Старец Порфириј: За Божјата љубов

Христе мој, едно барам, едно посакувам: да бидам со Тебе

Да Го љубиме Христа, и единствена наша надеж да биде Он. Да Го љубиме Христа заради Него, а никогаш заради нас. Нека нè стави кадешто сака, и нека ни даде што сака. Ние да не Го љубиме заради Неговите дарови. Претставува егоизам ако велиме: „Христос ќе ме стави во убаво живеалиште што го има направено. Христос го има подготвено, а тоа го вели Евангелието: Во домот на Мојот Отец има многу живеалишта…за да бидете и вие таму кадешто Сум Јас“. Правилно е да велиме вака: „Христе мој, како што сака Твојата љубов. Мене ми е доволно да живеам во Твојата љубов“.

Јас кутриот, што да ви кажам…многу сум слаб. Не успеав толку многу да Го возљубам Христос, мојата душа да копнее по Него. Чувствувам дека сум многу назад. Така јас чувствувам. Немам стигнато таму кадешто сакам, не ја живеам таа љубов. Но не се обесхрабрувам, туку ѝ се доверувам на Божјата љубов. Му велам на Христос: „Знам дека сум недостоен. Испрати ме таму кадешто сака Твојата љубов. Тоа го посакувам, тоа го барам. Во мојот живот секогаш Ти служев“.

Кога бев тешко болен и за малку бев пред заминување на небесата, јас не сакав да мислам на моите гревови. Сакав да мислам на љубовта на мојот Господ, на мојот Христос, и на вечниот живот. Не сакав да имам страв. Сакав да одам при Господ и да мислам на Неговата благост, на Неговата љубов. И сега, кога се ближи крајот на мојот живот, јас немам страв и агонија, туку си мислам дека кога ќе се појавам на Второто Христово Доаѓање и Христос ќе ми рече: „пријателе, како влезе тука, без да имаш свадбена облека?“ , јас ќе ја наведнам главата и ќе речам: „Господи мој, како што сакаш Ти, и што сака Твојата љубов, тоа нека биде. Знам дека не сум достоен. Испрати ме кадешто сака Твојата љубов. Достоен сум за пеколот. И во пеколот да ме ставиш, мене ми е доволно само да бидам со Тебе. Едно сакам, една желба имам, едно барам, а тоа е да бидам заедно со Тебе, кадешто сакаш и како што сакаш Ти“.

Се трудам да се предадам на љубовта и на служењето на Бога. Свесен сум за грешноста, но живеам со надеж. Лошо е да очајуваш, бидејќи разочараниот се огорчува и ги губи својата сила и елан. А тој што се надева, напредува напред. Се труди да се збогати, затоа што чувствува дека е сиромашен. Што прави сиромашниот? Кога е паметен, се обидува да најде начин да се збогати.

И покрај тоа што се чувствувам така слаб и не сум го постигнал она по што копнеам, јас сепак не очајувам. Како што ви реков, ме утешува тоа што не престанувам постојано да се трудам. Меѓутоа не го правам она што го сакам. Молете се и за мене. Работата е во тоа што не можам безрезервно да Го возљубам Христос без Неговата благодат.

Христос не остава да се манифестира Неговата љубов доколку мојата душа нема нешто што би Го привлекло кон себе.

Можеби тоа нешто ми недостасува, па затоа Го молам Бога и велам: „Христе мој, многу сум слаб. Само Ти со Твојата благодат ќе успееш да ме удостоиш онака како апостолот Павле, кој се радувал и фалел, па и јас со него да велам: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“ .

Со тоа се занимавам. Се трудам да наоѓам начини да Го возљубам Христос. Таа љубов е незаситна. Колку повеќе Го љубиш Христос, толку повеќе мислиш дека не Го љубиш и копнееш уште повеќе да Го возљубиш. Меѓутоа, незабележливо одиш сè повисоко и повисоко.

Преземено од „Православен Пат“ бр. 31
Извадок од книгата „Γέροντος Πορφυρίου Καυσοκαλυβίτου, Βίος καί λόγοι“
Превод: Јеромонах Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz