Што сакам од Бога? (2)

„Несигурниот“ пат на верата, кон кој секако треба да се придржуваме, го покажува апостол Петар обраќајќи Му се на Христа „Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата!“ (Мт. 14,28). Може да наведеме и друг цитат: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе“ (Мт. 16,24). Со други зборови, сите ние треба да се откажеме од себеси, од нашата себичност и неразумно да Го следиме Христа. Вистинската вера на ништо не е слична, таа е „одење по невидливото“.

Човечката природа тежнее кон тоа да добие недвосмислени и исцрпни одговори на сите, па дури и на оние празни прашања. Гледајќи во дваесетгодишното искуство на нашата преродена Црква, гледаме дека сега таа во голема мера се состои од луѓе без религиозни традиции, луѓе кои се лишени од црковни корени, луѓе на кои верата не им била предадена во наследство. Ние, денешните христијани, треба да се здобиеме со некаква потпорна точка. Многумина ја добиле неа пред сѐ следејќи го тој црковен круг, кој постоел долго пред нас, но никако во Евангелието, иако, како што еминентниот философ В. С. Соловјев (1853 – 1900) со право забележал, дека во христијанството највредното за нас е Самиот Исус Христос.

Ние сосема забораваме дека сме повикани да Го следиме Христа

За жал, сега во христијанството ние повеќе цениме нешто друго: одново подредување на црковниот круг. Без сомнение, богослужбениот круг, строгиот пост, внатрешната црковна дисциплина, молитвата, аскетското предание, црковниот календар – сѐ е тоа неоопходно за нашиот живот. Исполнувањето на правилата постепено и нас ќе нѐ направи правилни.

Ние лошите и грдите дојдовме во Црква со отежнато искуство од сосема поразличен живот, и затоа единственото спасение за нас е во преданијата, потврдувани низ илјадници години, кои ги живееле нашите предци и кои ги спасиле нашите светители. Ние се држиме за нив како за гума за спасување, но таа гума не треба само да ни помогне да останеме на површината на немирното море, туку пред сѐ треба да нѐ одведе кон Христа. Меѓутоа, ако црковниот кругот како таков го разбираме како клуч за спасение, тогаш се раѓа најсериозен духовен проблем.

Христос одлучно ги разобличувал фарисеите, почитувани и ценети луѓе, кои кон ништо не се стремеле. Зошто сѐ уште е актуелна параболата за митарот и фарисејот? Фарисејот е човек кој ги нашол сите одговори. Не треба повеќе никаде да оди, веќе го нашол спасението на земјата. Христовото доаѓање, во голема мера, нему не му е потребно; и онака сѐ му е устроено. А и Христос доаѓа за грешниците, а не за праведниците.

Оној кој веќе сѐ нашол, повеќе ништо нема да бара. Оној кој веќе сѐ достигнал, никаде повеќе нема да појде, само ќе ги храни и преумножува претходно здобиените богатсва. Христијаните не може да имаат никакво богатсво: „Блажени се бедните по дух…“ (Мт. 5,3), вели Господ. Вистинските христијани никогаш не се смируваат: тие постојано бараат прибежиште, тропаат на сите врати и бараат. А оној кој живее во благосостојба и кој сѐ може да уреди, кој веќе детално го проучил Светото Писмо и веќе знае апсолутно сѐ за Бога каде може да тргне, што може да побара?

Фарисејството лесно може да нѐ одведе во несреќа. Така ние спокојни се вклучуваме во маргиналните црковни борби удираќи се глава во глава за тоа што е подобро – јулијански или грегоријански календар? Руски или црковнословенски јазик? Да се служи со отворени или со затворени двери? Одеднаш, сите овие прашања за нас христијаните стануваат најважни проблеми во нашиот живот.

Во овој случај, ние сосема забораваме дека сме повикани да Го следиме Христа, и дека ако Го следиме тој пат тогаш сѐ друго останува во заден план и станува незначајно, нема никаков однос за нашето спасение. Затоа, кога човек не Го следи Бога, разговорот за ваквите „актуелни“ прашања му е многу интересен. Инаку ќе нема со што да се занимава и ќе исчезне основата за „борбата со еретиците“.

Често се поставува прашањето какво треба да е нашето богословие – прогресивно или не? Мене ми се чини дека цело богословие се сведува само на тоа дали човекот Го следи Христа или не. Но исто така мора да разбереме дека многу е опасно да го следи Христос без да имаме вистински мистичен опит, без да можеме „да ги разликуваме духовите“ (1 Кор. 12,10), без да ја чуваме трезвеноста и без да ги знаеме поважните вистини: Го бараш Бог, Кого не Го гледаш! Господ е апофатичен, односно недостижен, несфатлив. Да одиш, без да знаеш каде, во најмала рака е ризично дело.

На тој пат демнат и и гордоста и суетата, и сите лажни претстави, и сите можни демонски искушенија. И затоа не трудот не треба да се губи. Богослужбениот круг, светоотечкото предание се знаци на патот, светлина која го осветлува нашиот пат, но сепак овој пат останува кривулест и трускав. На тој пат сите ние правиме грешки и заталкуваме во ќор-сокаци, од кои потоа ни треба долго време да излеземе. Сепак, најстрашно е да запреме и задоволно да воздивнеме: „Па, на крај, стигнав! Сега сѐ е во ред, и за ништо не треба повеќе да се грижам“.

Протојереј Алексиј Уминскиј

Оставете коментар

1 Comment on "Што сакам од Бога? (2)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Полесно е да се почитува формата, отколку да се продре во суштината. Затоа голем дел од нас го носиме во себе фарисејството, место да тргнеме по потешкиот пат, кривулест и трускав, полн со неизвесност. Ни преостанува само постојано да се трудиме и да го молиме Господ да го осветли нашиот пат.
Сега сум далеку од Божјото царство и никој не може да ми гарантира дека ќе стигнам или ќе заталкам во некој ќор сокак. Затоа го молам Господ да најдам добар духовник кој ќе ме изведе на вистинскиот пат.

wpDiscuz