Старецот и разбојникот

На Света Гора живееше еден старец, испосник, кој седумдесет години испоснички се подвизуваше во пустината, трудејќи се во постот, целомудрието и молитвата. И макар што богобојажливо трудуваше пред Бога толку многу години, никогаш не беше удостоен со Божјо откровение. Размислувајќи и носејќи ја оваа помисла во себе си, си рече: „Можеби моите подвизи не Му се угодни на Бога од некоја причина која јас не ја знам, и мојот труд не се принесува пред Неговиот престол; токму поради тоа не добивам откровенија, ниту пак ми се открива некоја тајна“. Со овие мисли тој почна уште поусрдно да Му следува и да Му се моли на Бога, просејќи од Него милост со овие зборови: „Господи, ако мојот подвиг е угоден предТебе, и ги прифаќаш моите дела, јас –грешниот и недостојниот, Те молам и на мене излеј барем капка од Твоите дарови, како би можел да видам дека си ја услишил мојата молитва, та охрабрен и просветлен да го доодживеам мојот аскетски живот“. Како што се молеше и ги просеше овие нешта, го чу гласот Божји како му вели: „Ако сакаш да ја видиш Мојата слава, навлези уште повеќе во пустината, и тајните ќе ти бидат откриени“.

Проповед

Кога старецот го чу ова, излезе од својата келија и се упати длабоко во пустината. Одејќи, пресретна еден разбојник кој, гледајќи го старецот, се затрча кон него со желба да го убие. Кога го пресретна, му рече: „Добро е што налетав на тебе, старче, за да можам да ја завршам мојата работа и да се спасам. Кај нас, разбојниците, постои обичај, закон, или верување, како сакаш наречи го: оној кој ќе успее да убие сто луѓе, сигурно ќе оди во рајот. И така, трудејќи се многу, јас убив деведесет и девет луѓе, со сите сили барав уште еден човек да го убијам, за да бидам спасен. Навистина сум ти должен и благодарен, затоа што уште денеска ќе се радувам во рајот заради тебе“.

Кога старецот ги чу зборовите на разбојникот, се растревожи и се исплаши од ова неочекувано и безнадежно искушение. Свртувајќи ги очите на умот кон Бога, и размислувајќи што да прави, Му се обрати на Бога: „Ова ли е Твојата слава, Господи и Владико на сè, која ми вети дека ќе ми ја покажеш како на Свој слуга? Каков е тој совет кој ми го даде, да ја напуштам својата келија и да ја откријам оваа голема и страшна тајна? Со вакви дарови ли ми враќаш за подвизите кои во Твое име ги сотворив? Сега вистински знам, Господи, дека сиот мој пустински напор е суетен, и секоја молитва која Ти ја принесов Ти била одвратна и неугодна. Сепак, Ти благодарам за Твоето човекољубие, Господи, зашто Ти сè знаеш, и го казнуваш моето недостоинство кое е во мене, и поради моите непростени гревови ме предаде во рацете на крадец и убиец“.

Изговарајќи ги овие зборови, нажалениот старец одеднаш ожедне многу, и му рече на разбојникот: „Чедо, бидејќи сум грешен, Бог ме предаде на тебе за да ме убиеш, тебе да ти се исполни желбата, а мене – за да ми биде одземен животот, бидејќи сум лош. И поради тоа, те молам да ме послушаш. Имам една мала желба, дај ми малку вода да се напијам, а потоа отсечи ми ја главата“. Кога разбојникот го слушна старецот, посака да му ја исполни желбата и да го послуша. Го врати својот меч во обвивката, ја извади матарката од пазувите и појде кон ближната река за да налее вода и да му даде на старецот да пие. Кога замина да налее вода, ја испушти душата и се упокои. Кога помина малку време, старецот се замисли и си рече: „Можеби бил поспан и заспал, и затоа споро ќе се враќа. Можеби ќе можам да избегам во келијата. Но, бидејќи сум стар, се плашам да не немам доволно сила да трчам, па ќе се заморам и тој ќе ме престигне. И тогаш ќе го прогневам, и ќе посака да ме мачи без и малку жал, и жив ќе ме пресече на многу делови. Подобро е да не побегнам, туку да одам до реката и да видам што прави“.

Со овие мисли старецот појде кон реката, и наоѓајќи го мртов се зачуди и се поврати наназад. Кревајќи ги рацете кон небото, извика: „Господи, Ти кој си човекољубец, доколку не ми ја откриеш оваа тајна, нема да ги спуштам рацеве. Затоа, сожали се на мојата мака, и откриј ми ја тајнава“.

Како што се молеше, ангел Божји дојде и му објави: „Го гледаш ли старецу, овој мртов човек кој пред тебе? Заради тебе тој беше земен со неочекувана смрт, за ти да можеш да побегнеш, а тој да не те убие. И затоа, закопај го како човек кој е спасен. Оти, послушувајќи те со тоа што го врати својот убиствен меч во обвивката за да ти донесе вода со која би го изгаснал пламенот на твојата жед, го смири гневот Божји и беше прифатен како послушник. Неговото разоткривање на деведесет и деветте убиства се сметаше за исповедување. Затоа, погреби го и сметај го за спасен. И преку ова, дознај ја големината на Божјото човекољубие и сожалување. И радувајќи се, врати се во твојата келија, и бдеј во твоите молитви, и немој да се нажалуваш велејќи дека си грешник и одделен од откровенијата. Внимавај, Бог откри една голема тајна пред тебе. А знај го и ова, дека твојот аскетски подвиг е прифатен пред Бога, оти нема подвиг кој во Негово име е направен, а да не дојде пред Неговите нозе“.

Откако го слушна ова, старецот го погреба човекот, благодарејќи Му и славословејќи Го Бога.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz