Соочување со современите предизвици

Човекот, како круна на Божјото творение, е создаден за да биде во непрестајна и бесконечна љубовна заедница со Бога. Истовремено, бидејќи тој претставува резиме на целокупното создание, повикан е преку себе да Му го принесе на Бога целиот свет. Меѓутоа, со оддалечувањето на човекот од Бога, во светот завладеаја смртноста и распадливоста. Како резултат на тоа човекот стана роб на трите основни страсти, од кои произлегуваат сите пројави на духовна болест. Значи, сите духовно болни манифестации на човекот се резимираат во славољубието, среброљубието и сластољубието. Со спасителниот домострој на Синот Божји, човечката природа е ипостасно соединета со Божјата, и на тој начин на секоја личност ѝ е отворен патот за преобразување на овие страсти и за стекнување чисто срце и просветлен ум, коeшто e основнa претпоставкa за постигнување на потполната заедница со Бога. Просторот за реализација на таа возвишена цел е Црквата, со аскетскиот терапевтски метод и светотаинскиот живот, коишто ги поседува.

За стекнување на целта на нашиот живот, Богочовекот Христос ни остави само две заповеди: „Возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“. Тоа е прва и најголема заповед, а втората е слична на неа: „возљуби го својот ближен како себеси!“ (Мат. 22, 37 – 39). Сè што правиме во нашиот духовен живот, сите подвизи се само средства за стекнување на оваа љубов. Од неисполнувањето на овие Христови заповеди се раѓаат гореспомнатите основни страсти и сите нивни пројави. Но тие страсти се манифестираат во секоја епоха на различен начин. Всушност се разликува само надворешната форма, а суштината си останува иста. Затоа, Црквата во сите периоди од историјата се соочува на соодветен начин со современите предизвици, коишто претставуваат директна закана за духовното здравје на христијаните. Секако, за некои од нив било и е потребно и соборно изјаснување на Црквата, со цел да се заштитат верните. Меѓутоа, некои предизвици не се толку суптилни, па затоа христијаните можат многу полесно да ги лоцираат и отфрлат од својот живот.

Една од тактиките на ѓаволот е да го обвиткува гревот во надворешно убава обвивка. Имено, во одредена острастена состојба, заради нејзино оправдување, вметнува некои навидум позитивни намери. Од таму е и поговорката: „Патот до пеколот е поплочен со добри намери“. Всушност, кога зборуваме за современите предизвици, ги подразбираме токму таквите општи појави или состојби, коишто се измешани со грев и добри намери. Целта на таквата комбинација е јасна: „да се прелажат, доколку е можно, и избраните“ (Мат. 24, 24). Прелажувањето на христијаните обично е возможно преку презентирањето на полувистината. Тогаш, оние кои не се утврдени, можат лесно да бидат заведени. Секоја епоха си има свои карактеристични предизвици, а некои од нив еволуираат, па така од епоха во епоха само добиваат различна форма, а сè друго си е исто.

Нашава епоха, 20 и почетокот на 21 век, е епоха на силен технолошки развој. Се разбира, големи се предностите и позитивните страни на технолошкиот напредок. Во многу сегменти се олеснува и подобрува човековиот живот. Меѓутоа, истите тие технолошки придобивки многу лесно се злоупотребуваат, па така од средства за подобрување на условите за живот, стануваат средства за духовна смрт. Во овој контекст најпрво ќе ја спомнеме телевизијата. Со напредокот на овој вид медиум, значително се подобри преносот на информации, како и можноста за разни видови презентации од сите области. Меѓутоа, сведоци сме на широко распространетата злоупотреба на телевизијата, па така, во многу случаи таа станува медиум за духовно поробување на луѓето. Пред сè, ќе ја спомнам филмската индустрија. Денес филмот нашироко се употребува за промовирање на сите гревовни состојби и нивно прикажување како нормални ситуации во животот. Зависта, егоизмот, блудот, осветољубивоста, гордоста итн. се главните „позитивни“ особини промовирани во поголемиот процент на современите филмски остварувања. Тука спаѓаат и разновидните забавни и шоу емисии, па дури и цртани филмови во последниве години. Потребно е големо внимание и воздржание при изборот и следењето на телевизиските содржини. Особено е важно децата да не се воспитуваат со телевизија. Тоа е ризично поради две причини: прво, тие ги впиваат во себе сите страсти кои ги наведовме, и истите тие стануваат основа на нивниот понатамошен живот; и второ, непотребното и прекумерно гледање телевизија, дури и на програми со убава содржина, ја намалува креативноста на детето, но и на возрасните. Потребно е најпрво човекот да стекне здрав духовен менталитет, па потоа да може да биде во состојба да прави избор помеѓу полезното, непотребното и штетното во телевизиските програми.

Сличен медиум, но со многу поголема моќ и влијание, е интернетот. Сите знаеме кои сè можности, предности и олеснувања ни овозможува интернет поврзувањето. Можеме слободно да кажеме дека тоа е најмоќниот медиум на денешницата. Интернетот претставува огромен океан со содржини од буквално секој вид за кои човекот може да се досети. Доколку кај телевизијата пристапот е ограничен на одредени канали и програми што се емитуваат, со интернетот, со извесни мали исклучоци, пристапот е неограничен до сите содржини. Токму затоа е потребно максимално внимание и будност. Една страница води кон друга, една содржина упатува на слична или приближно слична содржина итн. Притоа, треба да се нагласи дека во многу интернет страници има содржини кои претставуваат обилна храна за нашите страсти. Поконкретно, оној кој води секојдневна борба со одредена страст што му претставува проблем, доколку лекомислено и невоздржано се препушти на интернет пребарувањата, влегува во сериозна опасност да го урне сиот дотогашен труд. Покрај тоа, во последниве години особено популарни се таканаречените социјални мрежи. Позадината е навидум позитивна: стекнување нови и одржување на стари пријателства, споделувања на моменти и чувства од секојдневниот живот итн. Меѓутоа, тука демнат две опасности. Прво, многу лесно може, а на тоа сме и сведоци, живата лична комуникација и дружење да бидат на некој начин заменети со комуникација преку социјалните мрежи. Таму е овозможено сè она што е составен дел на едно пријателство, но недостасува само едно, а тоа е впрочем и најважното: живата средба. На тој начин постепено доаѓа до меѓусебно отуѓување наместо поголемо зближување. Се разбира, постојат одредени предности и позитивни елементи во социјалните мрежи, пред сè, кога пријателите се физички на поголема оддалеченост, при што реално и да сакаат не можат да се среќаваат често. Втората опасност се состои во можноста за стекнување на виртуелни пријателства, па дури и „љубовни“ врски, помеѓу луѓе кои можеби и никогаш нема да се сретнат во животот. Социјалните мрежи се така оформени, па можно е стапувње во контакт и „спријателување“ со луѓе од било која земја на светот. Во тој случај, всушност, стануваме зависници од поврзувањето на социјалната мрежа, и најдобар пријател ни станува компјутерот, а не личноста со која комуницираме. Тука неизбежно треба да се спомне и можноста за креирање лажен профил и промовирање на секакви ненормални идеи, но и можност за злоупотребување, измама и злоставување на одредени луѓе.

Предизвикот што особено ја демне нашава епоха е страста, односно болеста на зависностите. Тука, пред сè, спаѓаат наркоманијата и алкохолизмот, иако како што видовме и интернетот, па и телевизијата можат многу лесно да прераснат во тешка болест на зависност. Злоупотребата на алкохолот и опојните дроги не потекнува од наше време, таа е присутна во човештвото речиси во текот на целата историја. Меѓутоа, доколку тоа во изминатите векови било сведено на минимум и исклучоци, денес сме сведоци на сè помасовно болување од овој вид зависност. Секако дека постои разлика помеѓу овие два вида на зависност, но сепак имаат и една заедничка основа, а тоа е бегање од реалноста. Во таква ситуација, кога од некои причини не може да го најде вистинскиот пат, човекот прибегнува кон вештачко и лажно привремено менување на реалноста во која живее. Има желба, барем на кратко, да се пресели во некој друг свет, навидум поубав од реалниот. Значи, кога човекот се соочува со бесмислата на острастеното живеење без Бога, неизбежно е да бара начин за излегување од тој безизлез. Алкохолот и дрогата го овозможуваат тоа лажно бегање, а всушност предизвикуваат уште поголемо заробување во бесмислата на безбожното живеење. Во многу случаи причина за прибегнувањето кон алкохолот и дрогата е и кукавичлукот, односно немањето храброст за соочување со животните проблеми. Ова, измешано со егоизмот, доведува до прибегнување кон опојните средства и моментално „преселување во друг свет“. Поради сето ова, во никој случај не смееме да ги осудуваме и отфрламе зависниците од алкохол и дрога, туку е потребно да им ја понудиме и посведочиме единствената вистинска смисла на нашето постоење. Потребни се личен пример и сведочење за несебичната и нелицемерна љубов, којашто е основна претпоставка за постигнување на целта на нашиот живот: заедница со Бога и со сите луѓе. Впрочем, тоа е и лекот и превентивата за болестите на зависност. Колку и да се труди да го потиснува и негира тоа, сепак човекот длабоко во себе чувствува дека полнотата на животот не се наоѓа во негувањето на страстите. Затоа, доколку како Црква и општество сакаме да придонесеме за исцелување на оваа рана, неопходно ќе треба да престанеме да ги гледаме алкохолизмот и наркоманијата само како социјален проблем. Треба да навлеземе во суштината на проблемот, а не да остануваме на површината, за конечно да сфатиме дека, всушност, се работи за длабоко егзистенцијален проблем поврзан со смислата и целта на човековото постоење.

Егоизмот и себељубието во голема мера го имаат инфицирано и бракот и семејството. За жал, од крајот на минатиот и почетокот на овој век владее криза на бракот. Старосната граница на оние кои стапуваат во брак се поместува сè погоре и погоре, а не се малку и оние кои не се ни одлучуваат на тоа. Преовладуваат дилемите, несигурноста, нерешителноста. Сето ова е продукт на вредностите што ни ги пласираат современите општества. Како причина за неодлучноста обично се наведува неможноста да се најде токму онаа личност која одговара. Заразени од себељубието, таквите луѓе всушност бараат личност која потполно ќе одговара на нивните очекувања и проекции. Но во тој случај не станува збор за љубов, туку за себељубие кое се задоволува преку соживотот со личност која во целост ги исполнува сите вкусови и барања на другиот. Меѓутоа, љубовта е нешто сосем друго. Главна карактеристика на љубовта е пожртвуваноста, подготвеноста да се жртвуваме себеси за другиот, но и да ги поднесуваме и трпеливо да ги прифаќаме недостатоците на другиот. И не само реалните недостатоци, туку и оние особини кои евентуално не се вклопуваат во нашата проекција за личноста со која живееме заедно. Штом недостасува љубовта, тогаш владее себељубието, а каде што е себељубието, таму е и одбегнувањето на одговорноста. Значи, дури и ако се најде соодветната личност, сепак во сè повеќе случаи во ова наше време, многу бавно и тешко се одлучуваат да стапат во брак. Причината за тоа е одбегнувањето на одговорноста, односно постоењето на неодговорност предизвикана од начинот на живот базиран на егоизам и себељубие. Ситуацијата навистина станува алармантна, и затоа треба експедитивно да реагираме и да ја сведочиме чистата и неизвалкана христијанска љубов. Да бидеме будни и да внимаваме таквиот дух на извртување на вредностите на бракот да не навлезе и во просторот на Црквата, кај верните христијани. Основата на бракот е исклучиво нелицемерната, искрена и несебична љубов. Апсолутно ништо друго не треба и не смее да се вметне ниту како најмала причина за брак. Поради погрешните темели врз кои се гради бракот, во нашава епоха драстично е зголемен бројот на разводи.
Во тесна врска со искривувањето на бракот е и загрижувачки зголемениот број на абортуси. Со исклучок на неколку земји, абортусот речиси во целиот свет е легален. Абортусот претставува убиство од прв степен и од најсуров вид. Но најважно е да ја дијагностицираме и да ја лечиме причината која доведува до намерата и реализацијата на абортусот. Причината е егоизмот, желбата за угодување само на себеси и живеење во удобност. Во таа ситуација, раѓањето на повеќе деца всушност се доживува како закана за комфорното живеење. Кога не се расте во љубовта, тогаш не постои ни чувство за споделување на животот со други ниту, пак, се доживуваат децата како плод на љубов. Следствено се зголемува желбата за себеугодување и живеење во бесмислен хедонизам, па така не ни станува збор за воздржание од сексуални односи. На човекот кој го негува себељубието му е многу полесно да убие отколку да си го жртвува својот хедонизам.

Загрижувачки е и интензитетот на промовирањето на хомосексуализмот. Не само преку медиумите, туку и преку државните закони се наметнува прикажувањето на хомосексуализмот како нешто сосема нормално и природно! Многу е очигледно дека ова е ненормална и противприродна појава, така што дури и излишно е премногу да се објаснува. Светиот апостол Павле, во своето послание до Римјаните, го има точно дефинирирано коренот на хомосексуализмот: „Тие ја заменија Божјата вистина со лага и му се поклонија и му служеа на создаденото повеќе отколку на Создателот…Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени природните потреби ги заменија со противприродни. И мажите, исто така, напуштајќи го природното општење со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи ја заслужената отплата за својата изопаченост“ (Рим. 1, 25-27). Многу јасно кажано, дури и нема потреба од толкување. Хомосексуализмот е последица на обезбоженоста, на напуштањето и отфрлањето на Бога. Значи во основа на истополните односи лежи богоборството! Меѓутоа, денес толку многу се сака тие односи да се прикажат како нормални, така што овие зборови на апостолот Павле на многу креатори на јавното мислење и на законодавствата би им изгледале како дискриминаторски, а самиот апостол како заговарач на дискриминација. Ова само покажува до кој степен на богоборечка епоха живееме, и затоа е потребно да бидеме будни и никогаш да не допуштиме ненормалното да го прогласиме за нормално. Доколку се случи тоа, тогаш го губиме ориентирот во животот и се расклатуваат критериумите за нормалниот и природен живот на човекот, според првобитната Божја волја.

Технолошкиот развој изврши и сè уште врши голем и значаен придонес и во областа на медицината. Меѓутоа, исто така, создаде и некои предизвици, кои всушност претставуваат злоупотреба на медицинскиот развој од страна на луѓето. Поради неподнесувањето болка и неблагодарност кон Бога во неволјите, медицината ја измисли евтаназијата. Терминот се состои од грчките зборови ευ (добро, благо) и Θάνατος (смрт) и значи: добра (блага) смрт. Евтаназијата претставува прекинување на животот на човек кој се наоѓа во тешка и неизлечива здравствена состојба, доколку самиот или неговите најблиски го побараат тоа. Причината за овој изум лежи во комформизмот и одбегнувањето на секаква болка и непријатност. Христијаните секогаш низ историјата биле пример за трпение и благодарно поднесување на неволјите, вклучително и на тешките болести. Така треба да биде и денес, и на светот да му посведочиме со сопствениот живот дека целта и смислата на нашето постоење не се постигнува преку отфрлање на болката и страдањето, туку преку нивно благодарно и трпеливо прифаќање. Таквиот однос кон болката и страдањето произлегува од љубовта и надежта во Бога, но ,исто така, и придонесува за зголемување на љубовта, бидејќи колку повеќе сме благодарни, трпеливи и ведри, толку повеќе и побогато Бог ни ја дава Својата благодат. За среќа, евтаназијата сè уште не е распространета низ светот, туку само во некои земји, но е со тенденција за брзо раширување.

Како што може да се забележи, во основата на сите тука спомнати современи предизвици лежи недостатокот од љубов кон Бога и кон луѓето. Недостатокот од љубов ги раѓа страстите со сите нивни пројави во животот на луѓето. Тоа е основната и единствена причина за секој проблем во човештвото. Затоа не треба овие предизвици да ги гледаме и третираме само како социјални проблеми, туку треба да понудиме суштинско решение. А суштинското решение се состои во растењето во несебичната љубов. Христијаните треба секојдневно да растат во таа љубов, и со тоа му сведочат на целиот свет дека смислата и целта на животот е стекнување на љубовна непрестајна заедница со Бога, а преку Бога и со сите луѓе. Може уште многу да се зборува и да се пишува за сите овие современи проблеми, но целта треба да ни биде да го најдеме коренот. Социјалните проблеми, доколку се третираат само како такви, остануваат нерешени, затоа што површинското соочување со проблемот никогаш не може да го реши и излечи. Решавањето на секој проблем и предизвик е возможно само доколку се дијагностицира и неутрализира причината за неговото постоење.

Јеромонах Атанасиј Арсоски
Извор: Православен Пат [бр. 30]

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz