Спас за загубеното

Оти Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното. Како ви се чини? Ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте в планина и да појде да ја бара загубената овца? Па, ако се случи да ја најде, вистина ви велам, ќе се радува за неа повеќе отколку за деведесет и деветте незагубени.

Матеј 18, 11-13

Како ви се чини? Да се биде дел од стадо значи некоја стопроцентна сигурност во мнозинството околу себе, во нивниот колективен начин на просудување кој заради стотте умови би бил непогрешлив или дека и кога би се завршило во заблуда доволно би била истата да се занемари под стампедото од четири пати повеќе нозе кои суетно ја возвеличиле сопствената правда. Не мора да биде така, посебно со оние кои толку се соживеале со движењето на стадото што заслепеноста од уживањето ги довела во непознат правец, на терен подалеку од звукот и мирисот на останатите на кој слободно може да се рече дека се загубиле. Не мора да биде така ниту за оние кои не се согласуваат со безмерната похот на стадото и постепено оддалечувајќи се од асимилацијата во зло се пронашле на непознат терен кој веднаш им асоцира дека се загубиле. И едните и другите привремено го добиваат статусот на исчезнати кој го повлекува и алармот на потрага по нив.

Како ви се чини? Лесно ли е да се биде пастир на сто овци на голема планина? Секоја минута од животот со загрижен поглед се брои до сто и наназад, се анализира нивниот од и загриз во тревата со постојано препрашување себе си да не нешто е поинаку од вчера и итно пребарување низ грмушките во целата околија доколку се забележи отстапување од почетниот попис. Во најекстремниот случај на недостиг се оставаат деведесет и деветте заедно, стиснати една до друга, оставени без нивниот водач само со силата која произлегува од нивната близина, спокој дека сѐ уште се заедно и молитва да се пронајде нивната ближна.

Кападокија, Турција

Пастирот продолжува повикувајќи со својот смирен глас кој ветува радост, прво кога ќе биде пронајдена и силно терапевтски ќе влијае на забавување на чукањето на срцето кое ќе побегнело од градите после стравот од осаменоста. Второ, радост дека ќе биде одведена повторно во домот полн со светлина и секојпат надумни утра. Но, некому е лесно да биде пастир на сто овци иако не ја заслужува ниту првата буква од овој збор кој означува Душогрижник. Тој ги препуштил овците на нивната револуција од самоволие и единствен совет му е разгорување на страстите. Ако се загуби некоја ќе биде среќен дека се спасил од онаа која не ја прифатила планината како свое место на живеење и среќен дека скоро истиот профит се остварува со деведесет и девет, пораспламтени од тоталот претходно.

Всушност Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното. Толку е убава планината и нуди скришни места полни со интриги и задоволство, со копнеж да се вкусат, по цена и да се изблуваат потоа. Се почнува со истражување на едно, зависност од друго, желба по трето и веќе си загубена. Блееш и никој не те слуша, нити одговара наспроти вдомената навика да заспиваш после пријатниот Глас кој ти го примил покајувањето. Блееш и го чувствуваш само трепетот од сопственото ехо кое е сега ладно и те плаши. Таквиот правец засигурно тргнал кон бездната на чиј раб конечно се скратило времето на одлука. Да се вратиш назад по првата опција која заборавила дека си веќе загубена или по втората да продолжиш напред во местото без враќање. И тогаш пристигнува Пастирот кој не те заборавил и кој всушност и секогаш бил во твојата близина, пречесто насолзен по твоите падови. Каква радост, Тој не го сторил тоа за многуте незагубени. Блаженството иницирано долу во планината, помеѓу неколку карпи непроодни, ќе ги зарази и небесните жители, па ќе се радуваат и ангелите за онаа која се спасила од канџите на свирепиот. Ќе ја подигне Пастирот и ќе ја носи во сопствените прегратки и тагата ќе биде заменета со восхит за онаа која се најде и тоа не по случајноста на грижата на непознати минувачи, туку по намерна потрага на Милостивиот кој ги пребројува своите не по нивните тела, туку по влакната од косата.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz