Стар и Нов човек

Зошто никој не крпи стара облека со нова крпа, оти таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем; ниту, пак, се става ново вино во стари мевови, инаку, мевовите ќе напукаат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат, туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.

Мт. 9, 16-17

Што сум сторил ако ставам нова крпа врз старата облека кога старото ќе се отшие, а отворот ќе биде уште поголем? Сè уште сум стариот човек и доблести од новиот нема да ми помогнат ако привремено ги користам како закрпа на раните маркирани како страсти, ниту пак ќе профункционираат хармонично во отпаднатото тело кое со задоволство би ги отфрлило туѓите компоненти. Неуверен доволно во сопствената мисла и полн со надеж дека некоја постапка ќе донесе плодови и покрај тоа што не е спроведена доследно по благословениот пат, ставав стари крпи насекаде и ја очекував нивната добротворност или барем сенка од ветеното за оние кои ќе се родат од Дух. Но, ново вино не се става во стари мевови, инаку и мевовите ќе напукаат, а и виното ќе истече…

Попуста ми беше новата љубов ако сум ја ставил како закрпа на старата завист, која и онака не ги поднесува другите, но сега загрозена лично себеси со покривката која ќе треба да ја облагороди, па и замени, ќе биде уште повоинствена во напорите да го напушти темниот ќош во кој кршеше прсти и гризеше усни по среќата од ближните и стигне до првите редови на фронтот со директно влијание во државниот удар за отфрлање на новата крпа. Попусто ми беше новото смирение ако сум го ставил како закрпа на старата похот, која и онака беше навикната да врие и пече, но сега загрозена лично себеси со покривката која ќе треба да ја лади и заузда, да ѝ шепоти за наградата во висините подрагоцена од трулежното самозадоволување, ќе биде уште повоинствена во напорите да го напушти казанот полн со оган и смрдеа и стигне до првите редови од каде лесно ќе го погоди разумот со својата илузија дека наситеноста, оргазмот и поседувањето се категории силни по својата краткотрајност и полетување. И попуста ми беше новата вера ако сум ја ставил како закрпа на стариот сомнеж, кој и онака ми оттурнуваше сè што е свето, и сега загрозен лично себеси со покривката која ќе треба да го обнадежи и ослободи, претвори од колеблива ларва која ровари низ душата во прекрасна пеперутка со боите на виножитото и денот кој не заоѓа, ќе биде уште повоинствен во напорите да го напушти гнездото на непроспиени ноќи и стигне до првите редови на фронтот од каде ќе штрајкува против Бога, Кој не може да Го здогледа и благодатта за која не знае кому се објавува.

Кападокија

Туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото. Ако бидам нов човек ќе наследам и храм очистен со многу место за Светлината. Новата љубов ќе сака да го прегрне целиот свет, онака горделив, завидлив и суетен, како превезот на нејзините очи да ги избришал заклучоците за природата човечка. Сè ќе биде онака како тоа го сторил добриот Самарјанин или по поуката ближниот свој да се сака како себеси. Новото смирение нема да го сфати бунтот на телото во минатото и ќе биде сведок на молитвата кон Бога да ја изгони помислата за други нечисти утра и мир за денот денешен и покрај честите револуции надвор. Како куќа изградена на камен ќе стојам насреде злото, неговото семејство и познаници, нивните намери да се откаже Небото, стравот од Апокалипсата, математичките прогресии на инсекти и вулканите за кои се очекува да татнат, и нема да се исплашам само поради Твојот жезол заштитник. Новата вера нема да ги бара отворите од клинците за да се увери дека Јагнето беше на крстот и за мене. Ќе биде силна така што ако сака и планини ќе поместува, ќе знае дека смртта на земјата е само сон за домот на ангелите, и ќе гори сè додека не ме однесе таму.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz