За современите задачи на Црквата

Извадок од интервјуто со митрополитот Антониј Сурожски

Црквата треба да биде исто онолку бессилна, колку што и Бог е бессилен

Владико, можеби оддалеку подобро се гледаат тие процеси кои се случуваат во Руската Црква, кај нас во татковината?

Знаете, оддалеку нешто се гледа можеби појасно, а нешто воопшто не се гледа, затоа што руската реалност е толку сложeна, во неа има толку различни теченија, што може нешто да се улови, но и многу да се пропушти. Јас мислам дека руската Црква преживеа благодарение на љубовта на рускиот народ кон богослужбата, кон литургиската убавина, за која зборува Нил Сорски. Сега не зборувам за специфичната Исусова молитва, а тоа е општење на живата душа со Живиот Бог кое произлегува од богослужението, но кое не нужно зависи од неговото разбирање, туку едноставно, од стоењето пред Живиот Бог и од тоа што Живиот Бог се наоѓа во нашата средина.

Тоа што секако ѝ недостига на Руската црква – е образованоста на секој еден верник по прашањата на верата. Уште во XIX век Лесков напишал дека Русија некогаш била крстена, но не била просветена. И навистина, рускиот човек Го познава Бога со внатрешноста, со душата. Како што вели Лесков некаде, кај него „Христос е зад пазувите“. Но, од друга страна, тој треба да придобие уште многу знаење, и тоа – не некакво особено знаење, туку едноставно, за подлабоко да го разбере значењето на пример, на Символот на верата, значењето на Господовата молитва. И како резултат на тоа, кај нас во Русија, мислам има многу луѓе кои не би можеле да си ја заштитат верата од напади, да водат расправи, но кои (истовремено) би можеле да умрат за неа, затоа што со сето нивно битие, со нивната внатрешност, знаат дека она во коешто веруваат – е правда, вистина и живот. Затоа, денеска пред Црквата стои прашањето за тоа како да се образува верниот народ, како да му се пренесе верата, најпрвин – Евангелието.

Евангелието во текот на неколку децении беше недостапна книга. Треба некако таа книга повеќе да се распространи меѓу луѓето, за повеќе луѓе да го читаат и живеат она што е жива сила, оган, животворна сила на нашата вера, со зборовите и образот на Самиот Спасител, Христос.

Од друга страна, неопходно е луѓето да го разбираат богослужението во кое учествуваат. Не затоа што е потребно некакво умствено разбирање, туку затоа што богослужението е направено така што самото тоа ја предава суштината и содржината на нашата вера, и колку повеќе некој го разбира богослужението – толку повеќе може да се задлабочува и во содржината на православието.

Затоа денес има две задачи, за чие решение, најверојатно ќе има се повеќе можности. Една – тоа е образованоста на мирјаните: во кружоци, на отворени собранија, на катихизаторски групи. Втората задача, која исто така сега добива големо значење е – да се обучува младото духовништво. Сега се отвораат четири нови курсеви за подготовка на духовништвото, и тоа е многу важно. Тука секако треба да се поправам, дека не само богословското образование го прави човека способен да стане свештеник.

Да се биде свештеник – тоа е опит. Има работи кои богословската школа не ги предава, затоа што таа е зафатена потполно со богословско образование. Јас се среќавав со многу свештеници кои беа недоволно подготвени во многу области, кои сеуште не беа навлезени во парохискиот живот. На пример, како да се исповедаат и како да ги учат другите да се исповедаат, како да исповедаат други. Од какви извори да кажуваат проповеди. Духовните писатели, духовните отци зборувале на различни теми, но проповед се кажува од срцето, се кажува на самиот себеси. Ако таа не те погодила в срце, никого нема да погоди в срце. Ако таа не истекува од твојот ум, од твоите грижи, и на другите не им се предава.
Понатаму – прашањето кое веќе го започнав: за тоа, како самиот да се научи да се моли не само со зборови, не само „правилно“, туку и длабоко, но и како да ги води другите во тајната на таа молитва.

И на крај, уште еден проблем. Многумина – и епископи, и свештеници, и мирјани – после Соборот доаѓаа кај мене и разговараа со мене за тоа дека ние сме воспитани во тоталитарна, авторитарна држава. Ние сме навикнати да ни кажуваат што да правиме. Да не зборуваме за тоа дека многумина чекаат да им се каже и што да мислат. И така, пред нас има нова задача: треба да се научиме да донесуваме решенија и да правиме избори, а ние не знаеме како да го направиме тоа. Еден многу образован и внимателен човек еднаш ме праша: „Кажете ми, како се прави тоа?“ Јас му одговорив: „ако ви поткажам како се прави тоа, вие тоа ќе го направите подвластено; вам ви е потребно сами да се научите да размислувате, да постапувате според совеста, да се носите со ризикот (секако, не мислам ризик по животот), да ризикувате дека можеби грешите и да се замислите над тоа што излегува добро, а во што се состојат вашите грешки.

[продолжува]

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz