Св. Силуан Атонски: За љубовта (1)

Св. Силуан Атонски

Втор дел

Душата моја жеднее по живиот Бог. Душата моја одново сака до наситување да се наслади со Господа. О, недофатлива Божја милост: од прав Господ го создаде човекот и вдахна во него дух на живот, та душата на човекот стана подобна на Бога.

Господ толку го возљуби своето создание, што на човекот му го даде Светиот Дух, и човекот Го позна својот Создател и Го љуби својот Господ.

Светиот Дух е љубов и сладост на душата, умот и телото; но кога душата ја губи благодатта, или кога таа ќе се намали, тогаш душата одново со солзи Го бара Светиот Дух и се досадува затоа што е без Бога, та говори: „Досадно ѝ е на душата моја без Господа и со солзи Него Го барам. Како да не Те барам Господи? Ти сам претходно си ме барал, и си ми дал да се наситам со Светиот Дух; и сега мојата душа копнее по Тебе. Моето срце Те возљуби, и Те молам: дај ми докрај да пребивам во Твојата љубов; дај ми заради Твојата љубов да ги трпам сите скорби и болести“

Страв и трепет ја опфаќа мојата душа кога сакам да пишувам за Божјата љубов. Бедна е душата моја, и нема сила да ја опише Господовата љубов.

И се бои мојата душа, а воедно е привлечена да напише, па макар и неколку слова за Христовата љубов. Мојот дух изнемогнува да го пишува тоа, но љубовта повикува.

О, човек – немоќно создание.

Кога во нас има благодат, се распламнува духот и деноноќно се бори да се искачи кон Господа, оти благодатта ја сврзува душата да Го љуби Бога, и таа Го возљубила и не сака да се оддели од Него, оти не може да се насити од сладоста на Светиот Дух.

И нема крај на Божјата љубов.

Знам еден човек кого милостивиот Господ го посети со својата благодат; и ако Господ би го прашал тој човек: „Сакаш ли да ти дадам уште повеќе благодат?“ тогаш од немоќта на плотта душата би рекла:

„Гледаш Господи, дека ако ми дадеш повеќе, ќе умрам“, оти човекот е ограничен и не може да ја издржи полнотата на благодатта.

Така на Тавор учениците Христови паднаа ничкум од славата Господова. И никој не може да постигне да ја има целата благодат која ни ја дава Господ.

Благ си Господи. Ѝ благодарам на Твојата милост: Ти си го излеал на мене Твојот Свет Дух и си ми дал да ја вкусам Твојата љубов кон мене, кој сум толку многугрешен, и душата моја се движи кон Тебе, Светлината Непристапна.

Кој би можел да Те познае, ако Ти Милостиве, Сам не благоволиш да се покажеш на душата? И таа Те видела, и го познала својот создател благиот Бог, и ненаситно секогаш Те сака, оти Ти, Милостиве, си ја привлекол кон Тебе душата со љубов, и душата ја познала Твојата љубов.

Господи, Ти гледаш колку е немоќна и грешна душата на човекот, но Ти, Милостиве, ѝ даваш на душата сили да Те љуби, и таа се плаши да не го загуби смирението коешто непријателите се обидуваат да го однесат од неа, оти тогаш Твојата благодат ќе ја остави душата.

Што да Му дадам на мојот Господ? Јас сум мерзок, Господ го знае тоа, но јас љубам да ја смирам својата душа и да го љубам мојот ближен, макар тој и да ме навредил со нешто. Јас секогаш Го молам Господа за Тој, Милостивиот да ми даде да ги љубам непријателите, и со Божјото милосрдие испитав што е Божјата љубов и што е да се љуби ближниот, и од Господа деноноќно просам љубов, и Господ ми дава солзи да плачам за сиот свет. Но ако осудам некого или грубо го погледнам, тогаш солзите ги снемува, и душата унилна бива; но јас одново започнувам да просам прошение од Господа, и милостивиот Господ ми простува на мене грешниот.

Извор: Православен пат бр. 33-34

Оставете коментар

1 Comment on "Св. Силуан Атонски: За љубовта (1)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Gospodi!
Imeto Tvoe e Ljubov, ne me otfrlaj mene,zabludeniot.
Imeto Tvoe e Sila,ukrepi me mene,iznemosteniot i padnatiot.
Imeto Tvoe e Svetlina,prosveti ja dusata moja,od zemnite strasti pomracena.
Imeto Tvoe e Mir,smiri ja voznemirenata dusa moja.
Imeto Tvoe e Milost,ne oddalecuvaj me od milosrdieto tvoe.Amin

wpDiscuz