Сполај ти!

Еден израз во нашиот јазик којшто денес го слушаме сѐ поретко, за разлика од порано, а во иднина веројатно целосно ќе се исфрли од употреба и ќе можеме да го слушнеме само во Македонските народни приказни, е токму: „сполај ти“! Иако многу ретко се користи, сите отприлика знаеме што значи – „благодарам“, „фала“. Нашата задача во овие неколку редици, како и секогаш, е да се запрашаме од каде потекнува овој израз, што е неговото изворно значење и каде е неговото место во Црквата.

Она коешто ние денес го сметаме и го употребуваме како израз којшто се состои од два зборови – „сполај“ и „ти“ – всушност претставува израз од три зборови во скратена форма:

. . . сполај ти . . . [и]с пола [е]ти . . .

Што значи тогаш „сполај ти“? Неговото потекло и првично значење треба да го бараме во грчкиот, поточно во старогрчкиот јазик:

. . . [ει]с полај [ε]ти . . . εἰς πολλὰ ἔτη /ис полá éти/ . . .

Кај овој израз имено станува збор за дел од византискиот дворски церемонијал којшто подоцна станува и дел од богослужбата. Во т.н. „многулетие“, во форма на поединечен возглас и хорски припев се посакува токму „πολλὰ ἔτη“ /полá éти/ – „многу лета“, „многу години“ на императорот при неговиот дочек. Изворното значење на нашето „сполајти“, значи, ќе го разбереме во тој контекст. Додека многулетие првично претставува една форма на оддавање почит спрема византиските императори, подоцна, тоа со истата цел се вклучува и во богослужбата, но овој пат упатено кон црковните великодостојници – епископи со додавање на соодветното „δέσποτα“ /дéспота/ – „владико“.

. . . εἰς πολλὰ ἔτη δέσποτα /ис полá éти дéспота/ . . . за многу години, Владико . . .

Употребата на овој израз во нашиот народен јазик, значи, произлегла од едно погрешно или „народно“ толкување на дел од литургијата на старогрчки јазик. Низ времето тоа се утврдило во толкава мера, што денес оној што го употребува или ќе го слушне овој израз, нема да го смета за ништо друго освен за еквивалент на „фала ти“:

. . . сполај ти . . . фала ти . . .

Иако таа „народна“ етимологија е погрешна, т.е. не може научно да се поткрепи со ништо, значењето на благодарност што му се припишува на овој израз и коешто тој денес го носи во нашиот јазик, всушност е сосема разбирливо и оправдано: во знак на благодарност му посакуваме да живее „многу лета“, т.е. „многу години“, на оној којшто ни направил некое добро.

Кристијан Ташевски

Оставете коментар

1 Comment on "Сполај ти!"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Исто така денес веќе ретка, но сепак присутна практика, посебно меѓу постарите е благодарење со „да си жив“ (или „да си ми жив“), без „благодарам“ или „фала“. Врти – сучи пак тука сме. 🙂

wpDiscuz