Смисолот на љубовта

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Манастир

Смисолот на љубовта е и смисол на животот, затоа што љубовта, и покрај тоа што го мислиме и замислуваме, не е само едно обично чувство. Кога зборуваме за Бога, и велиме дека Бог е љубов, ние не мислиме дека Тој е бескрајно чувство, туку нешто многу подлабоко од ова, [а тоа е] дека Бог е полнота [изобилство] на животот и битието. Истото ова се однесува и на нашата, човечка љубов. Кога еден човек е обземен од љубов, велиме дека се работи за човек кој има изобилство на живот во себе, дека чувството на живот, или силата на животот во него е толку полна, толку моќна, што зрачи од него. А тоа раѓа радост, смелост, ревност [елан] кои одат и отаде смртта. Светото Писмо сведочи дека љубовта е посилна од смртта. И навистина, посилна е од смртта, оти со својата полнота, моќ и сила, себеси се пренесува во царството на вечниот живот. Токму затоа љубовта е спремна на крајни жртви, не само на дародавање и даропримање, туку и на положување на својот живот, затоа што тој живот, доколку е подарен, е примен во полнота. Всушност, полнотата на животот најдобро се изразува во крајната жртва. Можеби се сеќавате на зборовите Христови: „Никој не Ми го одзема животот, туку Јас Самиот слободно го давам“. На тој начин, љубовта, односно полнотата на живот која таа ја сведочи, е неповредлива. Луѓето може да ни го одземат животот, луѓето може да нè стават на секакви измачувања, а ние останеме неповредени: тоа е така, затоа што во реалноста, никој ништо не ни одзема, туку ние, како личности кои љубат, даваме.

Би сакал да ви дадам еден пример. За време на Руската Револуција, една мајка со своите две деца се криела во едно мало гратче. Вечерта во домот во кој се криеле пристигнала една млада жена (приближно на нејзина возраст), кажувајќи ѝ дека таа е разоткриена, предадена, и дека наскоро ќе биде уапсена и убиена. И додека мајката ги гледала своите деца, нејзината другарка ѝ рекла: „Не грижи се, ти само замини и скриј се“, на што мајката одговорила: „Како можам да се скријам со овие две деца? За само неколку часа ќе ме откријат“. Но, нејзината непозната другарка ја изненадила со својот одговор: „Не, ти оди, а јас ќе останам, и ќе се претставам како тебе; најверојатно ќе ме убијат, но ти ќе се спасиш, и ќе можеш да се вратиш назад кај овие деца“. Тоа и се случило.

Ова е еден чин на љубов, кој се раѓа од една таква полнота на животот, од една таква сигурност дека животот не престанува, туку се исполнува [уште повеќе] во таквата смрт.

Нема поголема љубов од тоа, да си го положиш животот за својот брат. Оној кој слободно го прави тоа, се здобива со полнота на животот, оти животот вреди онолку, колку што вреди она за коешто се живее; и животот се стекнува со полнота само тогаш, кога сè што може да се стори, се прави надвор од стравот, во радост и вера.

Токму ваков е смисолот на љубовта за мене. Една таква полнота на животот, која би ми дозволила да прифатам да бидам целосно ранлив, никогаш да не отстапам, да не одолеам да се дадам себеси до крај, без да правам разлика меѓу другите, со вера дека љубовта никогаш нема да биде победена, дека љубовта е посилна од смртта; оти, ако љубиме, значи дека веќе сме се откажале од ограниченото его и сме прераснале во заедница, заедница на животот со Бога, Кој и Самиот е љубов. Амин.

Митрополит Антониј Сурожски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz