Службата на жената

Положбата на жената во минатите векови била исклучително тешка, и дури до денес таа останува нецелосно решена. Во сите аспекти на животот тој проблем се покажува доволно сложен: и во аспектот на државното законодавство, и во аспектот на социјалното градење на општеството, и во аспектот на распределувањето на трудот, и во аспектот на воспитувањето и образованието, и, конечно, во апектот на црковниот живот. Многу нешта се променија во последните децении; по однос на многу нешта жената зазеде неспоредливо подобра положба од претходната, но сѐ уште животот останува неуреден, и не е пронајдена суштински вистинската мера. Во минатите векови мажот бил законодавач, господар. Жената често била многу понижувана и, при барањето на правдата и справедливоста, кај сите оние што посакувале подобрување на положбата на жената била мислата: да биде изедначена во правата со мажот во сите аспекти. Тој пат дал прекрасни резултати: многу жени станале учени, почнале да играат историска улога, учествувајќи во изборите на раководствата. Во семејството, исто така, положбата на жената се променила во нејзина полза.

Да, сето тоа е така, но дали можат да се сметаат за решени прашањата не само на трудот на жената, но и на нејзината семејна положба? Опитот на историјата покажал дека огромното тело на човештвото се состои од клетки, а таква клетка претставува семејството. Во зависност од тоа, дали се здрави клетките, се наоѓа и здравјето на целото тело.

Значи, огромното тело на човештвото, т.е. неговото здравје зависи од тоа дали се здрави клетките на телото, т.е. семејството. Дали современата состојба може да се смета за добра? По силата на тоа што жената станува совршено независна економски, работејќи исто така, како што работи секој маж, зачестија распаѓањата на семејствата, т.е. разводите. И ако нема распаѓање на семејството, а жената е принудена да работи или во фабрика, или во канцеларија, или во други комерцијални установи, тогаш повторно страда семејството, бидејќи за децата нема веќе ни татко, ни мајка, а децата се предаваат на воспитување во училишта, лишени од милувањата на своите мајки.

Ако жената работи во иста мера со мажот, тогаш повторно се нарушува справедливоста, бидејќи жената во семејството, покрај работата, носи уште и други тежини. Другите функции таа ги имаа токму затоа што таа е – мајка на децата. Се чини, со ова, врз жената лежи поголема одговорност, посложена улога, нејзе би требало да ѝ припаѓа и привилегијата да управува со семејството. Оти некој треба да управува и во семејството, како и во секоја друга човечка установа. На тој начин, во многу семејства се раѓа борба за власт, која многу често завршува катастрофално за опстојот на семејството. Значи, каде и да се свртиме, насекаде гледаме неверојатно комплицирани проблеми, а нивното решавање сѐ уште не е блиско.

Жената во сознанието на Истокот претставувала пониско суштество. Дури и во Евангелието гледаме такви текстови, како на пример:
„А оние што јадеа беа околу пет илјади, освен жените и децата“ (Мт 14,21). Се имале предвид само мажите, а жените не се ни броеле.

Овие неколку забелешки ги направив, со цел да погледнеме на нештата онака, како што нив ги гледаат повеќето луѓе. Но мислам дека ние, како христијани, го гледаме и она што другите не го забележуваат. Сметаме дека најважното прашање за секој човек воопшто е прашањето: ШТО е човекот? Какво е неговото предназначување? Зошто се појавил во светот? Која е целта пред него? Која е смислата на неговото постоење? Ако не си ги одговориме овие прашања, ние никогаш не ќе можеме да ги решиме и другите прашања, кои стојат пред нас по кој било аспект. Не може, на пример, да се достигне навистина справедлива структура на општеството без тоа познание. Не можат да се решат проблемите на државното устројство, ако немаме одговор на ова главно прашање. Целата историја на човештвото станува бесмислен циклус, со безумни војни, со несправедливо насилство на силниот врз слабиот, слично на она што гледаме во животинскиот свет. И така, ШТО е човекот? Одговор на ова прашање добиваме во Светото Писмо: „И го создаде Бог човекот според образот Свој… машко и женско ги создаде“ (1Мојс 1,27). И малку понатаму читаме: „Го создаде Господ Бог човекот од земниот прав и во лицето негово вдахна животен дух, и човекот стана жива душа“ (1Мојс 2,7).

Значи, ако мажот и жената ги создал Бог како едно човештво, тогаш нормално, прашањето за соодносот меѓу мажот и жената секогаш бил и секогаш ќе биде едно од најважните животни прашања. Ако обратиме внимание на природните дарови на жената и ги споредиме нив со даровите на мажот, тогаш од многуилјадниот опит ќе видиме дека тие дарови се различни; тие понекогаш се совпаѓаат, а понекогаш се дополнуваат едни со други. Исто така, од историјата и од Светото Писмо знаеме дека на Исток, каде се родиле сите големи религии, власта на мажот над жената била извонредно голема. Жената во сознанието на Истокот претставувала пониско суштество. Дури и во Евангелието гледаме такви текстови, како на пример: „А оние што јадеа беа околу пет илјади, освен жените и децата“ (Мт 14,21). Се имале предвид само мажите, а жените не се ни броеле. Но тоа не го гледаме само на Исток.

Се сеќавам, како дете читав германски статистики на научници за улогата на мажот и за улогата на жената во историјата на културата. И германските научници укажуваа на направеното од мажот, како на голема планина, а за жените, кои на некој начин ги оставиле своите имиња во историјата на културата, само малку пишуваа.

Ни се чини, дека тоа недоразбирање се јавило како последица на губењето на сознанието на она што е кажано во Писмото: „И го создаде Бог човекот според образот Свој… машко и женско ги создаде“ (1Мојс 1,27). На ова забораваат не само мажите, но и самите жени. И за да го исправиме целиот наш живот во сите негови аспекти, почнувајќи од семејството, жените треба да се издигнат духовно и да го пројават во светот своето автентично значење, својата висока улога.

За христијанската Црква прашањето за улогата на жената со секоја година станува сѐ поостро. Гледаме дека во земјите каде атеистичкиот комунизам води отворена борба против Црквата со примена на секаков вид насилства, Црквата ја спасува храброста на жените, нивната пожртвуваност, нивната подготвеност за секакви страдања. Насекаде гледаме дека во храмовите жените го сочинуваат најголемиот процент. Може да се каже, дека во храмовите на молитвите жените го сочинуваат мнозинството, понекогаш три четвртини, а понекогаш и уште повеќе. Ако во моментот сите жени заминат од Црквата, тогаш Црквата не би можела да постои, зашто мажите, кои го исполнуваат високото пастирско служење, кои заземаат високи ерархиски служби, станале малубројни и, едноставно речено, материјално за нив не би било возможно да ја одржуваат Црквата.

(продолжува – Мајчинството како служба на жената)

Архимандрит Софрониј Сахаров
Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz