Смирение и внатрешна радост

Изминаа три седмици од Божикниот пост, тече четвртата, мои драги пријатели. Овој пост, почнувајќи од 28 ноември, трае шест седмици – речиси колку Великиот пост. Сепак, Божикниот пост има сосем поинаков и потполно уникатен карактер. Обично, за нас постот е нешто поврзано со покајание, тага, оплакување на гревови, очистување на душата во очи на некој голем настан или таинство. Но, постот пред Божик, освен ова последното, очистувањето на душата во очи на Рождеството, не ги нагласува ваквите обележја. Напротив, сите тие се засенети од две други обележја: смирение и внатрешна радост.

Зошто Црквата нѐ повикува овој посен период да ги смириме нашите души? Затоа што празникот што ни претстои, макар што е толку радосен и велик, е целосно обвиен со овој дух на смирение. Апостол Павле ни говори дека на Божик „Бог од висините се симна на земјата, за нас да нѐ вознесе на небесата“. Но, за да го постигне ова, Господ „Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето“. Сите ни сме слуги Божји, односно, сите ние сме создадени, а Бог, за да стане човек, се понизил, се испразнил, се смалил, или со други зборови – ја смирил Својата Божествена природа. А сето ова Господ го направил за нас, за да нѐ спаси од смртта и силата на ѓаволот, за човекот – круната на Божјото создание – да не исчезне. На сличен начин и ние треба да Му служиме и да Му благодариме на нашиот Создател и Спасител. Треба да ја победиме гордоста, да престанеме со фалбаџиството, да прекинеме со себичноста, и дури тогаш, во целосно смирение, ќе ни се открие патот за вознесување кон небесата, во небесната стварност што Господ за нас ја отвори при Неговото спуштање на земјата.

Влезот во Црквата на Рождеството во Витлеем
Влезот во Црквата на Рождеството во Витлеем
Во Светата Земја, во градот Витлеем, каде Господ се роди во скромни јасли пред 2000 години, денес стои една велелепна црква. Оваа црква има многу карактеристични влезни порти; имено, влезот е направен толку ниско, што секој оној што сака да влезе во неа, мора добро да се наведне. Ваквиот дизајн бил направен со намера, за постојано да нѐ потсетува за потребата од духовно смирение пред величината на настанот што се случил на тоа место.

Од друга страна, Божикниот пост е време на радост. На пример, во Великиот пост Црквата е предадена на покајание, освен, условно да се изразиме – на двата големи разници на Благовештението и Влегувањето Господово во Ерусалим (и двата настани се директно поврзани со Пасхата), речиси и да не се празнуваат други празници, оти празничниот дух би противречел на целта на овој пост. Од друга страна, пак, целиот Божикен пост е урасен со празнување на големи светители и празници, како Воведението на Пресвета Богородица, великомаченичката Катерина, апостолот Андреј, великомаченичката Варвата, свети Никола, свети Спиридон, и мноштво друго. Како Црквата да сака да ни каже дека сите овие светители и радоста околу нив, сето ова станало можно само поради тоа што Господ дошол на земјата, и ни го отворил патот кон небото.

И затоа Црквата постојано нѐ повикува да се подготвиме за претстојната радост со зборовите од Божинкиот канон: „Христос се раѓа, славете Го! Христос доаѓа од небесата – пресретнете Го! Христос е на земјата – вознесете се!“ Амин.

Отец Ростислав Шенилов

Оставете коментар

1 Comment on "Смирение и внатрешна радост"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Смирение и внатрешна радост […]

wpDiscuz