Принесувањето на Богомладенецот

sretenie-hristos

Трогателна е сцената каде што Христос се принесува како младенец во Храмот. Предвечниот Бог, кој истовремено како Логос Божји беше постојано соединет со Својот Отец и со Светиот Дух, и го управуваше светот, сета вселена, се јавува како младенец во Храмот, наоѓајќи се во прегратката на Својата мајка.

Иако Христос беше младенец, истовремено беше „предвечен Бог“, и затоа беше помудар од секој друг. Знаеме дека од соединувањето на Божјата со човечката природа во личноста на Логосот, во утробата на Богородица, човечката природа се обожи и затоа Христовата душа беше богата со полнотата на мудроста и на знаењето. Само што таа мудрост се изразуваше соодветно со Неговата возраст, затоа што ако се случуваше поинаку, би изгледало дека е чудовиште (свети Јован Дамаскин). Во секој случај, иако Христос беше младенец, сепак, беше Бог, имајќи ја телесно сета полнота на Божеството и сета човечка мудрост и знаење, со силата на ипостасното соединување на Божјата и човечката природа.

Со оваа бебешка возраст Он го исцели „бебешкиот начин на мислење на Адам“. Кога го создаде Адама во Рајот, Адам беше младенец во однос на благодатта и во однос на осветувањето. Секако, имаше просветлување на умот, но требаше да биде испитан и да стаса до обожување. Бидејќи духовно беше недораснат и младенец, бидејќи имаше младешки начин на мислење, затоа лесно беше измамен од лукавиот демон кој созреа во гревот и во лукавството. Затоа Христос, имајќи ја телесната младешка возраст, го исцели не само младешкиот начин на мислење на Адам, туку и човечката природа, и го направи тоа што не успеа да го направи првиот Адам. Така, преку вочовечувањето на Својот Син, Бог Отецот го направи посигурно и изводливо обожувањето на човекот. Не можеше веќе ѓаволот да ја измами човечката природа во Христа, како што го направи лесно тоа со првиот Адам.

Смирението на Синот и Логосот Божји, како што се гледа и во случајот на Неговото принесување во Храмот, го надмина и сфаќањето на ангелите, бидејќи и тие се изненадија од бескрајното Божјо снисхождение. Пророкот Авакум го пророкува вочовечувањето на Логосот Божји: „Бог дојде од Теман и светецот од гората Фаран. Неговата добродетел ги покри небесата и пофалбата Негова ја исполни земјата“ (Авак. 3, 3). Под зборот „добродетел“ се подразбира вочовечувањето и Божјото снисходење на Логосот Божји. „Ги покри небесата“ означува дека ја покри висината на ангелите, бидејќи и ангелите се зачудија гледајќи го бескрајното и неискажливо снисхождение на Логосот Божји.

Митрополит Јеротеј Влахос
„Господовите празници“, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz