Сите страсти произлегуваат од егоизмот

Старец Паисиј

Оче, што е себељубие?

Себељубие е да ги исполнуваш хировите на стариот човек, односно, љубовта кон него. И прејадувањето, и егоизмот, и инаетот, и завидливоста се резултат на себељубието. Има луѓе кои заради себељубието бараат за себе си удобност и комфор и не се сложни со никого. Некои, пак, со схоластичка точност се грижат за храната и сонот, случајно нешто да не се случи со нивното здравје. Трети сакаат да бидат почитувани и ценети. Ако за нешто малку го притиснеш, да му речеш да не прави така само како што тој сака, веднаш ќе започне да бунтува: „Зошто воопшто не ме почитувате? Слушајте ме мене“. Да, страшна работа е егоизмот.

Оче, како може човек да каже: „Заради Тебе умираме секој ден“ (Пс. 43,22)

Така може да каже, ако заради другиот ги жртвува своите желби. Секоја желба врз себе си го носи отпечатокот од човечкото јас, од себељубието. Ако човекот не расудува дали му се допаѓа на другиот човек она што му се допаѓа нему и ако започне да вели: „сакам ова, сакам она“, или: „зошто не го направи тоа за мене, зошто не ми го даде она“, таквиот човек, на крајот на краиштата, потпаѓа под власта на ѓаволот.

Некои луѓе не можат да се успокојат кога нешто не им е по ќеиф.

Како да се успокојат, кога во нивните желби е всадено нивното јас? Како може таму да биде Христос? Кога го нема тоа јас, а го има само главното – Христос, значи има сè. Кога го нема Христос, значи нема ништо. Кога човек ќе го отфрли своето јас, тогаш Бог му дава сè на чудесен начин.

Оче, кога велите дека е потребно да го отфрлиме своето јас, во мене се раѓа страв – а ако не издржам?

Е, тоа не е така! Ова е исто како да кажeш: „Ако ги отфрлам своите страсти, што ќе се случи со мeне?“ Кога велам дека треба да се отфрлиш себе си, мислам на отфрлање на своите страсти, да го соблечеш стариот човек. За возрасниот човек, кој разбира како стојат работите, несериозно е да каже: „Не можам да се откажам од своето јас. Ако ти речат – земи чекан и искрши ја оваа карпа, а ти никогаш во рацете не си држел нешто потешко од четкичка, тогаш можеш да кажеш – не можам?! Но, за ова – да го соблечеш стариот човек, не е потребна физичка сила, туку потребно е смирение.

Старец Паисиј Светогорец

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz