Старец Пајсиј: За изборот на професијата

Старче, некои родители ги наведуваат своите деца на своето занимање, а честопати дури и ги принудуваат на тоа.

Тие не прават добро. Не треба да ги принудуваат своите деца да го прават она што ним им се допаѓа, доколку истото не ги успокојува нивните деца. Познавам еден млад човек кој сакаше да студира богословие и да стане свештеник. Меѓутоа, мајка му тоа не го допушташе: вршеше притисок врз него да студира медицина. Детето го проучуваше византиското пеење и започна да пее. Дури и сам направи еден музички инструмент, со чија помош ги определуваше гласовите. Музиката ја знаеше на памет. Имаше дар. Дури и тропари составуваше, служби… Штом заврши гимназија, ги положи испитите и се запиша на Богословски факултет. Од жал, неговата мајка доживеа мозочен удар. Потоа доаѓаше да ме моли: „Моли се, оче, да оздравам, а мојот син нека прави што сака.“ Штом оздраве, повторно не му допушташе да го прави тоа што сака. На крај, момчето сè напушти и се упропасти.

На младите луѓе кои ги гледам дека размислуваат околу тоа со која наука би се занимавале им велам: „Размислете која наука ви се допаѓа, за да се занимавате со тоа што е во вашата природа“. Ако она со коешто мислат да се занимаваат не е во нивната природа, се трудам самите тие да увидат каде ги влече срцето; тоа е обично она што е во нивната природа, и така им помагам. Значи, им помагам да ја следат науката што ја сакаат, и да изберат работа што е во склад со нивните способности. Доволно е да го чинат тоа што на Бога Му е угодно. Ако некој има склоност кон музиката, треба да стане музичар, или добар псалт, кој со својот живот и пеење ќе им помогне на сите кои ќе го слушаат, за на тој начин да ја засакаат Црквата и молитвата. Ако пак, некој има склоност кон сликањето, нека стане сликар, или иконописец, и благочестиво нека изработува икони што ќе чудотворат. А, ако има склоност за некоја наука, нека ѝ се посвети и усрдно нека работи.

И, видете, уште од мали нозе се гледа кој за што е способен. Еднаш, во манастирот во Стоми дојде еден човек со две малечки деца. Едното од нив, на возраст од шест-седум години, седна покрај нас и постојано нè распрашуваше нешто. Го прашав: „Што ќе станеш кога ќе пораснеш?“ – Правник!, ми рече. Другото дете, пак, се изгуби. Го прашав неговиот вујкo: „Каде го снема другото дете? Да не падна некаде?“ Излеговме надвор за да го најдеме, и чувме некакво тропање во столарската работилница. Влеговме во неа, и имавме што да видиме: даската што се наоѓаше на една маса, на која започнавме да работиме и која веќе беше мазна, потполно ја уништи со длетото! „Што ќе бидеш кога ќе пораснеш?“, го прашав. – Ќе изработувам мебел, – вели. „Навистина, ќе изработуваш. Нека ти е на здравје и оваа даска што ја расипа. Не е важно!“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz