Поука во среда од третата седмица на Великиот пост

Браќа и отци! Како што гледате, нашето постоење е минливо, ден по ден минува и се приближува крајот на нашиот живот, и за секој неминовно ќе чукне часот да си замине од овој свет и да се упати онаму каде што се и отците наши. Поради тоа, неопходно е во нас да има голема грижа за во тој час да се покажеме подготвени и успешни. Божествените Писма ни приповедаат за потпот, и Господ говори: „Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки: јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сè до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите“ (Лк. 17,26-27), така ќе биде и кога ќе се случи второто Христово доаѓање. Веројатно се чудиме на тврдоглавоста, слепилото и бесчувственоста на луѓето кои го виделе ковчегот што праведниот Ное го градел стотина години, и кои слушале како тој велел дека Бог ќе направи потоп за да ги потопи и да ги истреби сите зли дела што ги правеле, а кои на тоа не обрнувале внимание и не сакале да се покаат. Сепак, да помислиме – зар нема и во нас самите од она што го осудуваме? Оти, иако ние денес не ја гледаме арката што се гради, ние секојдневно го гледаме гробот со прав исполнет, во кој денес или утре ќе слeземе, ќе одиме онаму каде што и нашите браќа, како што гледаме, еден после друг, разделувајќи се од нас, заминаа. А ние сме мрзеливи и не се грижиме за спасението на нашите души, не мислиме на подготовката, за да не нè изненади часот наш, кој ќе донесе мака и голем очај на оној кој ќе биде неподготвен, и никој нема да може да му помогне; тој ќе сака да се врати на истрошените денови, но нема да може да се врати, и неутешно ќе плаче.

Затоа, нас нè чека неспоредливо пострашна казна одошто онаа со поранешниот потоп. Да бидеме, тогаш, подготвени на одговор пред да настапи часот на смртно патење. Меѓутоа, јас не велам да не јадеме, да не пиеме и да не се облекуваме, туку говорам по апостолската заповед: „Јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1Кор. 10,31). Сите наши дела и дејствија мора да бидат богоугодни, оти ние сме христијани и не смееме да им даваме повод на верниците и неверниците да го одрекуваат и презират нашиот живот, како што и Апостолот повикува: „расудувајте за тоа на брата си не му поставувате сопка или соблазна“ (Рим. 14,13).

Навистина ве молам и преколнувам, браќа мои, нека биде мојата радост полна, како што вели Апостолот: „бидете со иста мисла, имајќи една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси!“ (Флп. 2,2-3). Грижливо да ги пазиме нашите пет сетила: очите, да не гледаат на она што не доликува, слухот, да не го слуша она што нема да ни донесе корист, вкус, да не се стреми кон задоволување на похотата од нашата утроба, допирот, да се пазиме од недостојни допири; зашто од сетилата, ако не ги надгледуваме, доаѓа смрт и погибел за душата. Ако работиме на тоа нашиот ум да не се занимава со метежни и бескорисни дела, нема во својата мечта да замислуваме слики на плотска страст, со што на душата не би ѝ пружиле веселба, туку голема штета и на крај би здобиле горчина, жал и болест.

Оттука, браќа, има само една вистинска радост и едно веселие за душата, и тоа се состои во пазењето на чистотата од плотски страсти и лоши помисли, и усрдно стремење кон бестрастието, т.е. да не се скверниме себеси ниту со збор, ниту со дело. Да не бидеме мрзеливи и да не ни се чини тежок патот кој ветува дека ќе ни ја дарува радоста на бестрастието и чистотата; засилено да работиме [на исправањето] на секое свое согрешение, и Бог ќе ни биде сигурен помошник, оти блиску е Бог до оние кои заради Него трпат. Поминувајќи таков живот, ќе бидеме удостоени со Царството Небесно, во Христа Исуса, нашиот Господ, на Кого Му приличи слава и власт со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.

Од уставните чтенија на св. Теодор Студит

Оставете коментар

1 Comment on "Поука во среда од третата седмица на Великиот пост"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Поука во среда од третата седмица на Великиот пост […]

wpDiscuz