Скап човек

Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но, не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.

Матеј 10, 29-31

Во услови на маркетиншки приод во сите односи кои го заокружуваат човековото постоење, единствена заинтересираност кај мнозинството се покажува кон валоризацијата на нештата. Просечните размисли се по формулата: ако автомобилот чини толку, а јас во џебот имам онолку плус онолку на сметка, ќе ми требаат уште два кредити од банка за да го поседувам. Или: лебот чини толку, па јас нема да можам денес да си дозволам три, значи ќе мора менито да содржи и компири. Или: додека дедо се умртви, ќе штедам по еден пар чевли месечно, а потоа лесна му земја, од неговото наследство ќе го купиме станот на подолниот кат.

Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка? Тие се евтини, според цената и безначајни, лесно достапни и за посиромашните слоеви. Кому му е грижа за две, па ниту за два милиони врапчиња, кога кутрите само со една паричка која може да биде и случајно пронајдена на земја падната од некој полубуден минувач, само со една паричка може да се купи пар од нив. Да беа куче со педигре, чиј татко е шампион на Африка и има сопствен пасош и веројатно и слика во него, да може да се разубавува во блузичка во иста боја како на неговата газдарица, тоа ќе биде веќе нешто, а не само пар врапчиња за една паричка. Кому му е грижа за нив, стуткани во зима на голите гранки од некое дрво со разиграни очи по најмалата трошка која би се одделила од нечии раце во нивна чест. На малкумина и секако на Бога бидејќи ни едно од нив нема да падне на земја без Неговата волја.

Кога Бог толку се грижи за секои две врапчиња кои вредат една паричка, колку повеќе за нас луѓето, на кои дури и влакната на главата ни се изброени. Отсекогаш прекорната реченица „влакно од косата да не му недостасува” ја доживував парадоксално во однос на фактот дека после берберската инволвираност под местото на стрижење остануваат куп влакна, непроценети, незначајни. Тогаш какво значење би имал кусокот или вишокот на едно единствено, па можеби и првутно воспалено во коренот? Сега разбирам дека пресудната улога во фразата ја има недостигот кој би настанал по насилен, противприроден пат, не и заради опаѓање на косата од медицински причини. Тоа може да биде напад врз човекот, негово присуство во центарот на бура, земјотрес, поплава или инфаркт… Тогаш нема да останат сите влакна во косата како порано, и секое кое ќе изгине ќе има своја причина. Така нашата безбедност е загарантирана со конечна утврденост на нивниот број, заведен и оверен во списокот на Бога на чија лева страна во редицата покрај нашето име се назначени и ангелите заштитници.

Ако врапчето ја поминува зимата со остатоци од полузамрзнат црв, а пролетта со цвркот за прослава на животот, и ако Бог се грижи за секоја негова зима и пролет, тогаш зошто ние да се грижиме? Ќе имаме ѕидови и таван да нè штитат од ведрото небо и простор кој се нарекува дом помеѓу нив, храна со холестерол или без него во количина колку да се дополни она што нема да го насити Божјиот збор, облека иста како на полските кринови кои никогаш нема да се посрамотат од голотијата своја. Ќе имаме своја депресија, но и надеж да ја излекува, сопствени страсти, но и оружје за да се победат и наш грев и наше покајание за да го изгасне. Бог ќе се грижи за секоја наша зима и пролет се додека сме беспомошни како врапчињата. Со оглед на случувањата од отпадот до денес, ние секогаш ќе бидеме беспомошни. Ако се обидеме да го спасиме светот ќе нè запре голема сила на Лукавиот и неговите следбеници помеѓу луѓето. Ако се обидеме да се спасиме себеси ќе нè запре голема сила на Лукавиот и неговите предавници во нас. Но, не плашете се, ние сме поскапи од многу врапчиња. А тие што се скапи се и драгоцени, и нив ќе ги смести во Неговото спокојство.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz