За средбата со Христа: Рождество Христово

„Христос се раѓа – славете! Христос од небесата – пресретнете Го! Христос на земjата – вознесете се! Воспејте му на Господа сета земја!“ Со овие зборови свети Григориј Богослов ја започнува неговата рождествена проповед, и оттогаш шеснаест векови тие одзвучуваат во нашите црковни богослужби, поставувајќи ни едни и исти прашања:во што е значењето на Рождеството Христово за секој од нас; како можеме да го сретнеме Христа кој дојде од небесата; како можеме да се вознесеме од земја на небо; како можеме да го прославиме Христа со својот живот?

Многу религии кои исповедаат еден Бог, му ветуваат на човекот дека тој може во оваа, или во онаа мера да се приближи до Бога, да го почувствува Неговото присуство и Неговата близина. Но, ниту една религија, освен христијанството, не му допушта на човекот да го спознае Бога, како брат, како пријател. Преку воплотувањето на Синот Божји, според зборовите на свети Симеон Нов Богослов, ние стануваме синови на Бога Отца и браќа Христови. Бог се воплотува, за да има можност да општи со нас – на наше ниво, та споделувајќи ја нашата судбина и проживувајќи го нашиот живот, да го добие правото да ни ја каже последната вистина за Себе и нас, која на никаков друг начин не би можела да ни биде откриена. Вистината за тоа дека нема бездна што ги разделува Бога и човека; нема непремостливи пречки за средба меѓу човекот и Бога – еден на еден, лице в лице.

Таа средба се пројавува во нашето срце. Заради таа среба Господ дојде на земјата, стана човек и го проживеа човечкиот живот; се роди во пештерата Витлеемска, пребегна во Египет, се врати во Назарет, израсна во куќа на столар, се крсти, проповедаше, одеше низ Галилеја, Самарија и Јудеја, проповедајќи го Царството Небесно и исцелувајќи ги човечките болести, претрпе страдање и крстна смрт и воскреснувајќи од мртвите се вознесе на небесата. Сето ова стана, само заради моментот на таинствената средба, за да се разруши преградата помеѓу човекот и Бога, направена со човечкиот грев. «Средостение градежа разрушися, пламенное оружие плещи дает, и херувим отступает от древа жизни, и аз райския пищи причащаюся», се пее во црковната песна. Преградата е рушена, и мечот херувимски кој го попречуваше влегувањето во рајот, го нема веќе; рајската врата се отвара и човекот се враќа кон дрвото на животот, од кое се храни со Небесниот Леб.

Историјата на гревопадот Адамов – тоа е историја на сето човештво и на секој човек. Гревот Адамов се повторува во секој од нас, кога ние се одвраќаме од Бога и грешиме. Но, и Христос се воплотува за секого од нас и затоа Адамовото спасение преку Христа е и наше спасение. «Разрешися связанный Адам, свобода же всем верным даровася», се вели во канонот кој се чита на повечерието на препраздненство на Рождеството Христово. На сите (всем) луѓе во Христа им се возвраќа таа богоподобна слобода, која Адам и неговите потомци ја изгубија преку гревот и отпаѓањето од Бога.

Свети Григориј Богослов Боговоплотувањето го нарекува «второ создавање», кога Бог како повторно да создава човек, ја прима врз Себе човечката плот – «второ општење» меѓу човекот и Бога: «Оној Кој Е започнува да суштествува; Несоздадениот се создава; Безобемниот зема обем; Богатиот станува сиромав со примањето на плотта, за јас да се збогатам со Неговото Божество… Каква нова тајна!? Јас примив образ Божји и го изгубив, а Тој ја восприма мојата плот, та и образот да го спаси, и мене да ме обессмрти. Тој влегува во второ општење со нас, кое е гораздо подобро и повисоко од првото»

Во воплотувањето се случува, според изразот на свети Ефрем Сирин, «размена» меѓу Бога и човека: Бог ја прима од нас човечката природа, а нам ни го дарува Своето Божество. Преку воплотувањето на Словото се случува обожувањето на човекот. «Словото се воплоти, за ние да се обожиме», вели свети Атанасиј Велики. « Синот Божји стана Син човечки, за синовите човечки да станат синови Божји», вели свети Иринеј Лионски. Обожението, за кое човекот бил предназначен веднаш по создавањето, а кое потем го изгубил преку гревопадот, сега вратено му е на човекот со воплотувањето на Словото.

И поради тоа Рождеството Христово е сецело обновување на човечкото естетсво [природа]. Но, не само во тоа единствено Рождество, кое се случило две илјади години наназад во Витлеем, туку и во тоа раѓање Христово, кое повторно и повторно се случува во нашите души. Значи, и за душата човечка – која е како «бесловесните јасли », кои Бог ги прави сместувалиште на Своето Божество и храм Свој. Човекот во гревопадот се «уподобил на животните бесловесни», но Бог доаѓа кон паднатиот човек и душата негова ја прави место каде се случува таинствената средба помеѓу Него и нас.
Најголемото чудо во Боговоплотувањето е во тоа, што се остварило еднаш во историјата и тоа се возобновува [продолжува] во секој човек, кој приоѓа кон Христа. Во длабокиот ноќен молк Словото Божјо се воплоти на земјата: така тоа се воплотува во молкливите длабини на нашата душа, таму каде разумот молчи, каде истоштуваат зборовите, каде умот човечки стои пред Бога. Непознат и непрепознат се роди Христос на земјата, и само мудреците и пастирите заедно со ангелите му излегоа во престет Нему: толку тивко и неприметливо за другите се раѓа Христос во човечката душа, а таа му излегува во пресрет, бидејќи се распламнува во неа ѕвезда, која води кон Светлината.

Ние Христа таинствено го среќаваме во молитвата, кога наеднаш сфаќаме дека нашата молитва е прифатена и услишена, дека Бог «дојде и се всели во нас» и нè исполни со Своето животоносно присуство. Ние Христа го среќаваме во Евхаристијата, кога, причестени со Телото и Крвта Христови, наеднаш чувствуваме дека нашето сопствено тело е проникнато со Неговите Божествени енергии и во вените наши тече Крвта Божја. Ние Христа го среќаваме и во другите таинства на Црквата, кога преку допир со Него се обновуваме и оживотворуваме за животот вечен. Ние Христа го среќаваме во нашите ближни, кога некој човек наеднаш ни се открива и ние погледнуваме во неговата сокриена длбочина, каде сјае образот Божји. Ние Христа го сретнуваме во нашето секојдневие, кога среде животната врева го слушаме Неговиот глас кој повикува, или кога го гледаме Неговото нескриено и неочекувано вмешување во историскиот тек.

Имено така – наеднаш и неочекувано – Бог се вмешал во животот на човештвото пред двасет века, кога со Своето Раѓање го променил [обратил] сиот историски тек. И така Тој се раѓа повторно и повторно во душите на илјадници луѓе, изменувајќи, претворајќи и преобразувајќи го сиот нивен живот, правејќи ги верници од неверници, свети од грешни, спасени од изгубени [мртви].

Да направиме празникот Рождество Христово да стане празник на раѓањето Христово во нашите души и празник на нашето оживување во Христа. Да замолчиме за светот, за во нашите души да се роди Божјото Слово, исполнувајќи нè со Божество, Светлина и светост.

Архиепископ Иларион Алфеев

Оставете коментар

1 Comment on "За средбата со Христа: Рождество Христово"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Божикно послание на САС на МПЦ-ОА (2015) Божикно послание на САС на МПЦ-ОА (2013) Божикно послание: За службата на Синот Божји Слово на Рождеството Христово За средбата со Христа: Рождество Христово […]

wpDiscuz