Синаксар на Лазарева сабота

lazareva-sabota

Стихови:
Исусе, Ти плачеш како смртен човек,
Но, како Бог, Ти го воскреснуваш својот пријател.

Во тој ден го празнуваме воскреснувањето на светиот и праведен пријател Христов четвородневниот Лазар. Тој беше Евреин по потекло и припаѓаше на сектата фарисеи и син, како што некаде стои, на некој фарисеј по име Симон, од селото Витанија. Додека нашиот Господ Исус Христос одеше по земјата заради спасение на нашиот род, Он се спријатели со Симона. Бидејќи Христос често разговараше со Симона, зашто овој, последниов, високо го ценеше учењето за воскресението на мртвите, и Он често влегуваше во неговиот дом, Лазар стана негов близок пријател; и не само тој, туку и неговите две сестри Марта и Марија.

Бидејќи веќе наближуваше спасителното страдање, требаше да се даде посигурно уверување во тајната на воскресението. Исус престојуваше од другата страна на Јордан, каде што најнапред ги воскресна Јаировата ќерка и синот на вдовицата. Погоден од тешка болест, умре и Неговиот пријател Лазар. Исус беше далеку, но им рече на своите ученици: „Лазар, нашиот пријател заспа” и, по малку време, додаде: „Лазар умре”. Откако го остави Јордан, дојде во Витанија, замолен од неговите сестри. Витанија се наоѓа на пет стадии од Ерусалим. Сестрите Лазареви Го пресретнаа, велејќи: „Господи, да беше Ти овде, нашиот брат немаше да умре, но и сега, ако сакаш, ќе го воскреснеш, бидејќи можеш”. Исус го праша народот: „Каде го положивте?” И веднаш го одведоа кај гробот. И, кога го тргнаа каменот, Марта рече: „Господи, веќе мириса (смрди), бидејќи веќе има четири дена.” Тогаш Исус, откако се помоли и пролеа солзи над него, викна со силен глас: „Лазаре, излези надвор!” И веднаш мртвиот излезе, го одврзаа и си отиде во својот дом.

Ова необично чудо предизвика завист кај оние Евреи кои негодуваа против Исуса. Исус пак се склони оттаму. Првосвештениците помислуваа да го убијат дури и Лазара, бидејќи мнозина, гледајќи го, приоѓаа кон Христа. Но тој, кога ги разбра нивните планови, побегна на островот Кипар, каде што престојуваше. Подоцна апостолите го поставија за епископ на градот Китеј. Откако таму поживеа добро и богоугодно, триесет години по неговото воскреснување, пак умре и беше погребан таму, правејќи бројни чудеса. Се вели дека по неговото оживување (воскресение) тој не јадеше ништо друго освен благо, и дека Пречистата Мајка Божја му го подарила својот омофор што го направила со своите сопствени раце.

Неговите чесни и свети мошти, пронајдени таму благодарејќи на едно божествено видение, премудриот цар Лав ги пренесе во Константинопол, во црквата што тој ја изградил во негова чест, и чесно и свечено ги положил во десната страна од црквата на влезот од храмот крај ѕидот спроти олтарот. Неговите свети мошти и сега се наогаат таму, испуштајќи некаква неискажливо пријатна миризба. Овој ден е определен да се празнува неговото воскресение, бидејќи светите и богоносни отци, како и светите апостоли, сметајќи дека светите страдања на Господ наш Исус Христос треба да се поместат по четириеседневниот пост за наше очистување, и затоа што сметаа дека ова чудо беше почетокот и причината на јудејскиот бес против Христа, затоа и ова натприродно чудо е поместено овде.

Евангелистот Јован е единствениот кој пишува за овој настан; другите евангелисти се воздржуваат од тоа, најверојатно затоа што Лазар бил сè уште жив и видлив. Се вели дека ова последно евангелие е напишано заради него и дека другите евангелисти не рекле ништо за беспочетното раѓање на Христа. Бидејќи се бараше да се има уверување во тоа дека Христос е Син Божји и Бог, и дека воскресна, и дека ќе има воскресение на мртвите; а со воскресението на Лазара е многу полесно во тоа да се верува. Меѓутоа ништо не е кажано за престојот на Лазара во адот, или затоа што не му било дадено да види точно што има таму или, откако ги видел, добил заповед да молчи за тоа. Оттогаш и секој човек што умира е наречен „Лазар”, а гробната облека се именува „лазарома”, за спомен на првиот Лазар. Бидејќи, ако тој воскресна по зборот Христов и пак оживеа, така и оној што ќе умре сега, откако ќе воскресне при звукот на последната труба, ќе живее вечно.

По молитвите на Твојот пријател Лазар, Христе Боже, помилуј нè и нас. Амин.

Оставете коментар

1 Comment on "Синаксар на Лазарева сабота"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Синаксар на Лазарева сабота […]

wpDiscuz