, имаат значаен удел и свој придонес, како во дополнителното созревање на личноста, така и во можноста за плодно менување и сè понезависен развој на ваквата личност. Биографиите на големите луѓе (но не само нивните) доволно убедливо ја докажуваат оваа претпоставка.
На кратко ќе ги дадеме оние најважни критериуми во психологијата кои ја определуваат силата на човековото „Јас“, односно го покажуваат степенот на неговата зрелост, при што редоследот на овие критериуми не мора да го означува и нивното значење. Дури ни се чини дека секој од нив има приближно подеднаква вредност и подеднакво значење:

1. СПОСОБНОСТ ДА СЕ ЉУБИ НЕКОЈ ДРУГ, А НЕ САМО СЕБЕ СИ.

Нарцисоидните личности, кога воопшто се во состојба да љубат некого, го прават тоа на начин што во партнерот се љубат самите себе си, или себе си во сегашноста, или себе си од минатото, или себе си онакви, какви што би сакале да бидат во иднина. Јасно е дека таквата љубов кон партнерот не е во состојба да се одрече од било што што би значело поднесување на жртва, принципот на кој се заснова самиот живот и без кој не може да се замисли не само складното семејство, туку ниту складното општество.

2. СПОСОБНОСТ ЗА КОНТРОЛИРАЊЕ НА СОПСТВЕНИТЕ НАГОНИ И ИМПУЛСИ.

Управувањето со своите агресивни и сексуални енергии кои ни се биолошки дадени, во вид на вродени нагони, започнува многу рано и идниот развој на личноста во голема мера зависи од тоа колку правилно овие нагони ги контролираат прво родителите, а подоцна и општеството. Импулсивното препуштање на нагли експлизвни празнења на овие енергии, со последици кои на сите нам ни се добро познати од секојдневното искуство, не е само „фатум“ на нашето индивидуално минато и нашиот национален темперамент, туку и слабост, невроза и незрелост на секој поединец кој ништо не прави за да ја воспита волјата и моралната хигиена на своите анимални желби.

3. СПОСОБНОСТ ДА СЕ ПОДНЕСУВА НЕПРИЈАТНОСТ, БОЛКА И ПАТЕЊЕ

Принципот на апсолутно задоволство кон кој, според Фројд, тежнее малото дете, а на кој Фројд со право му го спротивставил принципот на реалност, непрекинато му прети на секој од нас, и токму затоа постојано мора да биде под наша свесна контрола, за да не дозволиме другите, место нас, да ги поднесуваат болката и патењето (како синоними на животот). Избегнувањето на секоја болка, и физичка, и душевна (и од тука прекумерната употреба на медикаменти и злоупотреба на комфорот), карактеристична е за нашето време, кое и тука ги покажува сите карактеристики на инфантично регредирање.

4. ПОСЕДУВАЊЕ НА ЗРЕЛА, А НЕ ИНФАНТИЛНА СОВЕСТ.

Зрелата совест се покажува во толеранцијата и контролата како на своите нагонски желби, така и во толеранцијата но и будноста кон побарувањата на своето морално битие. Незрелата совест, напротив, заснована на закани од страв и чувство на вина, кон самата себе или кон својата околина се однесува садистички или мазохистички. Таквото човечко Над-јас, кое во детството е изградено под влијание на претерано строги родители, или воопшто недоволно е изградено поради родителска занемареност, или затоа што ни тие самите во себе не ја изградиле својата совест – од луѓето создава мачители на другите или невротични маченици кои поради претераното чувство на страв и вина ги бараат своите мачители. Наспроти ткн. развојна идентификација, која единствено е нормална и преку која личноста во себе внесува личност која ја љуби и почитува, во патолошките случаи на ткн. одбрамбена идентификација во основата на личност не постои емотивна приврзаност, туку потреба за чувство на сигурност. Во таквите случаи личноста се чувствува загрозено, и неможејќи да да се ослободи од стравот на друг начин, започнува да се поистоветува со личноста која е извор на загрозувањето. Од таквата идентификација се развиваат претераните мажествени или жествени особини на личноста, кои понатаму делуваат во правецот на садистичката или мазохистичката ориентација во животот.

5. УМЕРЕНА АГРЕСИВНОСТ БЕЗ РЕАКЦИЈА НА БЕС ИЛИ ОМРАЗА, НО И БЕЗ ПРЕТЕРАНА ПЛАШЛИВОСТ.

Доколку и агресивноста и сексуалноста ни се дадени како сиров материјал кој чека на својата племенита обработка, тогаш природно е да сметаме на нив и детски би било да ги затвораме очите пред овие моќни сили. Потиснатата агресивност, која не нашла излез во моментот кога тоа било неопходно и во мерата која одговарале на ситуацијата и нашите обврски како етични битија, останува неискористена, дива сила која кога-тогаш мора да се испразни, и тоа најчесто во некоја адекватна ситуација и со засилен интензитет.

6. СПОСОБНОСТ ДА БИДЕМЕ НЕЗАВИСНИ.

Оваа способност во себе ја поседува само онаа личност, која успешно во себе ги развила сите други, претходно споменати способности. Таа е цел и круна на индивидуацијата и единствениот реален залог, но и услов за слобода. Не постои вистинска слободна личност, целосно независна и самостојна, а која со самото тоа не е и изолирана и осамена, но и на претерен, невротичен на чин ангажирана во општеството. Само независната, т.е. слободната личност знае за тајната на зрелото однесување во кое се дава „Божјото на Бога, а ќесаревото на ќесарот“.

Во најкратки црти ги изнесовме неколкуте најважни критериуми според кои современата психологија и психијатрија ја проценуваат зрелоста на една личност. Секој од нас треба да процени колку тие важат и колку одговараат пред објективниот суд на нашата сопствена личност. Секој од нас најпрво мора да одговори на прашањето колку сам на себе постигнал и што до сега направил со своите вродени и стекнати таленти.

Дури тогаш може да се свртиме кон општеството и со право од него да очекуваме поттик за работа. Не постои зрело општество без зрели личности. А нив не ги создава само општеството, туку и самовоспитувањето. Имено, не постои друга одговорност, како што рече еднаш еден философ, освен самоодговорноста.

Академик Д-р. Владета Јеротиќ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz