Собор на Пресвета Богородица

Пресвета Богородица

Христос се роди! Бог се воплоти!

Светот полека започнува да се смирува од новогодишната и псевдо-божикната хистерија која владееше во минатите неколку дена. Сите народи на земјата, на еден или друг начин, и на еден или друг датум (па дури и час), го празнуваа Рождеството Христово, и настапувањето на новата граѓанска година. Но, од сите нив, се чини дека само православните народи продолжуваат да пребиваат во една безвременска, блага радост, сведочејќи ги севистините на спасителниот домострој Христов, кои Православата Црква ги празнува во деновите кои следат по Божик.

Денот по празнувањето на Рождеството Христово, Православната Црква го посветува на Соборот на Пресвета Богородица. Кај многумина се јавува прашањето зошто Светата Црква одлучила денот после воплотувањето на нашиот Спасител да го посвети токму на Неговата мајка. При одговарањето на ова прашање, може да се употребат неколку различни пристапи кои ќе ни понудат увид во неколку аспекти од светотаинскиот живот на Црквата, како богочовечки и вечножив организам.

Историски гледано, самиот празник на Соборот на Пресвета Богородица е востановен некаде помеѓу 500 и 530 година после Христа од страна на светиот благоговеен цар Јустинијан. Празникот бил своевиден одговор на богословските учења кои Црквата не ги препознавала како свои, а кои би можеле да бидат класифицирани како христолошки, или теотоколошки (или мариолошки) ереси и теологумени. Имено, било важно Богородица да биде посочена како личност која има клучна улога во планот на Божјата сеспасителна волја, Жив храм во кој пребивал и пребива Животодавецот. На почетокот, Црквите на Запад овој празник го празнувале осум дена по празнувањето на Христовото Рождество, но подоцна на овој ден започнало да се празнува Христовото обрезување, за Соборот на Пресвета да биде прославуван веднаш по Словорождеството.

Самиот термин – собор, или изворно – синаксис [син-аксиос = со-достојно, исто така достојно], ја доловува и суштината на празнувањето. Една кратка паралела ни нуди поопширен увид во плиромичната православно- вечноактуелна еклисиологија: имено, Црквата секогаш по славењето на некој значаен настан или личност за спасението на човекот, одлучува да слави собор на некоја личност која е тесно поврзана со соодветниот настан, односно личност. На тој начин се гради една света самореферентна потврда на спасението возглавено од Оној Кој на дрвото пострада за нас. На пример, Соборот на свети Јован Крстител се празнува ден по Богојавление (Теофанија), сведочејќи дека светиот Јован Крстител одиграл содостојна улога во јавувањето на Оној Кој Еден Е, а сепак Троица Се. Соборот на свети архангел Гавриил пак, се слави ден после Благовештението, утврдувајќи ја неговата клучна улога во објавувањето на христоблагата вест за зачнувањето на Оној Кој безвремено сопостои со Отецот.

Во денешниот случај, Соборот на Пресвета Богородица следејќи после Рождеството Христово ни имплицира дека и Богородица е содостојна на својот Син во нејзиното слободноволно предавање на волјата на Небесниот Отец, и учество во надумната драма на Спасението.

Од друга страна, на едно егзистенцијално и психолошко ниво, Црквата на овој начин сведочи уште една вистина. Кога во некој дом се раѓа младенче, сите ближни посакуваат да го посетат младенчето, но и неговата мајка и нивниот дом, и да им принесат дарови, да ги целиваат, и да се радуваат со нивната радост. Штом тоа се случува со секое дете родено на овој свет, колку повеќе истото би требало да се случува и со раѓањето на Богодетето? Зарем не би посакале сите христијани да појдат и да Ги посетат Младенецот и Богоотроковицата, и со херувимска радост, заедничарејќи да им се радуваат? Мислам дека одговорот е очигледен.

Да се удостоиме со причислување кон Соборот на оние кои ја слават и се радуваат со Богомајката и нејзиниот Младенец, славословувајќи Го единственото нешто кое е ново под небесата: надумното рождество на нашиот Спасител.

Навистина се роди.

Оставете коментар

1 Comment on "Собор на Пресвета Богородица"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Собор на Пресвета Богородица […]

wpDiscuz