Што во политиката не ѝ припаѓа само на политиката?

„Политиката е валкана работа, а Црквата треба да биде чиста“.

Едноставна реченица со која е тешко да се спори. Меѓутоа, ако ја изедете како полнета бомбона, ќе мора да го изедете и полнењето. А еве какво е полнењето: „Црквата нема право да влијае врз животот. Марш во ќош да се молиш пред иконите и да не си се осудил да се тргнеш оттаму!“. И бидејќи полнењето, очигледно, е отровно, вреди да се анализира само лукавата теза за „комплетната валканост на политиката“ и тоа дека Црквата не треба да се валка со земни работи.

Како прво, евангелските раскази се густо проткаетни со политички мотиви. Без познавање на тогашната политичка состојба во светот и во Светата Земја, воопшто не е можно да се сфати што претставува Августовиот попис, благодарение на кој Господ е роден во Витлеем. Не е јасно кои се стотниците на римската војска и зошто патролираат по улиците на израелските градови, кои се цариниците и заради што народот воопшто не ги сака, зошто (прво)свештениците се бирани секоја година, а не доживотно. Би можело да се приговори на Претечата: „чуму ти е да го разобличуваш некојси Ирод заради некоја си Иродијада? Ете, нека спие кој со кого сака – а ти си духовен човек, размислувај за небесни нешта.“

Дури и во неправедната осуда на Месијата на крсна смрт се чувствува призвук на политичка конјуктура: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на кесарот. Секој што се прави цар, противник му е на кесарот (Јован 19, 12)… Ние немаме цар, освен кесарот (Јован 19, 15)“.

Исфрлете го сето тоа од Евангелието и ќе добиете некакво гностичко учење или зборник на ориентални приказни.

Меѓутоа, Евангелието влегло во историјата и влијаело на историјата и го променило нејзиниот тек. И ако мислиме поинаку, тогаш наши свети отци нема да бидат Василиј, Григориј и Јован, туку Маркион, Василид и манихејците. „Духовното“ и „моралното“ се нераздвојни. Насекаде овој или оној морал има корени и црпи вода од оваа или онаа духовност. Од своја страна, пак, и „политичкото“ е нераздвојно поврзано со „моралното“. Законите ги бележат и одредуваат постоечките морални норми, прецизирајќи ги и коригирајќи ги. А според востановената пракса, во поново време, законодавството може грубо да се меша во моралниот живот на народот, разбивајќи ги вкоренетите табуа и наложувајќи забранетото да се чини со мирна совест.

Токму љубителите на уништувањето на традиционалните вредности и обичаи покажуваат на Црквата прст кон ќошот со икони и говорат: „Не мешајте ни се во нашите работи“.

Ваквата појава е делување на духот на антихристот и претставува груба измама проткаена со бел конец. Да наведеме неколку аргументи.

Современиот политички систем кој е актуелен во светот, претполага поделба на власта на законодавна, судска и извршна. Секоја влада има кабинет на министри кој претставува главен орган на извршната власт. Се разбира, министерскиот кабинет е политички орган. Меѓутоа, во склоп на министерскиот кабинет спаѓаат и министрите за здравство, култура, образование, млади, спорт и наука.

Според тоа, и театарот Бољшој, и изградбата на породилишта, и реформата на високото образование и уште илјада значајни животни појави спаѓаат во сферата на одговорност на политичарите. Дали е ова точно? Точно е. Но, дали тоа значи дека Црквата автоматски нема право јавно да говори и да има сопствено мислење за сите овие појави? Секако дека не. Црквата има право, уште повеќе, има должност да има мислење за сè што се случува во јавниот живот на земјата и народот. Црквата не смее да се обидува да се приграби до власт и во раце да зема земски меч. А во сè останато треба да делува во Духот и силата „на оружјето на сопствената војска, која е силна пред Бога и може да сруши и тврдини“.

Абортусот не припаѓа исклучиво во полето на интерес на медицината, а преку Министерството за здравство – на политиката. Оваа појава може да биде оценета и од морален аспект, а под извесни околности може да биде и криминална активност. Во секој случај, изразувајќи го своето мислење за убивањето на деца во мајчината утроба, Црквата не се втурнува во политика, иако на некој начин се допира до политичката сфера. Понатаму, Црквата треба да најде начин како да повлијае на образовниот процес во основните, средните школи и универзитетите. Меѓутоа, не за да ги оспори правата и власта на Министерството за образование и наука, туку за да во „просветата“ би постоела Светлина, за да во „образованието“ би сјаел Божјиот образ, и за да во „воспитувањето“ би постоела можност за правилна исхрана и да човекот не би умрел од духовна глад. Кога зборува „читајте книги“, Црквата не се занимава со пазарот на продажба на книги, туку со човековиот внатрешен свет. И така е насекаде. Доаѓа свештеникот во болничка соба, за да го причести човекот на смртна постела или да изврши Елеосвештение на болен пред операција. Притоа, тој не упаѓа во политика, туку ја лекува душата и одврзува јазли кои ниеден закон не може да ги одврзе. Ако крстот на храмот сјае над покривите на зградите во воена населба, тоа не е заради мешање во политиката и одбраната, туку за војникот и офицерот полесно да би дишеле и порадосно да би служеле. И ако некаде Црквата успешно спроведе кампања за борба против алкохол, тоа ќе се одрази и на пазарот и на криминогената ситуација во регионот, и на демографијата и на статистиката на повреди на работно место. Со еден збор, ќе се одрази во сè. Но, тоа би биле само попатни политички и граѓански плодови на евангелското служење. Овие вистини се толку очигледни, што е срамота да се спомнуваат одново и одново. Но, еве ви го светот во неговата вештачка убавина и потопен во безумие: баналностите звучат како откровение.

Во длабочината на својата Богочовечка суштина, Црквата ја има силата на својата Глава – Христос – и тоа голема, слободата, која Он ја дава. Само уште Црквата води грижа за светот и современиот човек (токму така и се вика една од книгите со поуки на старец Пајсиј Светогорец – „Со болка и љубов за современиот човек“). Затоа, гласот на Црквата ќе се слушне. Мора да се слушне. Понекогаш, за нечии уши ќе звучи како да се сложува со власта, понекогаш – со опозицијата. Понекогаш, може ќе звучи како да не е ни за „овие“, ниту за „оние“, туку над нив.

И тоа што се слуша гласот на Црквата е големо богатство. Оти, ако замолчи, тоа ќе значи дека настапиле времиња од кои немало потешки и пожалосни од почетокот на светот и векот. Во тие денови, Црквата молчешкум ќе се скрие и ќе бара пустина за да го дочека набрзо Второто доаѓање на Женихот. И сите брбливци и исмејувачи, сите поборници на јавното брборење и тајното беззаконување одеднаш ќе сфатат дека со молчаливото заминување на Црквата, животот одеднаш изгубил смисла, а страшниот гнев веќе е на прагот.

Затоа, зборувај, Невесто Христова, зборувај за сè што мислиш дека е сходно. Зборувај за времето и за просторот, за облеката и за храната, за раѓањето и за смртта, за гревот и за казната за грев. Зборувај и за политика. И нека звукот на твојот глас и пискавата реакција на твојот глас на многумина нека бидат знаци дека Земјата сè уште не е територија на потполн пораз, туку битка за Вистината која сè уште трае.

Протојереј Андреј Ткачов

Превод: В.К.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz