Слово за свети Климент Охридски

Драги браќа и сестри,

Собирајќи се денес овде, во храмот на свети Климент, охридскиот чудотворец, ја сведочиме нашата единственост во Единиот Бог. Единственост, која што се потврдува во Тајната на заедничарењето во Телото и Крвта Христови, тајна на есхатолошката вечера во историјата.

На оваа благодатна трпеза на спасението, на Бога Му благодариме за сѐ и за секого. Но, нашата радост денес е уште поголема, и нашата благодарност денес е уште поискрена, зашто денес го славиме споменот на сесловенскиот евангелист, на рамноапостолниот насадител на побожноста, на чуварот на верата Христова1, мироточивиот чудотворец, светиот отец наш Климент.

Во годината кога јубилејно ја одбележуваме 1120 годишнината од изборот на Свети Климент за епископ на Величката катедра, се сеќаваме на секој негов аманет и на секоја негова поука упатена кон неговото стадо. Тие аманети и тие поуки, и денес се актуелни за секоја христољубива душа.

Меѓутоа, да се созерца и најмал дел од она што во Црквата го чуваме како светиклиментово предание, односно како наследство на овој велик словенски и македонски мистагог, е задача којашто ги надминува можностите на нашиот ум.

Сепак, по неговите свети молитви и по благословот на блажениот наследник на неговата света и свештена катедра, архиепископот Охридски и Македонски, г.г Стефан, се дрзнуваме да излееме барем неколку збора, за да не ја заслужиме осудата на бескнижните народи, коишто се неми и покрај смислен говор2.

Возљубени во Господа,

Свети Климент е вечноживa лира на Духот Свет, свет философ на Црквата Христова, емисар на Царството Небесно кој на нашиот, но и на сите словенски народи, им беше испратен за да го благовести спасението Христово, повикувајќи ги на плодотворно покајание. Тој, останувајќи верен на своите богомудри учители, рамноапостолните Кирил и Методиј Солунски, на словенските народи, на нивниот роден јазик им ја откриваше тајната од Евангелието. Тајна, којашто возљубениот апостол, ја изрази во зборовите: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото3.

И како што Новиот Завет го проповеда и разгласува воплотувањето на Бога Словото, така и преку поуките на овој љубомудрец, Бог Словото се воплоти во народот на словото, наречен уште и словенски народ, со што започна Новото Време од неговата историја.

Свети Климент Охридски
Свети Климент Охридски

Свети Климент, постојано, духовно престојувајќи на гората Тавор и сведочејќи Го Словото Божјо, ја охристови македонската душа, преобразувајќи ја во христоподобна. Тој, Му приготви на Господа избран народ, ревносен за богоугодни дела.

Затоа, говорејќи за свети Климента, блажениот Теофилакт ќе рече: „овој втор Павле на вторите Коринтјани – словените4, им ја откриваше Вистината Која е иста и вчера, и денес, и утре.

За таа вечна Вистина говорел и се уште говори божествениот Климент, преобразувајќи го секој човек, и водејќи го на изворот кој што никогаш не пресушува.

Драги Браќа и Сестри,

Овој богослов и архипастир, во денешната свест на Македонецот е можеби најприсутен како просветител. Меѓутоа, должност ни е да нагласиме дека помеѓу просветителството на овој божествен учител и блажен педагог, и просветителството како парадигма на современието, постои огромен јаз, што целосно ги разединува свети Климентовите и денешните современи поимања на образованието.

Светиот Климент бил свесен дека просветата е проекција на светоста, и дека нема просвета без Единствениот Свет, Кој во светлина се облекува како со облека.

Бидејќи, токму вистинското знаење и познание нѐ ослободува и просветлува; нѐ слободува од страсти и гревови, од гнилежност и смртност, подготвувајќи нѐ за вечноста. На крајот од краиштата, просветата е можна единствено по благословот на Оној Кој вели: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух5, само така ќе можеме да се образуваме, уподобувајќи се на првообразот.

Фрагментираното и разхристовено знаење, што денес од сите страни ни се нуди под превезот на „просвета“, за свои плодови ги има изопачувањата на моралот и декаденцијата на етиката.

Таквото знаење, го лишува животот на човекот од смисол и слобода. Знаејќи дека искушенијата секогаш ќе го демнат човекот, светоклиментовата порака е јасна: од просветениот човек се очекува да биде и осветен, односно да работи на своето осветување, во заедницата со Дарителот на Светоста.

Не бивајќи достојни било што друго да кажеме, ќе се дрзнеме да се позајмиме со неговите зборови, и вака да прословиме: „Која ли уста може да ја искаже сладоста на учењето негово? Кој ли јазик ќе може да ги искаже неговите подвизи, трудови и добродетели? Од неговата благогласна уста се напоија сите што беа жедни за Разум Божји, од неа се насладија мнозина што примија живоносна храна; преку неа Бог мнозина обогати со благоразумие, а со боготкаен венец го овенча многуплодниот словенски народ“6.

Драги браќа и сестри,

Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов7, Бог Јованов, Јаковов и Петров, но и Бог Кирилов, Методиев, Наумов и Климентов, нека нѐ покаже достојни наследници на Великиот Климент Охридски, другар на добродетелта8, за преку него да Го прославиме Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Троица во Единица, и Единица во Троица, сега и секогаш, и во сите векови. Амин!

1 Од акатистот на светителот
2 Проглас кон Светото Евангелие, од блажениот учител наш Константин Философ, наречен Кирил
3 Јн. 1,1
4 Од опширното житие на свети Климент Охридски, напишано од архиепископот Охридски, г. Теофилакт
5 Мт. 28, 19
6 Похвално слово на блажениот наш отец и учител Кирил од Климент, епископ Охридски
7 2Мојс. 3,6
8 Од канонот на светителот

Митрополит Кумановско-осоговски, г. д-р Јосиф

Извор: www.koe.mk

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz