Слобода на верата или духовен тоталитаризам? (2)

Втор дел од разговорот околу исповедта, нејзиното поврзување со причестувањето, како и за тоа, што е денес тоа живот на заедница.

„Читањето“ на Правилото

Вториот момент е директно поврзан со своевидноста на сфаќањето на самото учество во тајната на Евхаристијата. Се претпоставува дека човекот кој исполнил сѐ што е пропишано, т.е. кој постел одреден број денови, го прочитал целото големо правило, сите канони и акатисти, и отишол на исповед – е спремен за причест. Очигледно, таквото големо правило обичниот мирјанин не е во состојба често да го прочитува – освен ако не е без работа или е пензионер.

Најраспространетото Правило се трите канони со акатист плус канон и последование кон причестување, плус, соодветно, вечерните и утринските молитви, како и секојдневното читање на Апостолот, Евангелието и Псалтирот исто така никој не го исклучува – сето тоа заедно на човекот, кој нема навика на брзо црковно читање, најверојатно, ќе му одземе час и половина или два. Тоа е реално голем труд. Секако, според мерата на тоа колку човекот почесто се појавува во црква, сето тоа се чита многу побргу, и некој за половина час целото тоа правило ќе го прочита со леснотија, дури и речиси да не забележи, дека тој веќе го прочитал. Друго прашање – а зошто тоа тогаш е воопшто потребно?

Значи, се претпоставува дека човекот кој сето тоа го прочитал, отишол на исповед, веќе е подготвен за примање на светите Христови Тајни. Со таквото чувство на сопствена подготвеност тој приоѓа кон Христа и вели: „Господи, подготвен сум, сѐ што од мене се бараше, го направив!“ Се добива апсурдна ситуација, дека приоѓањето кон Христа е награда за трудовите. Се изнапостивме, се намоливме, се наисповедавме, сега добиваме некаков духовен бонус во вид на причестување?!

Но, во суштина сѐ треба да биде поинаку. Човекот жедува да биде со Христа, затоа што без Христа не му е добро. Тој не може да се справи со своите страсти, го чувствува бремето на своите гревови, ја осознава својата непостојаност, чувствува дека не е во состојба вистински да се моли, не може да го открие своето срце широко пред Бога. Тој едноставно сака да биде со Христа. „Сакам да бидам со Тебе“ – тоа е единствената правилна мотивација што може да ја има христијанинот пред причестувањето со Светите Христови Тајни.

Но тоа воопшто не се поврзува со исповедта. Човекот не може да рече: „Сакам да бидам со Тебе“ – и потоа да претстави список на гревови. Тоа се нешта, кои според својот факт се наоѓаат на разни површини. Да, ние сме болни, разбираме дека неправилно живееме, но ние и затоа се причестуваме, „за простување на гревовите и живот вечен!“.

Причеста не е „бонус“ за нашите духовни совршенства, тоа не е „духовен десерт“, туку нивна основа, најглавна храна. Тоа е самата основа, на која треба да се опираме, кога сакаме нешто да добиеме. „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јн 15,5) – еве, така да кажеме, зошто се причестуваме.

Кога причестувањето го превратуваме во некоја награда, тогаш, нормално, наградата не може да биде честа. И наградата бара нешто исклучително. Ние вештачки ги создаваме тие исклучителни услови, кои не е возможно често да се исполнуваат.

Овде, според мене, доаѓаме до нешто многу важно. Кај нас причестувањето се смета за нешто вонредно, т.е. не-нормално. Само замислете: за православниот христијанин не е нормално постојано да биде со Христа! Тоа е ситуација на духовен „форс-мажор“ (виша сила) – и, нормално, чудно би било да сакаш често да доаѓаш во таква вонредна состојба.

Причеста станува некоја форма на нурнување во духовни длабочини, каде може само накратко да се нурне, прекратувајќи го дишењето, и побргу оттаму да однурнеме, затоа што така не може да се живее – не сме ние риби, на крајот на краиштата! Се претпоставува дека, кога веќе сме „однурнале“, некаде таму, во длабочината на душата, останала некаква честичка благодат, која продолжува да дејствува вон нашето сознание, ум, волја, дури тогаш кога сме се вратиле на нашиот обичен, „нормален“, живот.

А, всушност, Причеста претставува отворање на прозорче во собата, исполнета со нашите сопствени празнења, за да го пуштиме таму оној единствен живототворен воздух, со кој човекот и само може да живее. Испаѓа дека ние, наоѓајќи се во таа соба и гушејќи се од сопствените миазми, го вадиме носот на прозорчето, земаме еден здив воздух, бргу го затвораме прозорчето и повторно чекаме, кога конечно ќе ни дозволат повторно да вдишеме свеж воздух.

Токму затоа гледаме како многу светии на Православната црква, вклучувајќи ги и оние на нашата Руска црква, се стремеле секојдневно да служат Литургија – светите Теофан Затворник, Јован Кронштадски, како и многу други.

Причестување на дете
За светиите, потребата и жедта да се биде постојано со Христа e самиот тој воздух на нивниот живот…

За светиите, потребата и жедта да се биде постојано со Христа била самиот тој воздух на нивниот живот, без кој тие не го замислувале своето постоење. Т.е. причестувањето престанувало да биде вонреден настан, тоа станувало составен дел од нивниот живот.

Токму таков составен дел од животот на православниот христијанин треба да биде причестувањето на човекот во неделниот ден, кога тој шест дена, цела седмица живее и жедува за блискоста со Христа, кога тој сите собитија на својот живот ги гледа низ призмата на таа неделна средба: „А како во денот Господов ќе пријдам при Него, и ќе застанам со Него, ќе Го примам во себе, и ќе живеам со Него?“ Во таа ситуација да се говори за сите оние обременувања, што претпоставуваат подоцна некоја награда, веќе нема смисла. Нешто тука треба да се поправи.

Ми се чини дека во нашата ситуација едноставно е неопходно да им се даде можност на оние луѓе, кои во себе чувствуваат духовна потреба да живеат во максимално потполно општење со Христа – т.е. во оној режим, во кој живее духовенството – да се причестува како минимум еднаш неделно, ако не и почесто. Притоа да не се бара од нив задолжителна исповед, ако се причестуваат секоја недела – но при услови на блиско и постојано општење со духовникот и откривање на помислите. Би било целисходно да се намали молитвеното правило до Правилото кон свето причестување со молитвите; се разбира, зголемувањето е за поздравување, но нечитањето на каноните и акатистите не треба да биде апсолутна пречка за причестување – сѐ да биде според силите.

Можеби ова изгледа многу радикално, но, според мене, е значително поважно кога човекот почесто се причестува и секој ден го чита Евангелието, Апостолот, Псалтирот, некои духовно-просветни книги, отколку еднаш во месецот да се постави себеси во ненормални, за обичниот живот тешко остварливи услови – а потоа да се радува, што сега два месеци може спокојно да поживее, не напрегајќи се особено со црковност.

(продолжува)

Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

1 Comment on "Слобода на верата или духовен тоталитаризам? (2)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Слобода на верата или духовен тоталитаризам? (3) 28/09/2013      Предание, Предизвици, Црква     Оставете коментар Трет и последен дел од разговорот околу исповедта, нејзиното поврзување со причестувањето, како и за тоа, што е денес тоа живот на заедница. […]

wpDiscuz