Скорешна историја на содомијата

Коментар од редакцијата:

Професорот Андреј Кураев на македонската православна јавност ѝ е доволно познат. Ова се должи, пред сè, на неговите книги, статии и анализи кои се однесуваат на многу теми од современото живеење на Црквата. Исто така, пред неколку години тој беше гостин во Скопје и одржа две предавања на кои посетеноста беше исклучително голема. Во поново време, протоѓаконот беше изложен на остра критика од црковната руска јавност поради неговите изјави во јавноста околу ЛГБТ-лобито во Руската Црква. Беше отпуштен од работа како професор на Московската духовна академија, и речиси сите издавачки куќи добија препорака да не соработуваат со него. Тоа, пак, не го спречи и онака активниот црковен деец да продолжи да пишува на неговиот LiveJournal за состојбите и предизвиците на Црквата во светот.

+ + +

Тоа е стар грев, од кого со нов раскол нема да побегнеш.

Од одговорите на св. Игнатиј Брјанчанинов за неговата проверка на Валаамскиот манастир (1838 г):

„Иако намесникот, јеромонах Иринарх, после истрагата беше оправдан, сепак, заради обвинувањата за толку гнасен порок, тој повеќе не може да ја држи својата должност и да престојува во манастирот. Ризничарот, јеромонахот Иринарх, обвинет во вакви пороци преку клевети кај игуменот Варлаам, треба да се лиши од должноста и да биде преместен од манастирот. При отстранувањето на намесникот и ризничарот, мислам дека е потребно да се реши, и понатаму никогаш да не се примаат во овој манастир. Притоа, треба да се повтори строгата забрана да се најмуваат момчиња Финци како работници во Валаамскиот манастир.“
Целосно житие од свети Игнатиј Кавказски. М., 2002, стр. 133-134.

Да потенцираме: самото осомничување за хомосексуалност, св. Игнатиј го сметал како доволна причина за расчинување на свештеникот-хомосексуалец.

За тоа, што се случувало во тоа време во келиите на Атонските манастири, може да се прочита во книгата „Посмртни завети на Нил Мироточиви“ (Света Гора, 1912: опишана е ситуација од почетокот на 19 век):

Глава XLII

Пристрасноста кон искушениците е главната причина за попустливост на старците. Честопати се случува старецот да го одобрува бесчинството и непокорноста на послушникот. Тоа се случува од пристрасност кон послушникот; тогаш послушникот станува старец, а старецот – послушник, совршено потчинувајќи му се на својот послушник. Така, сиот свој живот, монашки живот, старците го откриле, заради пристрасност кон своите послушници; т. е., во древноста послушниците ги ценеле старците, целосно покорувајќи им се, а сега – старците се грижат и треперат пред послушниците. Ако послушникот е млад, старецот се опрелестува со плотска прелест, му дава целосна власт на својот послушник и сосема му се потчинува. Со таа пристрасност кон послушникот, во старецот влегува бес, бесот (на мажестрастие), до тој степен започнува да го напаѓа, што старецот, на крај бива победен од страст кон послушникот, испраќајќи му погледи; послушникот, пак, гледајќи како старецот го гледа, и самиот му испраќа погледи на старецот; старецот уште повеќе се разгорува со плотска љубовна страст, бива опиен од таа плотска љубов, почнувајќи да го прегнува послушникот; послушникот, гледајќи дека старецот се соблазнува со него, започнува и сам да се соблазнува од својот старец; така, занесувајќи се, и двајцата ги победува демонот, паѓаат во дело нечисто, валкајќи се како свињи, еден со друг…

Послушникот, гледајќи што направил со него старецот, добива лошо мислење за него и не го смета дури ни за човек, го смета за полош од магаре, и веќе не го прашува што и како да прави. Старецот пак, гледајќи дека послушникот ништо не го прашува – се срди, се грижи, се лути на својот послушник, но не смее со ништо да го прекори, зашто што ќе почне да му преговара, истиот миг послушникот ќе започне да му одговара со неприлични, груби зборови. Тогаш старецот започнува да се кае, да плаче, да се гневи на себеси, што толку лошо пострадал од својот послушник. На крај, разгневувајќи се на послушникот, сака да го изгони заради непослушност; изгонетиот послушник започнува да му вика на својот старец и му вели: ‘Вчера ми ветуваше дека ќе ми го дадеш својот дом и сè што е во него, додека не ја исполни со мене твојата похот; вчера тоа ми го вети, вчера со мене похотствуваше, а денеска ме бркаш? Тогаш знај, дека отсега па натаму немаш право ни на домот, ни на она што е во него, зашто тоа јас го купив со мојата чест. Сам замини и да те нема одовде, зашто ти ме преоскверни мене, зол бесу…’

Старецот, слушајќи ги тие зборови, тагува, се мачи и плаче.

Глава LVII

Ако не се чуваш од прврзаност кон младиот, и од љубопитност се насладуваш со него со око или збор, или дело, тогаш благодатта на Сесветиот Дух истиот час ќе отстапи од тебе, и во тебе ќе се всели бес.

Не велам јас дека младиот е нечист, но велам дека вашите очи се осквернети (односно, од младоста човек се навикнува на блудот на очите и пристрасноста кон убави лица). Велам, дека вие сте безумни во своето спасение. Кога се сретнувате со млади, гледајќи на младичот пред себеси, истиот час се осквернувате во своето расположение. Што е виновен младичот, што ти, како животно и како коњ се соблазнуваш со него, ласкајќи му?

Младиот, гледајќи ја твојата соблазна, и самиот почнува да ти ласка, потсмевајќи се над тебе, како над (глупава) овца; ти не ги сфаќаш замките на младиот и тоа дека тој се исмејува над тебе, потсмејувајќи ѝ се на твојата занесеност. Потсмевајќи ти се, младиот ти ласка, а ти го китиш, за уште повеќе да му ласка окото твое, му ги пренесуваш сите твои чувства, стануваш бесчувствителен кон Бога во своето расположение, и со бесчувствителноста на твојата состојба се помрачуваш, не го гледаш спасението свое, мечтаејќи за лицето на младиот. Со тоа дотерување, заради ласкање на твојата плот, го соблазнуваш младиот заедно со тебе. Младиот се соблазнува кон тебе, ти го украсуваш со накити, а тој станува пред тебе како девојка… Кога пак ќе гледаш на такво женско лице, што ќе се случи со тебе?..

Дел петти, глава XIX

Некој старец, во скитот имал еден голобрад младич кој бил многу убав по лице и правел голема соблазна меѓу браќата од скитот. Имало уште еден човек немоќен да се бори со таа страст, кој мислено се насладувал со младичот.

Бидејќи тој младич правел голема соблазна во скитот, некои од браќата решиле да го избркаат; други пак, не го сакале тоа, зашто биле вљубени во младичот. Особено старецот на младичот, претпочитал самиот да си замине од Света Гора, отколку да се раздели од младичот; до таму одела неговата „заљубенос“ во младичот. Оние пак, кои не го сакале младичот, правеле големи бунтови, за да се избрка младичот од скитот. Еден од нив, по име Лука, смел по карактер, смело настојувал на тоа младичот да биде избркан од скитот.

Еднаш, кога отците со смелиот Лука требало да се соберат, за да го избркаат младичот, овој мажељубец му направил на Лука таква замка, преку која се надевал да го згасне бунтот против младичот. Се преправил тој како истомисленик на Лука. Лука требало да помине покрај неговата келија за да отиде на соборот; немоќниот, кога видел дека доаѓа Лука, го викнал кај себе и му рекол:

„Верувај ми, старец Лука, само Бог знае што трпам јас заради тоа момче“. Лука одговорил: „Зошто не ја исповедаш твојата болест пред соборот, за да донесеме одлука да го избркаме од скитот?“ Лукавиот рекол: „Што да правам, Лука? Се плашам од неговиот старец. Зарем не знаеш, каков е неговиот старец? Подобро оди ти и донесете одлука да ја избркаме соблазната од скитот зашто многумина се извалкаа заради таа соблазна“.

Кога тој го рекол тоа, Лука станал за да појде, а итрецот продолжил: „Почекај, да се напиеме по една ракија“.

Лука рекол: „Не сакам; ако сакаш да ме угостиш, направи малку шербет (слатко со вода). Ако се напијам сега ракија или вино, ќе речат дека пијанството го тера Лука да прави вакви возбуни“.

Итрецот рекол: „Седни, Лука, додека да го направам“.

Лука, не гледајќи ја итроштината, седнал; итрецот пак, подготвувајќи го шербетот, ставил во него од тоа, што сега го викаат жива, ставил во толкава мера, што ќе почне да дејствува кога Лука ќе биде на соборот.

Лука, не знаејќи ништо – се напил од затруениот шербет, а потоа си заминал од злосторникот и заминал на соборот, свикан во една од каливите за решавање на прашањето за младичот. Слушајќи дека го заштитуваат младичот, и сакаат тој да остане во скитот, и додека не му порасне брада да не излегува од собата и да не оди во соборниот храм, – Лука многу се налутил; истовремено со гневливата загриженост, во него почнал да дејствува и отровот. Само што ја подигнал раката, за да каже дека младичот не треба да биде во скитот, едвај ја отворил својата уста, кога во истиот час отровот го удрил во главата, му се завртело во свеста, паднал пред нозете на соборот, и починал на истото место; пред нозете на соборот лежело мртво тело. Гледајќи ја таа ненадејна смрт, заседавачите на соборот се зачудиле и помислиле дека Божествениот гнев го стигнал Лука и го убил, затоа што немилостиво барал да се избрка младичот.

+ + +

Дали оваа книга навистина се однесува на самиот преп. Нил Мироточиви (тој умрел во 17 век) или не, нема да тврдам ништо. Најверојатно, ова е класичен псевдограф: своите мисли да се објавуваат под името на некој познат деец. Но, тоа што оваа книга ја напишале и издале токму светогорци, покажува дека овие текстови нив воопшто не ги шокирале. Тоа кај нив била допустлива форма на самокритика: не од свое име, туку од име на светителот. Ако не самиот Нил, тогаш обичен анонимен монах-сведок, прикривајќи се со името на Нил, ни дава слика за дел од животот на Света Гора во 19 век.

Без овие глави „Посмртните завети“ се многупати реиздадени од најправославните издавачки куќи и манастири.

Впрочем, кога јас многу одамна ја читав оваа книга, мене најмногу ме порази расказот за тоа, дека светогорските монаси плаќале пари на селаните да го исчитуваат за нив монашкото правило…

Но и Валаам, и Света Гора, Божјата промисла сепак ги сочувала. Да бегаме од Домот Божји во раскол, не вреди. Ама да покажеме ревност за неговата чистота, не би било лошо.

ѓакон Андреј Кураев

Следи продолжеток за современите сведоштва.
Приредил: м-р Златко Дивјаковски

Оставете коментар

1 Comment on "Скорешна историја на содомијата"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] продолжение на Скорешна историја на содомијата […]

wpDiscuz