Самиот Господ ќе нè научи на молитва

Човекот бара радост и среќа на небото. Го обара она што е вечно, далеку од сите и од сè: бара да ја наде радоста во Бога. Бог е тајна. Тој е молчење. Тој е бесконечен. Тој е сè. Секој човек има стремеж на душата кон небото. Сите бараат нешто небесно. Кон Бога се упатени сите битија, макар и несвесно.

Старечник

Кон Него постојано насочувајте го својот ум! Возљубете ја молитвата, тој разговор со Господа! Сè е љубов – љубов кон Господа, кон Женихот [Младоженецот]. Бидете достојни на љубовта Христова! Започнете ја молитвата, за да не живеете во мрак; и божјата светлина ќе дојде во вашата душа. Во длабочините на вашето битие ќе се јави Христос. Таму, во длабочините, се наоѓа Царството Божјо: „Царството Божјо е внатре во вас“ (Лк. 17,21).

Молитвата се остварува само преку Светиот Дух. Тој ја учи душата како да се моли. „бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување“ (Рим. 8,26). Ние не треба да вложуваме никаков напор. Доволно е да се обратиме кон Бога со расположението на смерниот слуга, со молбен и преколнувачки глас. Тогаш нашата молитва ќе биде угодна пред Бога. Да стоиме со побожност пред Распнатиот, и да говориме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Со тоа, сè е кажано. Кога човечкиот ум се придвижува во молитвата, тогаш во дел од секундата доаѓа божјата благодат. Тогаш човекот се облагодатува и сè гледа со други очи. Сета суштина е во тоа да Го возљубиме Христа, молтвата, проучувањето на светите писанија. Да го земеме за пример бројот милион, па да го поделиме на единици. Човечкиот удел во подвигот претставува милионски дел од сè.

Пред молитвата, душата треба да се подготви со молитва. Тоа значи: за молитва, потребна е молитва. Видете како свештеникот се моли на светата Литургија, пред читањето на светото Евангелие:

„Заблескај ја во нашите срца, човекољубив Владико, неминливата светлост на Твоето богопознание, и нашите духовни очи отвори ги за разбирање на Твоите евангелски проповеди. Возложи го во нас и благоговението на Твоите блажени заповеди та, победувајќи ги сите плотски похоти, да оствариме духовно живеење, мислејќи и творејќи сè што Тебе Ти е угодно. Зашто Ти Си просветлување на нашите души и тела, Христе Боже, и Тебе слава Ти вознесуваме, со беспочетниот Твој Отец, и пресветиот и благ и животворен Твој Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.“

Во молитвата навлегуваме, без да го забележиме тоа. Притоа, треба да имаме соодветна духовна клима. Дружењето со Христа, духовниот разговор, проучувањето на духовни книги, пеење, запаленото кандило, темјан – сето тоа ја сочинува соодветната клима, така што сè се случува едноставно, во простотата на срцето (Прем. Сол. 1,1). Читајќи ги псалмите, и извршувајќи ги светите богослужби со љубов, стануваме свети, иако не сме свесни за тоа. Се радуваме, благодарејќи на божествените зборови. Таа радост и восхит го претставуваат нашиот труд , за полесно да влеземе во молитвена атмосфера. Тоа е, како што се вели, нашето „загревање“ за молитва. Притоа можеме на ум да имаме и убави призори на предели кои сме ги виделе. Ова е добар и безболен обид. Но, да не ги заборавиме ниту Господовите зборови: „Без Мене ништо не можете да направите“ (Јн. 15,5).

Самиот Господ ќе нè научи на молитва. Нема сами да се научиме, ниту пак, некој друг ќе нè научи. Да не говориме: Направив толку и толку метании – според тоа, сега си обезбедив благодат, туку молитвено да бараме во нас да засветли неминливата светлина на богопознанието, и да се отворат нашите духовни очи, за да ги разбереме божествените зборови.

На овој начин Бога Го љубиме без самопринудување, без труд и напор, и без да го воочиме тоа. Она што за луѓето е тешко, за Бога е многу лесно. Бога ќе Го возљубиме изненадно – кога ќе нè осени благодатта. Доколку многу Го возљубиме Христа, молитвата ќе се случува сама од себе. Христос трајно ќе пребива во нашиот ум и срце.

Меѓутоа, за да останеме во ваквата духовна состојба, и да не ја изгубиме, неопходна ни е божествена, пламена љубов кон Христа. Нашата љубов е усмерена кон едно вишо Битие. Бог сецелосно го љуби човекот, а човекот од своја страна, посакува да дојде до Љубениот. Бог го љуби човекот со божествена и совршена љубов. Љубејќи го човекот, Бог е несебичен.

Љубовта кон Бога уште е повозвишена, кога се изразува како благодарност. Неопходно е да Го љубиме Бога, но не затоа што тоа е наша должност, туку онака, како што ни е неопходно да јадеме, за да преживиме. Имено, честопати се обраќаме кон Бога поради нашата потреба да се ослониме на некого, бидејќи во никој друг околу нас не го наоѓаме мирот и спокојството.

Старец Порфириј

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz