Што ќе нè раздели од љубовта Христова?

Израснав во Бингамтон, Њујорк, во една парохија во којашто црквата беше центарот на мојот живот. Како дете прислужував во олтарот и го посетував црковното училиште, кое беше големо! Имавме група за проучување на Библијата како тинејџери; црквата имаше и кошаркарска екипа (не бев добар во кошарка). Ја водев парохиската библиотека. Секоја сабота оние од нас кои прислужувавме во олтарот (а во тоа време нè имаше дури 36-мина!) вежбавме за на Литургија – пеевме, учевме различни последованија. И така, речиси секој викенд, бев во црква – Литургија во сабота, па вечерна, утрена, Воскресна Литургија… дополнително и на празници, крштевки, свадби и погреби, и сè друго од животот на Црквата.

По завршување на средното образование, се запишав на колеџ во близината, и живеев дома. Никогаш го немав проблемот со прашањето „Што ќе правам кога ќе бидам сам?“ Распоредот на предавања го прилагодував онака како би можел да учествувам на Литургија секогаш кога ќе се служи. Црквата беше местото каде сакав да сум.

Сакав да бидам во црква, и го сакав она што го правев во црква – особено прислужувањето во олтар и учењето нови нешта за верата. Па така, единствено логично ми беше да станам копија на мојот парохиски свештеник, блаженоупокоениот отец Стефан Дуко, за да можам да се стекнам со истиот опит што тој го имаше. Сакав да бидам како отец Стефан.

И бев. По завршувањето на колеџот се запишав во богословија. Се оженив и бев ракоположен на 22 годишна возраст. Бев назначен на мојата прва парохија, во Пенсилванија, и бев восхитен од сето тоа.

Но, потоа, сè се промени. По само 29 дена од нашата венчавка, со жена ми доживеавме сообраќајна несреќа. Таа погина. Јас бев во кома, во болница. Се разбудив по неколку месеци, збунет и огорчен, обземен од вина, преполн со сомнежи. Ги чувствував сите оние нешта кои било кој друг би ги чувствувал во таква ужасна ситуација. Зошто Бог дозволи да се случи тоа? Мора да е поради нечија вина. Сета таа збунетост, сиот гнев, со сигурност направија да започнам да размислува за тоа да се откажам од свештенството.

Но, не можев да замислам да не служам во олтарот. Не можев да замислам да го живеам животот надвор од тој долгогодишен опит. Едноставно, не можев да го замислам тоа.

И така, наместо да ја напуштам Црквата, го сторив токму тоа што требаше да го сторам – и она што многумина кои се наоѓаат во ужасни ситуации, од најмлади до најстари, ги советувам да го сторат. А тоа е – да се приближат до Христа, соочувајќи се со болката и агонијата и загубата. Кога го сторив тоа, тоа не беше некаков вид на внатрешно, „јас и Христос“ – искуство. Господ дојде до мене, и започна да ме исцелува преку лица, зборови, прегратки, преку љубовта на Неговиот народ: Црквата.

Еден од нив беше и мојот духовник, кој беше многу строг. Ми рече „Едноставно, твојата вера треба да проработи“. Едно од прашањата што ги поставив беше „Каде беше Бог кога се случи сето тоа?“. Тој ми одговори: „Денот кога Деби погина Бог беше на истото она место, на коешто беше на Велики Петок, кога Неговиот Син умре“. Ми рече и дека истиот тој ден бил и мојот Велики Петок… но дека сепак, Велики Петок не е крај на приказната, но дека Пасха е. Ме потсети дека Христос ја победи смртта – и дека јас морам да верувам дека мојата сопруга има удел во таа победа и Воскресение.

Велики Петок не е крај на приказната
Велики Петок не е крај на приказната

Ете, јас не ја напуштив Црквата. Не го оставив ни свештенството. Мојата прва парохија стана копија на оној опит што го доживеав како младо момче… и луѓето на кои им служев како млад вдовичен свештеник ми помогнаа да се исцели моето духовно здравје – на ист начин како што јас им помогнав во нивните мрачни моменти и потешкотии. Не се грижев само јас, како парох, за нив. Водени од Бога, како Негово семејство, се грижевме едни за други.

Еден познат христијански автор, Тертулијан, кој живеел околу 200 години по Христа, напишал: „Еден христијанин не е христијанин“. Со тоа мислел дека никој не се спасува сам… потребна е Црквата за човекот да се спаси. Кога и да погледнам назад, на тоа преболно време од мојот живот, повеќе од убеден сум дека никогаш немаше да преживеам – ниту духовно, а можеби и ниту буквално – без Црквата. Не мислам на црквата како на зграда, иако тоа е местото кадешто се собираме и се молиме, па дури и се забавуваме. Мислам на Црквата како заедница; постојаното присуство на народот Божји – мојот духовник, моите парохјани, моите браќа сослужители и нивните семејства, со нивните молитви и љубов кои ги споделуваат.

Иако се надевам дека ниту еден од вас, кои го читате овој текст, нема да мора да помине низ сè што поминав јас, сепак, некако се молам за кога и да искусите некаква потешкотија, сомнеж и пречка, преку Божјата благодат, верата да ви „проработи“. Се молам да барате и да го најдете исцелението и љубовта кои нашиот Господ ни ги дарува преку лицата, прегратките и молитвите на другите – љубовта на Христа Исуса, пројавена во заедницата на Неговата Црква.

Еден моите најомилени стихови од Библијата е од посланието на св. ап. Павле до Римјаните, во кои го поставува прашањето: „Кој ќе нè одвои од љубовта Божја?“ (Рим. 8,35). А потоа одговара дека ни височината, ни длабочината… ни животот, ни смртта… ништо не може да нè оддели од љубовта Божја во Исуса Христа, нашиот Господ. По молитвите на Црквата, јас сум жив доказ дека ова е вистина.

Г. Михаил, епископ Њујоршки

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz