Слово на Рождеството Христово

Рожеството Христово кое денес го прославуваме со толкава леснотија во срцата, со таква благодарност и радост заслужува внимание не само од нас, луѓето, туку и од сето создание, затоа што Рождеството Христово, вооплотувањето на Божјото Слово ни донесе без преседна, недостижна нова вест како за Бога, така и за човекот и за сета твар.

Бог во Христа ни се јави на дотогаш незамислив и недостижен начин.

Незнабожечките народи си претставуваа Бог велик, Бог небесен, како вооплотувач на сето она велико, велелепно, прекрасно за кое човек може да мечтае на земјата. Но, единствено Бог можеше да му се покаже на човекот така како што му се покажа во Христовото воплотување: Бог стана еден од нас. Но, не во слава, ами во немоќ; беспомошен и напуштен; ранлив и победен; презрен од сите оние кои веруваат едниствено во сила и во земно величие. Во таа прва ноќ, во која Бог стана човек, во која Единиот Жив Бог се всели телесно меѓу нас на земјата, во таа ноќ Он се приопшти на најтешката човечка лишеност.

Никој не ја прими неговата мајка под својот кров; сите го сметаа за туѓинец, сите го отераа како странец на бесконечно далечен пат без кров над глава и без поздрав. И ете тие тргнаа – та во таа прва ноќ Христос се соедини со оние кои непрестано живеат отфрлени како телесно така и духовно, кои се презрени, несакани, исклучени од човечкото општество. А таквите луѓе во човечката историја се безброј. И до ден денес – оф! – во големите градови и насекаде ширум земјата колку ли само има такви луѓе кои немаат каде да одат, кои никој не ги чека, за кои никој не воздивнува, на кои никој не е спремен да им го отвори својот дом, затоа што се туѓинци, или затоа што е страшно да се соживее со судбината на луѓето кои се унесреќени не само од несреќа, туку и од човечка злоба, луѓе кои станале туѓинци затоа што луѓето, другите луѓе ги исклучиле од своето срце и од својот живот. Осаменоста – страшната, горешта, убиствена осаменост која го разјадува срцето на толку луѓе беше искусена и од Пречистата Дева Богородица, Јосиф, и штотуку родениот Христос. Он беше туѓ, несакан од никого, исклучен и отфрлен.

Таков е почетокот на неговиот пат; и на тој пат Он, како што веќе кажав, се приопшти кон сите кои така живеат и во нашите дни, како туѓинци меѓу луѓето кои би требало да им се браќа; презрени, победени од подлост, кукавичност и човекова злоба. Ранливи се поради својата крепкост и својата незаштитеност. Наша христијанска должниост е да го видиме во нив ликот на Оној Бог кого побожно денес го славиме и таквите луѓе да ги прифатиме како што би го прифатиле Христа, доколку Он би се појавил пред нас бездомен, ранлив, беспомошен, презрен, омразен, прогонет…

Ете како каков ни се појави Бог, затоа што посака да биде еден од нас, за да ниту еден човек на земјата не се срами од својот Бог, што би било случај кога Бог би бил така велик, далечен, та да нема пристап до Него. Он стана еден од нас во нашите понижувања и немаштија; Он не се посрами од нас туку „стана како сите нас“, не само во материјалната, земна, физичка немаштија, не само затоа што беше лишен од љубовта на луѓето, туку затоа што преку Својата љубов, преку Своето разбирање, преку Своето проштевање и милосрдие Он се соедини и со оние кои беа отфрлани од другите затоа што беа грешни.

Христос пријде не праведните, туку грешните да ги возљуби и избави. Он пријде, за да ниту еден човек кој си ја загубил самопочитта не може да каже дека и Бог ја загубил почитта кон него, дека Бог повеќе не го гледа како достоен за Својата љубов. Христос стана човек за сите ние, сите без исклучок, вклучувајќи ги и оние кои ја загубиле сета вера во себе да знаеме дека Бог верува во нас и во нашето паѓање, верува во нас кога ние престануваме да си веруваме едни со други и самите на себе, верува до тој степен што не се плаши да стане еден од нас. Бог верува во нас, Бог е чувар на нашето човечко достоинство. Бог – е хранител на нашата чест, и за да ние можеме да поверуваме во тоа, за да го увидиме тоа со нашите очи Бог стана сиромав, беспомошен Човек. Оние кои веруваат во сила и во ништо друго, оние кои се убедени во својата праведност, нема да го најдат патот кон него, додека не се покајат, додека не увидат дека: cмирението, љубовта, жалостивоста, милосрдието се – законот на животот.

Но, во Христа не ни се покажа единствено Бог во Неговата љубов, вера во нас, како чувар на нашето достоинство, како чувар на нашата вистина – Он ни го покажа и човечкото величие. Кога Бог можеше да стане Човек по природа, зарем не разбираме колку велик е човекот? Зарем не разбираме дека човекот е толку голем што Бог може да стане човек а притоа човекот да си остане свој? И зарем не разбираме дека човечката природа која Бог ја создаде е толку голема та човек може да го смести во себе Бога? И зарем не разбираме дека природата, нашето тело, нaшата крв, нашите коски, сета наша природа е способна да биде Богоносна, да се соедини со Божеството и да остане своја? И да ни се јави во слава, во величие кое ние не го гледаме, но го гледа Бог, во величие поради кое Он нѐ создаде , и поради кое сѐ создаде?

Да го видиме ликот на Вооплотувањето: Христос ни даде смирение и Божја љубов, Божја вера во сета творевина, во нас грешните, паднатите, а истовремено ни покажа колку можеме да бидеме големо и колку длабоко, без дно длабоко творение Господово. Ете со таа вера можеме да живееме, можеме да бидеме луѓе во целата мера на Христовото вооплотување, и да го согледуваме светот во кој живееме, не само како мртов материјал, туку како она што е повикано на крајот на краевите, кога Бог ке стане сѐ во сѐ, да биде видно одејание на Божеството. Каква слава, каква радост и надеж! Да го запееме со свечена почит, љубов и трепет Христовото Вооплотување; тоа за нас е вечен живот веќе на земјата, и тоа е слава на сѐ создадено во вечноста на небесата.

Бог нѐ повикува да го запомниме тоа, нѐ повикува така да се однeсуваме не само во нашата христијанска средина, туку и низ целиот свет кој нѐ опкружува: да се однесуваме кон секој човек со таква праведност, не судејќи и осудувајќи, туку гледајќи ја во секој човек сета убавина со којашто Бог го обдарил и којашто ја нарекуваме Божји образ во човека, да се преклониме пред таа убавина, да ѝ помогнеме на таа убавина да засветли во целата нејзина слава, расејувајќи го секое зло и темнина и согледувајќи ја неа во секого, да дозволиме таа убавина да стане реалност и да победи, да восторжествува. Он ни открил таква љубов, за каква што претходниот свет на знаел, а од којашто современиот свет, како впрочем и древниот, толку многу се плаши: љубов која се согласува да биде ранлива, беспомошна, изливајќи се, исцрпувајќи се себеси, дарежлива љубов, жртвена љубов, љубов која дава без мера, љубов која не го дава само она што го има, туку се дава себеси.

Ете тоа е она што Евангелието и Вооплоотувањето го донесоа во светот, и тоа пребива во светот. Христос рече дека темнината во светлината свети, и дека темнината не може да ја опфати, ниту да ја угаси. И таа светлина свети и ќе свети, но ќе победи единствено доколку ние станеме нејзини возвестители и исполнувачи на заповедта за вистина и љубов, ако ние ја примиме Божјата визија за светот и ја пренесеме на целиот свет нашата вера, односно нашата увереност и надеж, единствената сила, којашто може да им помогне на другите да започнат да живеат од почеток. Но, за да почнат да живеат од почеток, тие треба да видат новина во нас. Светот повторно се обновил преку соединувањето на Бога со човека, кога Словото стана тело; сега ние сме должни да станеме откровение на тоа обновување, преку слава и сјаење Божјо во темнината, во самракот на светот.

Нека Господ ни дари смелост и љубов, великодушност за да бидеме Негови возвестници и свидетели, и нека биде Господовиот благослов на вас, преку Неговата благодат и човекољубие, непрестано, сега и секогаш и во вечни векови Амин.

Митрополит Сурожски Антониј Блум
Извор: Православен Пат бр. 26

Оставете коментар

1 Comment on "Слово на Рождеството Христово"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Слово на Рождеството Христово […]

wpDiscuz