Писмо прво од старец Пајсиј Светогорец

1 јануари 1974 год.

Те поздравувам, возљубен мој брату Дионисиј!

Нека Сесветиот витлеемски Младенец ја благослови годината која претстои!

Го добив твоето писмо. Ми поставуваш прашање за сопружничките односи на женетите свештеници, а исто и на мирјаните. Зошто Светите Отци не даваат потполно прецизни одредби? Тоа значи дека постои и нешто неодредено, зашто не сите луѓе можат да живеат според еден ист калап. Светите Отци голем дел ни препуштиле на нашето рассудување, грижа, духовно чувство и можностите на секој од нас.

Кана Галилејска

За да биде поразбирливо за тебе, ќе ти посочам неколку примери од животите на женетите свештеници и лаици, кои и ден денес се живи и кои ги познавам. Меѓу нив има такви кои, склучувајќи брачна врска, родиле едно, две или три деца, а потоа продолжиле да живеат чисто. Други стапуваат во брачна присност само привремено, поради раѓање на деца, додека останатото време живеат како брат и сестра. Некои пак, се воздржуваат само за време на пост, а потоа имаат блиски односи. Некои дури ни тоа не можат да го постигнат. Постојат и такви кои имаат односи во средина на неделата, како би биле чисти три дена пред и три дена по божествената Евхаристија. Некои и тука се препнуваат, оти Христос, јавувајќи им се на апостолите по Воскресението, веднаш им рекол: „Како што Отецот ме прати мене и Јас ве испраќам вас… Примете Дух Свет! На оние на кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, и на кои ќе им ги задржите, задржани се.“ (Јн. 20;21,23).

Целта е секој да се подвизува со рассудување и грижливост, во согласност со своите духовни сили.

На почетокот, секако, пречи младоста, но со текот на времето телото заслабнува а духот се укрепува, така што и оженетите започнуваат да ја вкусуваат божествената наслада. Тогаш луѓето по природен пат се оддалечуваат од телесната наслада, која во нивните очи бива ништовна. Така се подвизуваат оженетите и доаѓаат во рајот преку мирниот пат со кривини, додека монасите таму пристигаат искачувајќи се по карпите и освојувајќи ги врвовите.

Мораш да имаш в предвид дека проблемот на односите не е само твој, и дека немаш право сè да определуваш сам, туку исклучиво во взаемна согласност, како што заповеда и апостол Павле. Кога тоа се случува со взаемна согласност, повторно е потребна молитва. Силниот мора да се стави во позиција на слабиот. Следново се случува често: едната страна се согласува (на воздржание) за да не ја ожалости другата, но затоа страда одвнатре. Тоа најчесто се случува со жените кои имаат помалку страв Божји и поживо тело. Често се случува благочестивите мажи, откако од своите жени ќе чујат согласни зборови, неразумно да го продолжуваат периодот на воздржување, и тогаш жените да страдаат: стануваат нервозни и слично. Мажите сметаат дека нивните жени се утврдиле во добродетелите и сакаат да живеат уште почисто, имајќи односи само после подолги периоди. Жената поради тоа се воведува во искушение и сака да стапи во врска со нејзините пријатели. Кога ќе дојде до пад, ги мачи грижа на совеста. Мажите настојуваат да живеат уште почисто, иако увидуваат дека нивните жени не се наклонети кон тоа. На тој начин мажите претпоставуваат дека жените оствариле духовен напредок, и дека не сакаат да живеат телесно. Меѓутоа, овде постои физичка причина и женскиот егоизам има оправдување, како и љубомората која ја чувствуваат послабите. Согледувајќи дека мажот сака да живее духовен живот, жената се присилува оти сака да го надмине.

Прости ми што навлегов во туѓ виноград, уште повеќе што монашка работа се бројаниците, а не темата за која ти пишувам. Меѓутоа, за да не те ожалостам, ќе ти напишам нешто од она што оддалеку го знам, а поради што страдаат многу наши браќа во светот, и што на непријателот му дава можност да делува.

Од големо значење е сопружниците да се слични по телесниот состав. Кога едното (тело) е слабо и кротко, а другото е многу живо, потребно е посилното да се жртвува за болезливото. Болното преку негова помош постепено ќе заздрави, а кога и двете се здрави, можат да тргнат напред.

Како што и на почеток ти пишав, за осветувањето на женетите потребни се подвиг, грижа и рассудување. Според тоа, ако кон оваа тема не пристапиме на духовен начин, би можеле да помислиме дека на оженетите не им е потребно големо подвизување. Сметам дека е неправилно човек да се ожени само за да би јадел, спиел и имал телесна наслада, оти сето тоа е телесно, а човекот е не само тело, туку и дух. Телото треба да го потпомага осветувањето на душата, а не нејзиното уништување.

Бог го знае подвигот на секој од нас и силата која му ја дарил, па според тоа и ќе бара одговор. Јас сите нив подеднакво ги љубам и се радувам на усрдните подвижници. Само да не вршат злоделни абортуси и останатото…
Те молам да ми простиш за ракописов, затоа што брзам. Треба да извршам уште едно духовно дело, а потоа ме очекува голем број писма. Ти пишувам брзо, за брзо да пристапиш кон извршувањето на своите намери. Нека Христос и Пресвета Богородица бидат со тебе.

Со Христова љубов,
монах Пајсиј

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz