Славни и сехвални првоврховни апостоли Петар и Павле

Свв. апостоли Петар и Павле

„Со благодатта на Бога сум тоа што сум, … “
( 1Кор. 15, 10 )

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Светата Црква денес го прославува истовремено споменот на големите апостоли Петар и Павле, кои што се наречени првоврховни, првопрестолни и вселенски учители. Тие многу се потрудиле за распространувањето на словото Божјо, претрпувајќи многу страдања и гонења и тие преку своите посланија ни ги предале основните правила на Христијанската вера и живот.

Најважните настани од нивниот свет живот се опишани во Делата Апостолски и во Евангелието. Боговдахновените писатели на тие свештени книги не ги сокриле од нас грешките и заблудите, со кои што паднале: Павле пред своето обрезание, а Петар пред да биде укрепен од Светиот Дух. Затоа нивниот живот и дела се особено поучни за нас. Во ап. Петар – Црквата гледа образ на еден, кој се одрекол од Христа, а потоа се покајал, а во ап. Павле – образ на еден, кој бил Христов гонител, а потоа поверувал.

Светиот апостол Петар заедно со својот брат Андреј биле првите што Господ Исус Христос ги повикал за Свои ученици и следбеници. Бил прост галилејски рибар од градот Витсаида, кој се наоѓа покрај Галилејското езеро. Се викал Симон и се одликувал со чисто срце и душевна едноставност и е еден од најблиските ученици на Спасителот, Кој секогаш кога ќе запрашал или барал одговор од учениците, секогаш прв и во име на сите говорел – токму апостол Петар.

По Капернаумската беседа на Спасителот за целта на Неговото доаѓање на Земјата – да ги спаси луѓето од гревовите и да стапи во духовно единство со сите, многумина од учениците и токму оние што очекувале некакво славно земно царство на Месијата, Го оставиле, а апостол Петар на Господовото прашање упатено кон дванаесетте: „Да не сакате и вие да си отидете?“, Му одговора: „Господи, при кого ќе одиме? Ти имаш зборови за живот вечен, и ние познавме и поверувавме дека Ти си Христос, Син на живиот Бог“ (Јн. 6, 67–69). Исто така, еднаш кога Христос, пак, ги запрашал за кого Го мислат луѓето, Петар повторно одговорил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“; – „Тогаш Исус му одговори и рече: Блажен си ти Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата; а Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Мт. 16, 15 – 18). Тоа е основата, тоа е каменот на кој е основана Светата Црква – цврстата вера и исповедувањето на Вистината. Оттогаш овој апостол го носи името Петар „и стана, според зборовите на свети Јован Златоуст – уста низ која се лее огненото Слово“.

Секогаш пројавувал приврзаност и преданост кон Христа. Во Гестиманската градина се обидел да Го заштити од вооружената толпа, предводена од предавникот Јуда (Мт. 26, 51). Кога се раширила веста за Воскресението, љубовта го упатила кон Христовиот гроб и сакал прв да ја провери вистината (Јн. 20, 3). Има само еден момент од животот на светиот апостол, кој привремено ја замрачува љубовта кон Господа – тоа е негирањето, за кое Самиот Господ му беше претскажал: „Вистина, ти велам: дека оваа ноќ уште пред да пропее петел, три пати ќе се одречеш од Мене“ (Мт. 26, 34). Но, многукратно се избавил од својот грев. Светите евангелисти велат дека се покајал, паднувајќи на земјата и горко плачејќи (Мат. 26, 75; Мк. 14, 72). Светото Предание вели дека дури до самата своја смрт се каел и секоја ноќ, кога ќе слушнел пеење на петел, со жешки и покајни солзи се сеќавал на својата грешка, која на брегот од Тиверијадското море, кога Воскреснатиот им се јавил, соочувајќи се со Господа и одговарајќи му на прашањата: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“, односно три пати исповедајќи ја својата топла љубов и искрена приврзаност: „Да, Господи! Ти знаеш дека те сакам!; Исус му рече: Паси ги овците Мои“ (Јн. 21, 5 – 17) и со тоа добива прошка и е воздигнат во апостолско достоинство.

И по возраст апостол Петар е на прво место помеѓу апостолите. По Вознесението на Спасителот и по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите – огнено ја проповеда онаа пламена проповед на насобраниот од сите страни народ и илјадници луѓе, кои поверувале во Распнатиот и Воскреснатиот Господ Исус Христос се крстиле.

Од тој момент проповедал во многу области, храбро и смело, иако бил прогонуван, подложен на маки и страдања, на окови и затвор. Напишал две соборни посланија, кои се од непроценлива вредност.

Својот живот го завршил маченички во Рим, во 67 година за време на владењето на императорот Нерон. Сметајќи се себеси за недостоен за истата смрт со која бил повреден и Божествениот Учител – бил распнат со главата надолу (според Ориген).

Исто така славно било и служењето на другиот голем избраник Божји – светиот апостол Павле, кој пак, пред да стане Христов следбеник се нарекувал Савле. Тој бил научник за свое време и не бил очевидец на Господовите дела, како што бил Петар. Бил душевно слеп и непросветен и голем гонител на верните во Христа. На патот за Дамаск станува неговото обраќање. Бог благоволил и преку гонител да се прослави. На чудесен начин Самиот Господ Исус Христос му се јавува: „…наеднаш го обзеде силна светлина од небото, и откако падна на земјата, чу глас што му зборуваше – Савле, Савле, зошто Ме гониш? А тој одговори: Кој си Ти, Господине? – Јас сум Исус, Кого го гониш ти. Тешко е за тебе да се риташ против бодило…“ (Дела 9, 3–5). И од тој миг во душата на Савле настанало кореново преобраќање, поверувајќи во Христа Господа, станал негов апостол, под името Павле и од жесток и страшен гонител – постанува најголем и најдахновен мисионер и проповедник на спасоносното Христово Евангелие и љубов. Сите свои сили, дарови и целиот живот го посветил во служба на Црквата, особено помеѓу незнабожците.

Во текот на целиот свој живот со мака и искрено покајание се сеќава на сите зла, кои ги правел на Божјата Црква. „Јас сум најмалиот од апостолите – им пишува на верните – и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Црквата Божја“, но на друго место вели: „На мене, најмалиот од сите светии, ми се даде таа благодат – да им го проповедам на незнабожците неискажаното богатство Христово “ (Еф. 3,8).

Божјата благодат и сила во него го инспирирала и зборувал пред цареви и управници, сиромаси и богати, женети и наженети, пред мудри и неуки, пред Евреи и Елини и неговото моќно слово, посветено врз откривање на вечните евангелски и морални вистини, придобило илјадници верници. Проповедал насекаде и неговата ревност кон проповедањето била голема: „Тешко мене, пишува – ако не проповедам“ (1Кор. 9, 16). И задоволството, сиромаштијата, слободата, оковите, пријателите и непријателите, и животот и смртта – сè послужило за слава Божја. Не само што и ден и ноќ проповедал, но се занимавал и со работа, за да не биде на ничија грижа. На ефеските старешини собрани во Милет им вели: „Од никого не побарав ни сребро, ни злато, ниту, пак, облека; сами знаете дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужи ја овие мои раце“ (Дела 20, 33 – 34).

Подложен бил на гонења и прогонства, на бури, на маки, помеѓу лоши луѓе, затворан во затвор и окован во синџири, но никогаш не паѓа со духот, туку секогаш исполнет со мир, љубов и радост, вели : „ Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам : радувајте се!“ (Филип. 4, 4). Напишал многу посланија, со кои вечно се надградуваме.

Светиот Јован, архиепископот Константинополски Златоуст, во една од своите беседи за апостол Павле вели: „Но, мили мои и Павле бил ист како и нас – човек, и тој ја имал оваа природа, која ја имаме и ние. Само поради големата љубов кон Христа се издигнал повисоко од небесата и се изедначил со ангелите. И така, не само да му се восхитуваме на неговите подвизи, но да се потрудиме по неговата препорака, која постојано ни вели: – Ве молам подржавајте ме мене, како што јас – Христа“ (1 Кор. 4, 16).

Својот свет живот апостол Павле го завршил маченички во Рим, каде како на римски граганин му била пресечена главата со меч, во времето на императорот Нерон, во истата 67 година, кога пострадал за Христа токму и апостол Петар.

Овие се кратките информации за житијата на двајцата првоврховни апостоли. Да се запрашаме што можеме да извлечеме за поука од нивниот живот и проповед? Што ги обединува овие две сосема спротивни личности? – Едниот едноставен и прост рибар, брз при зборување и страмежлив при дејство, кој секогаш прв го тврди и исповеда Исуса Христа како Господ, а потоа, по Неговото апсење негирал сè, три пати одрекувајќи се од Учителот. Другиот, пак учен, но суров човек. Гонител на христијаните. Како овие двајца различни луѓе стануваат првоврховни апостоли, кои просветиле толку народи и ги вовеле во верата и љубовта?

Благодатта Божја, која секогаш го дополнува недостигот и ги лекува нашите немоќи е таа, која ги обединува не само нив двајцата, но и сите нас во едната, соборна, света и апостолска Црква, во чие единство нè повикуваат сите и самите апостоли, сите без никаков исклучок на образование, пол, националност, дали се богати или сиромаси, женети и неженети, без исклучок на каков морален живот живееме, бидејќи апостолот Павле нè советува, велејќи ни: „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема ни машки, ни женски пол; зошто сите вие сте едно во Христа Исуса.“ (Гал. 3, 28) и како што тие тргнале без противење кон Христа, така и ние да тргнеме со Павлово прeобраќање и со Петрово каење, со искрена вера, смиреност и послушност кон Христа, посетувајќи ги редовно светите Цркви и богослужби, почитувајќи го клирот, светите тајни и црковните канони (закони) и одредби, та да придобиеме богатство од добродетели, избегнувајќи ја мрзливоста и работејќи да се угледуваме, пак, на самиот нивни живот, кој нè учи постојано на покајание и вера, бидејќи едниот се одрекол,а другиот не верувал, па и самите да станеме проповедници и ревносни мисионери на Вечниот Бог, бидејќи и за тоа сме повикани да сведочиме за Вистината, која е вечна.

Но, не треба да заборавиме дека ние во нашата Црква и живот пред сè се обновуваме и спасуваме преку благодатта, која Бог вечно ја излева обилно на своите верни чеда и тоа не заради нашите заслуги, не затоа што сме направиле нешто достојно, но само поради Божјото човекољубие. „Со благодтта на Бога сум тоа што сум.“ (1 Кор. 15, 10), вели светиот апостол Павле, па затоа да ја совладаме гордоста – мајката на сите гревови, бидејќи таа е причината што нè одаваме посебно внимание на Божјата благодат, која е присутна во свeтите служби, а особено во светата тајна Евхаристија (Причест), а се лажеме дека ние самите сме она што сме, заборавајќи постојано на Бога, иако сè постигнуваме со Неговата помош. Потребно е да се смируваме и да се надеваме на Божјата милост, зошто на гордите Бог се противи, а на смирените им дава благодат…

Ние го славиме споменот на двајцата св. апостоли и нивните страдања во еден ден, бидејќи иако се повредени во малку поразлично време, по дух и близина на своите страдања тие се едно. Петар предходно, а Павле наскоро го следеше…

И така, возљубени, празнувајќи го денес нивниот свет спомен – да проникнеме во нивната вистинска вера и покајание, да ја спознаеме нивната невиност и чистота. Кога ќе ги здобиеме овие високи духовни квалитети и ги подржиме нивните големи дела – како пример за следење (2 Сол. 3, 9), ќе го добиеме и ние она вечно блаженство, што е подготвено за светиите. Патот кон спасението е премногу тежок и трнлив, но „имајќи толку многу сведоци, околу нас“ (Евр.12, 1), кои поминале веќе низ него, тој станува за нас сè полесен и полесен за поминување. Прв по него поминал и Самиот „Началник и Извршител на верата – Исуса “ ( Евр. 12, 2 ), кого го следеа и светите апостоли, мироносиците, потоа и мачениците, жените, младенците, девиците, а сега и ние грешните и останатите многубројни сведоци. Но, кој сепак делуваше во нив и во нас и ни помага на овој пат? – Оној, Кој рекол: „…без Мене не можете да направите ништо“ (Јн. 15, 5), па затоа молејќи се и по светите молитви на светите апостол Петар и Павле, чиј ден го прзнуваме, да се оставиме целосно во власта на Божјата благодат и љубов, сега и во сите векови …

Амин!

Подготвил и изработил: богослов Петар Петковски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz