Сретение Господово

sretenie

По четириесет дена од Неговото телесно раѓање, Христос беше принесен во Храмот, согласно со установите од Законот. А бидејќи таму во Храмот му беше приреден дочек од луѓе што беа движени од духот, а особено бидејќи Симеон го зеде во својата прегратка, затоа и се нарекува сретение. Зборот произлегува од глаголот пресретнувам и значи доаѓам да сретнам некого.

Црквата определи тој голем Господово-богородичен празник да се празнува на 2 февруари, затоа што тој ден е четириесеттиот од 25 декември, кога се празнува Христовото раѓање во тело. На тој начин го дели годишното време со степените на Божјиот домострој и го благословува. Истовремено му ја дава на човекот можноста да се посвети во големата тајна на вочовечувањето на Синот и Логосот Божји.

Настанот на принесувањето на Христа во Храмот, во четириесеттиот ден од Неговото раѓање, го опишува само евангелистот Лука (Лк. 2, 22 – 39).

Самиот Бог, т.е. Воплотениот Логос Божји, му ја даде на Мојсеј заповедта за очистувањето во четириесеттиот ден и тоа беше востановено за сите Израелци. Оваа заповед му беше дадена на Мојсеј уште пред да се случи славното излегување на Израилците од Египет, т.е. пред нивното преминување низ Црвеното Море.

Заповедта во врска со тоа е оваа: „Му рече Господ на Мојсеј, велејќи: Посвети ми го секое првородено кое ја отвора секоја утроба меѓу синовите Израилеви: и од луѓето, и од добитокот. Тие Мене Ми припаѓаат“ (2 Мојс. 13, 1 – 2). Оваа заповед се однесуваше и на првородените машки од животните, кои требало да се одделат и да Му се принесат на Бога. Заповедта Божја беше јасна: „и секое првородено од стадата или од добитокот што го имаш, а е од машки род, посвети го на Господа!“ (2 Мојс. 13, 12).

Ова посветување беше знак за признавање на Божјото доброчинство и доказ дека Му припаѓаат Нему. Познато е дека заповедта за посветувањето на првороденото машко дете му беше дадена на израилскиот народ, преку Мојсеј, веднаш по истребувањето на првородените египетски деца, по што фараонот веднаш даде дозвола за излегувањето, а секако пред да го минат Црвеното Море. Карактеристична е етиологијата на ова дејство: „зашто со силна рака те изведе Господ од Египет“ (2 Мојс. 13, 9).

Во друга книга од Стариот завет, во Левитската, се гледа дека Бог дава повеќе детали за извршувањето на посветувањето и за благодарноста. Жената која ќе роди машко дете, ќе му го изврши обрезанието во осмиот ден и во четириесеттиот ден ќе го принесе во Храмот. А заедно со приносот на роденото „пред скинијата на сведоштвото да донесе јагне без недостаток, едногодишно – жртва сепаленица или гулапче или грлица како жртва поради грев“ (3 Мојс. 12, 1 – 6).

Бидејќи Он Самиот-Логосот Божји му го даде Законот на Мојсеј, кога ја прими човечката природа требаше да го исполни, за да не изгледа како престапник на Законот. Свети Кирил Александриски вели дека кога Го гледа некој Христа како го пази тој Закон, не треба да се соблазни, ниту Него, Којшто е слободен, да го смета како слуга, туку да ја разбере повеќе „длабочината на Домостројот“. И исполнувањето на Законот за принесувањето во Храмот, припаѓа на тајната на Божјото снисходење на Синот и Логосот Божји.

Исто така, според свети Григориј Палама, Христос немаше потреба од очистување, бидејќи очистувањето беше востановено како закон во Стариот завет и за родителите и за родените, но тоа го направи поради послушност кон Законот што Он Самиот го даде. Христос немаше потреба од очистување, затоа што беше зачнат бессемено и се роди нетрулежно. „Во секој случај немаше потреба од очистување, туку тоа беше дело на послушност“. Секако, послушноста ја има смислата на послушност на законот Божји, но и на послушност на новиот Адам наспроти непослушноста на стариот Адам. И ако непослушноста на првиот Адам за последица ги имаше падот и трулежноста, тогаш послушноста на новиот Адам, т.е. на Христа, ја врати непослушната човечка природа при Бога и го исцели човекот од одговорноста на непослушанието.

Митрополит Јеротеј Влахос
Господовите празници, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz