Сите сакаме да одиме во рајот, но никој од нас не сака да умре

veliki-post

Сите ние теоретски говориме за спасението на душата, за рајот. Во последно време, кога светоотечките текстови во кои се зборува за очистување, обожување и сл. ни се сѐ подостапни, зборуваме теоретски, без да ги извадиме нашите срца од овоземното, световното. А под световно не нужно мислам на тоа кога на човека му е добро, или се забавува, туку на заборавањето дека нашиот престој на овој свет е привремен, и нашата негрижа за вечноста. Сите ние се трудиме надворешно добро да се однесуваме, да ги исполниме своите религиозни обврски колку што можеме… и што е последица на сето тоа? Немаме ниту внатрешен мир, ниту радоста ја имаме, што Христос ни ја ветил дека ќе ја добиеме ако го следиме Неговиот пат. Наместо ова, се чувствуваме стресно, онерасположено, депримирано… а овие нешта не се плод на Светиот Дух.

Систематски ги одвраќаме нашите мисли од смртта, како вечно да ќе живееме на овој свет. Сите сакаме да одиме во рајот, но никој од нас не сака да умре! Ако не умреме, Христос нема да нѐ воскресне. Но, најпрво мора да умреме за духот на овој свет, кој нѐ држи врзани за земјата, за минливоста, кој нѐ исклучува од вечноста. Ако немаме вера во воскресението, тогаш нашите мисли за смртта се темни и црни. А наводно „го чекаме воскресението на мртвите, и животот во идниот век.“ Црквата ни наложила да го читаме Символот на верата секојдневно, од полуноќница до повечерие. Најчесто, пак, сувопарно го рецитираме, како да извршуваме некаква религиска должност, без суштински да се вдлабочиме во зборовите.

Христос дојде да ги отвори небесата за нас, да нѐ ослободи, да нѐ разреши од секакви системи, и за секого да отвори единствен пат по кој ќе го доведе до Себе и ќе го соедини со Себеси. И ова ќе се случи единствено кога најпрво ќе го бараме Царството Божјо.

Јеромонах Макариј Светогорец

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz