Систем претепан од бурите на историјата

Сергеј Шмеман, уредник на New York Times

„Попусто е да се вели дека демократијата е понесуетна, понегорделива, понесебична, понеамбициозна или понеалчна од аристократијата или монархијата. Ова е неточно, и никаде во историјата не се јавува пример што би го поткрепило ваквото мислење“.

Ова можело да биде речено од било кој од многуте критичари на западната либерална демократија, од адвокатите на „вертикалната демократија“ меѓу Русија и Кина, па сè до ревносните застапници на исламската теократија. За легионите критичари, Западот одамна не е светол град на врв на гора; попрво, на Западот се гледа како на упориште на себичниот капитализам, неморал и дволичност.

Исто така, и западната вера во универзалноста и позитивноста на својот систем на владење се колебаше последниов четврт век, затоа што на „победата“ во Студената војна се гледаше како на расчистување на патот до еден свет во кој демократијата би била безбедна. Но, набрзо се покажа дека демократијата не може да биде наметната однадвор, дека за неа е потребно работливо градење на институции, развој на заеднички вредности и општо прифаќање на владеењето на правото.

Широки дупки се појавија и во самите западни демократии, кои дополнително придонесоа луѓето да се сомневаат во универзалноста на либералната демократија.

Партиската поделеност во САД се прошири во широк и горк расцеп околу прашањата за истополови бракови, емиграција или вооружување, сите поттикнати од сè поголемата финансиска нееднаквост.

Европската Унија е сè повеќе разединета околу прашањето како да ѝ се помогне на тешко задолжената Грција, и како да се одговори на напливот на бегалци кои бегаат од Африја и Блискиот Исток.

Нештата ги комплицира и сфаќањето дека интернетот, кој првично ветуваше дека ќе ги зацели предрасудите и игнорантноста преку давањето пристап до знаења, им ја олесни работата на расистите и терористите во ширењето на нивниот отров.

– – –

Сепак, самиот факт дека демократијата е потресена и ѝ е потребно итно внимание не е особено чуден, ниту пак сведочи за нејзиниот неизбежен крај. Ваквата состојба не би го изненадила, да речеме, ниту Џон Адамс, човекот кој со право го сметаат за еден од основачите на Американската Република, и автор на цитатот за демократијата и нејзината суета со кој го започнав овој текст.

Со овие зборови, Адамс не сакал нихилистички да забележи дека секоја влада е подеднакво отровна, туку во продолжение забележал дека „страстите“ на моќниците „се исти кај сите луѓе, под сите облици на владеење, и ако останат неконтролирани, создаваат подеднакво многу измамништво, насилство и суровост“.

Самите Марксисти и Исламисти во поново време ја негираа илузијата дека вистинскиот систем на владеење може да создаде подобри луѓе. Клучот за успехот на демократијата, која тој помогнал да се засади на американската почва и подоцна овозможила да биде избран за втор претседател на САД, е „владеење на правото, а не на луѓето“, со што ниту една банда не би можела да ја загрози слободата.

Ниту демократијата, ниту било кој друг систем на владеење не покажал значително подобрување на човечката природа, и секако дека демократијата ги покажала нејзините неуспеси во минатото. Како што често се забележува, Адолф Хитлер бил избран на демократски начин.

Но, историјата покажала уште и дека со стекнувањето на опит во самите демократски вредности и институции, нациите многу поверојатно ќе ги надминат неуспесите и ќе го вратат демократското владеење. Сјаен пример за ова е Германија, како што се и Грција, Шпанија, Португалија, и можеби најмногу, поранешните советски вазали од Источна Европа.

Не треба да не изненади, исто така, омразата насочена кон богатите западни републики.

Токму Перикле, првакот на атинската демократија, предупредил дека „кога човек се стреми да достигне некаква велика цел, тој мора да го прифати товарот на зависта што ќе ја пробуди кај другите, и мудро би било да ја прифати“. Мудро е, исто така, да се прифати факот дека човечките страсти постојано ќе ја одржуваат демократијата во криза, и да се прифати товарот за изнаоѓање на нови сили, и смисла за тие предизвици.


Авторот е добитник на Пулицеровата награда, и син на блаженоупокоениот протопрезвитер Александар Шмеман.

 

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz