Мајчинството како служба на жената

Значи, величествена е улогата на жената во Црквата, и сите треба да размислуваме за таа појава. Во нашето христијанско учење за човекот, зборувам за богословието, жената е во истата мера човек, во која е и мажот. Нејзините можности за служење не се ограничени во историјата. Самиот факт, што Бог Словото се воплоти од Жена, покажува дека жената воопшто не е унижена пред Бога.

Но, тука сакам да ја искажам најглавната мисла на мојата беседа. Сѐ што кажав досега беше само вовед, за сите да се најдеме во одреден тек на мислите. Ако говориме за возвишеното назначување на жената, тогаш и самите жени треба да го оправдаат тоа нивно назначение. Да се оправдаат себеси во сите аспекти на животот на човештвото. Но нејзино најсуштествено дело, нејзина најважна функција претставува МАЈЧИНСТВОТО: „и ја нарече Адам својата жена ЕВА, т.е. живот, затоа што таа стана МАЈКА НА СИТЕ ЖИВИ“ (1Мојс 3,20). За да го издигнат човештвото, жените треба да раѓаат така, како што нѐ учи Словото Божјо. Зашто постојат два начина на раѓање: едно – по тело, друго – по дух. Христос му рекол на Никодим: „Роденото од тело е тело, а роденото од Дух е дух. Не чуди се на ова што ти го реков: ’треба да се родите Одозгора‘“ (Јн 3,6-7).

Губејќи го ова возвишено сознание, жените на нашето време почнаа да раѓаат првенствено по тело. Децата на нашето време станаа неспособни да веруваат. За нив често станува невозможно да поверуваат дека се образ на Вечниот Бог.Најголемиот грев на нашето време е во тоа, што луѓето пропаднаа во очајание и веќе не веруваат во воскресението. Смртта на човекот за нив претставува потполна смрт, уништување, кога таа треба да биде момент на промена на формата на нашето битисување, наш роденден за повозвишен живот, кој веќе во целата своја полнота му припаѓа на Бога. Бидејќи Евангелието вели: „Оној кој верува во Синот има живот вечен, а оној кој не верува во Синот, нема да види живот“ (Јн 3,36). „Вистина, вистина ви велам: оној кој верува во Оној Кој Ме прати има живот вечен и нема да дојде на суд, туку ПРЕМИНАЛ од смрт во живот“ (Јн 5,24). „Вистина, вистина ви велам: кој ќе го запази словото Мое, тој нема да види смрт довека“ (Јн 8,51). И такви искази можат да се приведат многу.

Но, често имав прилика да слушам од луѓето: како е можно сето тоа? Зошто повеќето луѓе ја изгубиле способноста за таква вера? Не постои ли ново безверие како последица на поширокото образование, кога кажаното во Писмото станува мит, нереален сон?

ВЕРАТА, способноста за верата не стои во директна зависност од степенот на образование на човекот. Да, забележуваме дека во нашата епоха, кога се распространува образованието, се намалува верата, но, во суштина, треба да биде обратно, т.е. колку е поопширно познавањето на човекот, толку повеќе има тој основи да ја осознае величествената премудрост на созданието. Значи, во што е коренот на безверието?

Богородица и мироносиците, детаљ
Богородица и мироносиците, детаљ

Најнапред би требало да кажеме, дека прво и најважно е делото на родителите: татковците и мајките. Ако родителите кон актот на раѓањето на нов човек се однесуваат со полна сериозност, со сознание дека роденото дете може да да биде навистина „син човечки“ според подобието на Синот Човечки, т.е. Христос, тогаш тие кон тој акт ќе се подготват поинаку, за разлика од начинот на кој тоа обично се случува. Еве прекрасен пример: Захарија и Елисавета долго се молеле за да им се даруваат деца… И што се случи? „Му се јави ангел Господов на Захарија за време на неговото служење во храмот и му рече: ’Захарија, услишана е молитвата твоја, и твојата жена ќе роди син и ќе му го дадеш името Јован. И ќе ти биде за радост и веселба, и мнозина ќе се израдуваат поради неговото раѓање, зашто тој ќе биде голем пред Бога… и ќе се исполни со Светиот Дух уште од утробата на мајка си, и мнозина ќе обрати кон Господа Бога‘“ (Лк 1,11-16).

И гледаме дека Јован, уште додека бил во утробата на својата мајка, дознал за доаѓањето на Мајката на Христос и се израдувал, и неговата радост се пренела на мајката, и таа се исполнила со пророчки Дух (види Лк 1,40-41). Друг пример е пророчицата Ана (види Лк 2,36).

Така и сега, ако татковците и мајките раѓаат деца при сознанието на извонредната важност на тој акт, тогаш нивните деца ќе се исполнат со Светиот Дух уште од утробата на мајката, и верата во Бога, Творецот на сѐ, како во нивен Отец, за нив ќе стане природна, и никаква наука не ќе може да ја поколеба таа вера, зашто роденото од Дух е дух. И Битието Божјо, и Неговата блискост кон нас за таквата душа претставува очигледен факт. И неверието на учените или неучените, во очите на таквите синови Божји, ќе биде само индикатор дека тие луѓе сѐ уште не се родиле одозгора, и токму по силата на оваа состојба тие не веруваат во Бога, затоа што се само тело, родено од тело.

Но, што навистина претставува проблем на Црквата, нејзино назначување – токму тоа, да им се покаже на луѓето, дека тие се навистина синови и ќерки на вечниот Отец, да ја покаже во светот можноста за поинаков живот, подобен на животот на Самиот Христос или животот на пророците и светиите. Црквата треба да ја носи во светот не само верата во воскресението, туку и увереноста во тоа. Тогаш ќе отпадне потребата за какви било други моралистички учења.

Архимандрит Софрониј Сахаров
Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

1 Comment on "Мајчинството како служба на жената"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Посветено на тетка Милица :))

wpDiscuz