Сината лествица

Кога свети апостол Петар го заврши својот овоземен живот и беше повикан на небо, Господ му ги предаде небесните клучеви од рајските порти.

Со сесрдна свештена ревност, светиот апостол ја извршуваше својата возвишена служба, отклучувајќи ги рајските порти за душите на оние луѓе кои преку својот земски живот и одлука на Севишниот Праведен Судија ги заслужуваа небесните блаженства.

И така, многу години сè течеше по својот воспоставен и вообичаен тек.

Пресвета Богородица

Но, се случи еднаш апостол Петар, видно вознемирен, да дојде при Господа Бога, и целивајќи го скутот на Неговата светлосна облека, да Му рече: „Господи, нека ме одмине гневот Твој! Морам да Ти ја објаснам мојата вознемиреност. Еве, има веќе многу дни како во пресветлиот рај Твој забележувам некои луѓе кои јас не сум ги пуштил да поминат низ рајските порти. Не можам да си објаснам на кој начин се вовлекле внатре. И нивните лица не личат многу на лица на праведници. Се плашам да не се работи за некакво ѓаволско подметнување. Тој и неговите слуги се способни за секакви можни лукавства. Но, знаејќи дека клучевите се секогаш кај мене, и дека нема друг влез, јас постојано сум во недоумница, па дури сум тажен.“

Господ му одговори: „Службата е твоја, исто и одговорноста. Внимавај на оние кои влегуваат во рајот, па нема да има непоканети гости“.

Поминаа неколку дена, и ете го повторно апостолот кај Саваот: „Боже велик и милосрден, та секој ден сè повеќе и повеќе туѓи луѓе се прикрадуваат, не знам преку кој пат, низ рајската ограда. Се обраќам на Твојата мудрост и власт. Јас сум немоќен, мудроста моја е ништожна, Ти единствен знаеш сè.“

Тогаш му рече Бог: „Ајде по Мене. Заедно ќе поминеме по сите краеви на рајот, и сами ќе испитаме која е причината за овие собитија, кои во тебе предизвикаа толку многу оправдана вознемиреност, достојна за пофалба. Ајде!“

И така, тие тргнаа. Напред оди Господ, а по Него апостолот. Одеа долго. На крај, пристигнаа до една портокалова шумичка, и низ нејзините гранки забележаа нечија сина риза. Внимателно се приближија кон неа, и што да видат? Под гората, на една зелена ливдата, прошарана со бели ради, стоеше Пресвета Богородица, гледајќи надолу, од работ на една длабока бездна, од каде се гледаше земјата и сите луѓе. А во нејзините свети раце, едвај видлива лествица, исткаена од најтенка сина свила.

Од бездната се слушаа преколнувачки лелеци, се слушаа патениците, нивните пламени молби. И ете, одеднаш, Пречистата ја спушта леката лествица. Таа се одмотува, се спушта до земјата, и еден по друг по него влегуваат јадните, измачени, преморени, заборавени луѓе, мажи и жени, и со голем страв исчезнуваат во рајската градина, во шумите.

И после секој спасен, Пресветата Владичица ги крева високо своите прекрасни раце, и умилно говори: „Господ мој и Боже мој, Ти сè гледаш, слушаш и знаеш. По Твојата неизречена милост, прости ми што го нарушувам поредокот на Твојот пресвет рај. Но, јас живеев на земјата, и самата сум мајка. Можам ли да ја одбијам мајката која се моли за својот син? И не сум ли јас мајка на сето слабо, страдално човештво? Прости ми го мене гревот мој“.

Тогаш Господ ја спушти Својата семоќна рака на рамото на апостол Петар, и му рече: „Да се повлечеме тивко. Нема што да правиме овде…“

Николај С. Лесков

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz