Слуга и ученик

Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга поголем од својот господар, доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар.

Матеј 10, 24-25

Во училиштето на душата има и многу убави сеќавања. Без оглед на нејзината судбина да живее насреде бурата од страдања и пустиот остров на спокојот, таа помнела кога Бог ја посетил, Неговите мудрости за престојувањето на земјата и патот до Небото и нејзиното самопризнание дека тоа биле чекори по вистинскиот пат. Така таа беше душа сеприемчива, а јас Негов ученик.

Во имотно-деловните односи душата повторно има и многу убави сеќавања. Нејзиното тело навистина се уморило по трагите на огненото прочистување, но таа помнела и кога пред Бога на колена паднало и таа броела колку солзи искапало додека не дојде ветениот час. Така таа беше душа послушна, а јас Негов слуга.

Јас сум Негов ученик. Научив дека најголемо богатство во универзумот е љубовта. Таа ги дефинира вознесените елементи на животот, но и ги лечи раните кои тој ќе дозволи да ни ги направат. Научив дека треба да простувам повеќе од седум пати по седум по седум, а да се каам барем два пати по толку. Научив дека кога ќе ме навреди мојот ближен, треба да го бакнам во двата образи и ја омекнам неговата лутина кон мојот прекор. Научив дека Лукавиот е помудар и посилен од моево тело, но нема ниту грам надеж во милоста на Таткото, за разлика од моите бесконечни верувања во тоа. Научив дека бедните се први, а скрушените последни и дека на Небото ќе биде обратно. И научив дека молкот е навика, но драгоценост и дека доволно е да се рече: да и не.

Јас сум Негов слуга. Ќе се опашам и ќе Му ги измијам нозете за да ја потврдам мојата нискост и чујам таму долу за параболите кои живот значат. Ќе разнесувам елеј за светилниците и задржам малку за себе си за во светлина да го дочекам Младоженецот кога ќе тропне. Ќе ги земам талантите и закопам длабоко во срцето како би ми родиле уште неколку, но не во име на профитот туку како штотуку расцутени гранчиња со животворен мирис. Ќе го носам јаремот кој е лесен и секоја лузна ја дезинфицира, но остава како доказ дека тестот е успешно завршен. И верувам дека во новата земја слугата добива чин сразмерно на спектарот во неговата светлина.

Нема ученик поголем од својот учител. Можам ли поверно да љубам од Него? Или побрзо да простувам? Или помоќно да му се спротиставам на Лукавиот? Можам ли да бидам и скрушен и последен на земјата доволно долго и трпеливо силно до вечноста? Може ли молкот против страстите да ми биде второ јас? Не. Доста е за ученикот да биде како својот учител. Грубата несовршеност да ја покаам, благодатта да ја прифатам и да се надевам на мојата љубов, за да Ме прибере. И тогаш сите ќе познаат дека дека сум Негов.

Нема слуга поголем од својот господар. Ќе му ги измијам ли Неговите нозе, па неколку пати ќе се одречам од Него како Петар по петелот? Ќе имам ли доволно елеј да осветлам и останам буден и неосквернет додека Го чекам да тропне на вратата? Ќе ги умножам ли талантите во вистинска вредност која значи да гледам лице во лице и разберам како што сум познат? Ќе го носам ли јаремот со достоинство на син кој благородно погледнува на секоја лузна како незаборавлив триумф? И ќе добијам ли доволен чин со привилегија да служам близу до Престолот и Нивната блескавост која заслепува од милина? Не знам. Доста е за слугата да биде како неговиот господар. Погледот сведнат кон земјата е гаранција за пропуст на неколку искушенија. Склопените раце кои формираат круг со срцето и концентрираната изолираност во тивка тишина со нечујно изговорени гласни зборови кои склопуваат духовна реченица, се гаранција за милостива услишеност. Многу нема да знаат дека сум веќе Негов.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz