Сродни души

Гувернерот на Каролина имал врска со една жена која не му била сопруга и за која, кога се дознало, се оправдал со тоа што рекол дека таа е негова „сродна душа“. Терминот се користи постојано во нашево време и некои, за жал, претпоставуваат дека ние треба да сме во постојана потрага по сродната душа. Се разбира, ова се глупости. Не постои такво нешто, барем не во контекстот во којшто ние го користиме терминот.

Татко ми, пред прерано да се упокои, ме научи на многу мудри работи, а една од нив беше дека ние не се вљубуваме во „вистинската личност“ која е создадена за нас; она што најчесто се случува е тоа дека ние доаѓаме до момент во животот кога сме подготвени да создадеме семејство и личноста која најмногу одговара на нашата слика за сопружник во тој момент е онаа врз која ние го насочуваме нашето внимание. Има голема вистина во ова. Неколку пати сум го видел ова како парохиски свештеник.

Едно време, ова и не беше лоша работа. Живеевме околу луѓе кои биле израснати според сличната позадина и основни вредности како и нашите. Нашите семејства, најчесто се познаваа одредено време. Очекувањата беа заеднички. Сега на луѓето заеднички можат да им бидат само 4 години на факултет (или една вечер во ноќен клуб) и страста која ги преплавила – каква основа! – но тие велат „Ја најдов мојата сродна душа“.

Вистинската љубов, онаа која навистина успева и е добра за нас, подразбира повеќе од привлечност и почит; подразбира активна, пожртвувана љубов. Вистинската љубов не е самоактуелизација ниту пак самоосознавање – тоа може да биде терапија, а не љубов. Вистинската љубов го подразбира Крстот Христов, затоа што Бог е Љубов. Е, ова е веќе потешкиот дел: нам не ни се допаѓа жртвувањето, сакаме романтизам наместо тоа. Личност која се раководи само според романтична љубов никогаш нема да ја открие вистинската љубов. Романтичната љубов во крајна мера е тажна, меланхолична фигура која од работ на карпата го гледа бранувањето на морето.

Љубовта е себепринесување и себежртвување. Може ли да е поинаку? Христос рекол „никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели“. Ова е конечна дефиниција за љубовта. Мнозина веднаш се обрнуваат кон главата 13 од Првото послание на св. Апостол Павле до Коринтјаните, но Евангелието доаѓа прво. Да, љубовта долго трпи, љубовта е милостива, и така натаму, затоа што тоа е начинот на кој ние се жртвуваме за другата личност секој ден. Љубовта е прегрнување на Крстот лично поради некоја друга личност. Ова не е лесна задача. Потребна е борба за да се изврши, но всушност тоа е вистинската христијанска борба.

Позади „сродната душа“ стои претпоставката дека таа личност е ориентирана кон мене. Желбата за сродна душа е поврзана со мојата среќа, моето исполнување, моето комплетирање. Како паднати човечки битија ние сме толку променливи, па тоа што нè прави среќни оваа недела ќе биде иронично веќе следната недела. Сè додека моите емоции и страсти се мерило за љубовта, тогаш никогаш нема да ја откриеме вистинската љубов. Таа се открива само тогаш кога ќе излеземе од самите себе и волно, постепено ќе се дадеме себеси на некој друг.

Посебниот статус кој го има терминот „сродна душа“ во главите на мнозина, целосно разјаснува зошто бракот и љубовта изгледа како да се нишаат лево-десно. Го величаме романтизмот и нарцизмот. Фала Му на Бога што ние, во Православната Црква, не им дозволуваме на луѓето да си ги напишат брачните заклетви, затоа што оние кои сум ги чул до сега беа ужасни нешта кои го изјавуваат спротивното на љубовта. „Ти си мое исполнување, моја радост, моја надеж…“ Грозно. Зошто да не бидеме навистина искрени и да зборуваме за волјата да се посветиме себеси на сопружникот. „Ќе умирам за тебе секој ден, по малку и по многу, додека Бог не ми го одземе здивот.“ Ама тоа нема да ги одушеви во Холмарк. Колку навистина се подобри старите заклетви, бидејќи тие зборуваат за давање, а не за примање (ми се чини дека нашиот Господ го има ова кажано некаде).

Сентименталноста оди рака под рака со оваа искривоколчена претстава за љубовта и романтизмот, бидејќи е само сладникавата страна на себељубието. Добро се чувствувам. Ако искрено сме Христијани ќе мора да одговориме „Сигурен сум дека Христос не се чувствуваше баш добро на Крстот, но сепак тоа го нарече љубов. Каква врска имаат твоите чувства со љубовта?“

Наговестив дека можеби постои правилна употреба на зборот сродна душа. И верувам дека постои. Во совршено точна смисла, сродна душа е личност која ни се придружува во духовноста на жртвувањето и давањето. Ова се случува светотаински и мистично во Црквата. Овие две личности стануваат вистински сродни души, бидејќи нивните души се насочени заедно кон Крстот кој води до страдање, смрт и воскресение.

Гувернерот ја загубил онаа којашто можела да биде негова сродна душа, бидејќи се определил за романтизам и себеисполнување. Ја изгубил можноста за вистинска љубов. Ја заменил среќата (кое е нешто краткотрајно и независно) за радоста. А „радоста доаѓа наутро“, односно по темната ноќ на жртвување и давање.

Отец Џон Винфри

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz