Ставот на Православната Црква кон абортусот

(продолжение на првиот дел)

Значи, останува да мислиме дека
моментот на зачетокот на постоењето е ист и за телото и за душата.
–Свети Григориј Ниски

Во Светото Писмо јасно е изразена свесноста на личноста на нероденото. Истиот грчки збор brephos1 е употребен за детето и во утробата и надвор од утробата, за разлика од современата медицина и научните дистинкции на „зигот“, „ембрион“, „фетус“ итн., кои се користат за да се направи разлика меѓу фазите на пренаталниот живот. Латинскиот збор fetus едноставно значи „малото“ и неговата употреба воопшто не требало да означува негирање на човечноста на детето кое живее во утробата на својата мајка. Сличен јазичен пример се наоѓа и во Стариот Завет, во книгата Јов, кој се однесува на „младенците што не виделе светлина“.2

Христос ги благословува децата
Христос ги благословува децата

Во Стариот Завет, според тогашните закони, се правела разлика во казната за убивање на плодот во утробата на жената, во зависност од тоа дали тој бил оформен или не: „Кога луѓето се бијат, па некој од нив удри бремена жена, така што таа пометне, но не дојде до смрт, да плати глоба, колку ќе определи мажот на жената; а да ѝ плати колку ѝ припаѓа; ако, пак, плодот бил оформен, тогаш нека се даде живот за живот; око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога…“13 Значи, за неоформен плод се плаќала глоба, т.е. парична казна, а за оформен плод се барало живот за живот. И во двата случаи плодот се сметал за живо човечко битие и строго се казнувал таквиот чин.

Во Новиот Завет, пак, Самиот Господ Исус Христос ги благослови и ги положи Своите раце над децата, велејќи: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е Царството Небесно”.4

Абортусот, како проблематика, обработен е во повеќе канони или правила на Светата Православна Црква, и тој се среќава во Апостолските правила, каноните на Петто-шестиот Вселенски собор, на помесниот Анкириски собор, како и во каноните на свети Василиј Велики, свети Григориј Ниски и свети Јован Посник.5 За тоа кога започнува животот на еден нов човек, односно колку е важно дали плодот добил човечки облик или не, објаснување дава свети Василиј Велики во вториот канон, во кој стои дека не е важно дали плодот добил облик или не. Според него, таква разлика не постои, односно плодот во утробата е нов живот и за неговото уништување следува казна за убиство. Во прилог на ова тврдење оди и денешната медицинска наука, позната под името Ембриологија на човекот, според која новата индивидуа се создава со формирањето на зачетокот, односно со самото оплодување на една јајце клетка.6

Значи, и според Светите отци и според науката се работи за нов живот, од каде произлегува само еден одговор за тоа што претставува абортусот – тоа е ништо друго, туку убиство што може да биде извршено со умисла, односно како сакан грев, а во ретки случаи, и без умисла или како несакан грев. Притоа, како можни извршители на ова дело се јавуваат бремената жена и тој што ѝ помогнал да пометне, односно да абортира. Начинот на извршување може да биде со поставување тежина врз стомакот, намерно паѓање, стегање и слично, или со некои тревки за пометнување, плодоубиствени отрови или лекарства за пометнување, кои можат да придонесат за пометнување на плодот.7

Причината за извршување на ова убиство, според познатите толкувачи на каноните: Зонар, Аристин, Валсамон, Никодим Милаш, а и во Славјанската Кормчија, е прикривањето на несаканата бременост на т.н. блудница или несреќна жена, која тајно живеела со некој во блуд и останала бремена, за да не се дознае и да не се посрамоти пред другите.8 Ова нивно толкување наоѓа своја поткрепа и во Македонското обичајно право, во делот „Брачното и семејното обичајно право на македонскиот народ“, кое го обработува проф. д-р Миле Хаџи-Василев Вардарски. Таму се вели дека срамот за вонбрачното раѓање се пренесувал на целото семејство, па затоа се прибегнувало кон што побрзо ослободување од несаканата рожба. Родителите, како и самата забременета девојка, ја „криеле“ бременоста и настојувале што побргу да биде прекината. Притоа, се вршело чедоморство за кое не биле бирани средства и начини. И самиот Шапкарев додава дека „вонбрачните деца биле голема реткост, а уште поретко останувале живи“.9

Во Црковното казнено право на Милаш, абортусот е сместен во убиства извршени со умисла, а казната (епитимијата) што ја одредиле Светите отци на Анкирискиот собор, потврдена и со каноните на свети Василиј Велики, е забрана за причестување во период од десет години. Оваа казна се смета за почовекољубива од казната на тој што се занимава со правење лекови за пометнување, бидејќи нему му се забранува Причест до крајот на животот.10 Свети Јован Посник, пак, за тие што со умисла го убиваат зачетокот во утробата предвидел забрана за Причест од три до пет години, односно ако не сакајќи или без умисла жената го пометнала детето, предвидена е забрана во период од една година.11

Крштение

Меѓутоа, свети Василиј Велики, во неговиот 2 канон, уште додава дека исцелението не се одредува со времето, туку со начинот на покајание. За овој дел од канонот свое објаснување дава Никодим Милаш, во коментар кон канонот, објаснувајќи дека тоа време од десет години може и да се скрати доколку жената покаже дека искрено и од срце се кае за својот грев.12 Во истиот коментар, Никодим Милаш уште наведува и дека ако жената намерно го уништи зачетокот во својата утроба без да го праша својот сопруг, но тој дознае, тоа може да биде причина за развод, која и до ден-денес постои во Православната Црква.13

Но, иако Црквата го смета абортусот за убиство, сепак, таа прави исклучок во случај кога поради бременоста е загрозен животот на жената. Во тој случај, одлуката треба да се донесе во согласност со медицинско лице, духовниот отец, а секако и со таткото на детето.14 Но, и во таков случај презвитер Јован Маендорф смета дека „ужасната одговорност за одлуката е со полна свесност за фактот дека убивањето останува убивање“.15

Во случај на силување или родосквернавење, или во случај на опасност од болест, треба што побрзо медицински да се интервенира, за да се исчисти спермата и да не дојде до оплодување, и тоа, ако е можно, веднаш, а најдоцна до третиот ден. Доколку дојде до оплодување, плодот треба да се носи докрај, а може да се прифати алтернативата детето да се даде на посвојување.16

Кога, пак, се работи за случај кога постои голема можност или дефинитивно се знае дека детето ќе се роди со сериозни деформитети или ментална и физичка попреченост, не може да се направи исклучок и да се дозволи абортус, бидејќи и таквите луѓе се создадени според образот и волјата Божји.17

За тоа дали треба да се прави исклучок кога се во прашање тешки материјални, лични и семејни причини, мислам дека е излишно да се зборува.

Вечен, единствен и неповторлив

Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност и ме прифати од мајчината ми утроба.
Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, што си ја создал тајно, и природата моја во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене, дури и деновите мои се забележани
кога уште не постоеше ниеден.
(Пс. 138, 13–16)

Оттука произлегува заклучокот, кој за секој Христов верник е нешто најнормално, а тоа е дека Божјото учество во создавањето и животот на секој човек е апсолутно – не само од неговиот зачеток, туку уште пред неговото постоење. Тогаш, ако Бог го создал животот, кои сме ние да го прекратиме? Каде е овде љубовта кон Бога, љубовта кон ближниот? Зашто, кој им е поблизок на мајката и таткото ако не оној кој е во утробата на мајката, создаден од нивната плот? Дали воопшто има потреба тоа да се ограничува со закон, иако, денес, според световното право во Република Македонија, гледаме дека истото се коси со правото на живот? Зарем толку отпаднавме од Бог што дури и животот на нашите деца треба да биде заштитуван со закон? И тоа од кого – од сопствените родители!

Црковното право, следејќи го она што Бог го рекол, а подоцна и Светите отци (земајќи ја предвид и денешната пракса), абортусот неспорно го смета за убиство, или поточно – детеубиство, освен во случајот кога е загрозен животот на мајката, за разлика од световното право каде и по десетата недела се дозволува, како што е објаснето погоре.

Децата се љубовта што Бог изобилно и непрестајно ни ја дарува, секогаш одново откривајќи ни ја убавината на новиот живот, кој „е вечен, и е единствен и неповторлив дури и за Самиот Него“.18 Тој дар од Бога е сѐ, тој дар е она што го продолжува нашиот живот, животот на целото човештво, кое ако продолжи да се себеубива, нема да ја надмине каиноавелијата што го гони уште од самиот почеток на неговото опстојување надвор од рајот.

Панче Ќосев, магистер на правни науки
докторант на Богословскиот факултет при универзитетот „Овидиус“ во Констанца, Романија

Извор: списание „Премин“, двоброј 115/116

1 Грч. βρέφος.
2 Види: Јов 3, 16.
3 Исход 21, 22–23.
4 Види: Матеј 19, 13–15.
5 65 Апостолско правило; 91 канон на Трулскиот вселенски собор; 21 канон на помесниот Анкириски собор;
2, 8, 56, 57 канон на свети Василиј Велики; 5 канон на свети Григориј Ниски, како и 33 и 34 канон на свети
Јован Посник.
6 Лилјана Миленкова, Невена Костовска, „Општа ембриологија на човекот: учебник за студенти по медицина и по стоматологија“, Уникат компани, Валандово, 2009, стр. 13.
7 Канон 2 и Канон 8 на свети Василиј Велики, Архиепископ на Кесарија Кападокиска.
8 Правилата на Св. Православна Църква съ тълкованията имъ., Том II., София, 1913, стр. 365–367; 607–609.
9 Прилози за обичајното право на македонскиот народ“, уредувачки одбор: Александар Христов, Миле Хаџи Василев, Асен Групче, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2000, стр. 208–209.
10 Милаш Никодим, епископ далматински, „Црквено казнено право“, Шибеник: Истина, издавачка установа Епархије далматинске, Београд, 2005, стр. 430.
11 33 и 34 канон на свети Јован Посник.
12 Правила Православне Цркве с тумачењима. Књ.2, радња Никодима, епископа далматинског, фототипско изд., Шибеник: Истина, издавачка установа Епархије далматинске, Београд, 2004, стр. 352.
13 Истото, стр. 352.
14 „Светиња живота и чедоморство“, „Светигора“ – издавачка установа Митрополије Црногорско-приморске, Цетиње, 1995, стр. 33–34; член 94 од „Брачна правила Српске Православне Цркве“, издање Светог Архиерејског Синода, Сремски Карловци, Српска манастирска штампарија, 1933 г.; „Основы социяльной концепции Русской Православной Церкви“, стр. 43;
15 Презвитер Јован Маендорф, „Брак: Православна перспектива“, Скопје, 2012, стр. 66.
16 Abortion, Oikonomia and “the hard cases,” a study by Valerie H. Protopapas, стр. 9.
17 Истото, стр. 33.
18 Митрополит Струмички Наум, „Само едно е потребно“, Библиотека Воведение, Велјуса, 2013, стр. 14.

Оставете коментар

1 Comment on "Ставот на Православната Црква кон абортусот"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] (продолжение на првиот дел) Значи, останува да мислиме дека моментот на зачетокот на постоењето е ист и за телото и за душата. –Свети Григориј Ниски Во Светото Писмо јасно е изразена свесноста на личноста на нероденото. Истиот грчки збор brephos1 е употребен за детето и во утробата и надвор од утробата, за разлика од современата […]Read more […]

wpDiscuz