Св. Силуан Атонски: За љубовта (2)

Пишувам браќа пред лицето на мојот Бог: – смирете ги вашите срца, и увидете ја Божјата милост веќе на земјата, и познајте Го небесниот Творец, и вашата душа нема да знае за ситост во љубовта.

Никој не може самиот од себе да знае што е Божјата љубов, освен ако на тоа не го научи Светиот Дух; но во Црквата нашата љубов е познаена од Светиот Дух и затоа ние говориме за неа.

Грешната душа, која не Го знае Господа, се бои од смртта и си мисли дека Господ нема да ѝ ги прости гревовите. Но тоа е затоа што душата не Го знае Господа и не знае колку многу Он нѐ љуби. Кога тоа би го знаеле луѓето, тогаш ниту еден човек не би очајувал, затоа што Господ не само што простува туку и обилно се радува поради обраќањето на грешникот. Макар пришла и смртта, ти силно верувај дека штом ќе побараш проштение, веднаш и ќе го примиш.

Господ не е како нас. Он е сосема кроток и милостив, и благ и кога душата Го познава, бесконечно се восхитува и вели: Ах, колку прекрасен е Господ.

Светиот Дух ѝ дал на нашата Црква да познае колку е големо Божјото милосрдие.

Господ нѐ љуби и кротко без укор нѐ прима, како што во Евангелието таткото не го укори блудниот син, туку повела да му дадат ново одејание, на раката скапоцен прстен, и обувки на нозете негови, и повела да заколат добро нахранет телец и да се веселат, и во ништо не го разобличи.

Колку само кротко и трпеливо и ние треба да го поучуваме својот брат, за да се случи празник на душата поради неговото враќање.

Светиот Дух ја учи душата неизречливо да ги љуби луѓето.

О, браќа, да ја заборавиме земјата и сѐ што е на неа. Таа нѐ одвлекува од созерцанија на Светата Троица, Која е непостижлива за нашиот ум, но која светиите ја ѕеркаат на небесата преку Светиот Дух.

А ние да пребиваме во молитва без било какво воображување, и да просиме смирен дух од Господа, и Господ ќе нѐ пољуби и ќе ни даде на земјата сѐ што ни е полезно за душата и телото.

Господи милостив, дај ја Твојата благодат на сите народи на земјата и ќе Те познаат Тебе, оти без Твојот Свет Дух човек не може да Те познае и да ја разбере Твојата љубов.

Дечиња мали, познајте Го Творецот на небото и на земјата.

Господи, прати ја милоста Твоја на децата на земјата, коишто Ти ги љубиш, и дај им да Те познаат Тебе преку Светиот Дух. Со солзи Те молам: услиши ја молитвата моја која ја принесувам за децата Твои, и на сите ним дај им преку Светиот Дух да ја познаат Твојата слава.

Од млада возраст љубев да думам: Господ се вознесе на небото и нѐ чека при Себе; но за да бидеме со Господа, треба да сме Му подобни Нему, или да сме подобни на деца – смирени и кротки, и да Му служиме Нему; тогаш според зборовите на Господа: „Каде што сум јас, таму ќе биде и мојот слуга“, и ние ќе бидеме со Него во Небесното Царство. Но сега душата моја е многу мрачна и унила и не можам да подигнам чист ум кон Бога, и немам солзи да ги оплакувам своите зли дела; секна душата моја и е изнемоштена од мрачен живот.

О, кој ли би ми ја испеал песната која ја љубам од младина, за тоа како Господ се вознесе на небото, и колку многу нѐ љуби и со колкава желба нѐ чека при Себе¬? Таа песна би ја слушал со солзи, оти мојата душа се досадува на земјата.

Што стана со мене? Како ја загубив радоста и ќе ја пронајдам ли пак?

Плачете со мене сите ѕверови и птици. Плачете со мене шуми и пустини. Плачете со мене сите Божји созданија, и ќе ме слушнете мене во тага и печал.

Еве што помислува мојата душа: Ако јас толку малку Го љубам Бога, и така силно копнее мојата душа кон Господа, тогаш колку ли голема печал имала Божјата Мајка кога останала на земјата по Вознесението на Господа?

Таа не ја пренела во писание скорбоста на својата душа и сосема малку знаеме за нејзиниот живот на земјата, но треба да знаеме дека полнотата на нејзината љубов кон својот Син и Бог не можеме да ја разбереме.

Срцето на Божјата Мајка, сите нејзини мисли, сета нејзина душа – беа зафатени со Господа; но неа ѝ беше дадено и друго: таа го љубеше народот и пламено се молеше за луѓето, за новите христијани, за да ги укрепи Господ, и за сиот свет, за сите да се спасат. Во таа молитва се состоеше нејзината радости нејзиното утешение на земјата.

Ние не можеме во полнота да ја достигнеме љубовта на Божјата Мајка, но знаеме дека:

Колку е поголема љубовта, толку е поголемо страдањето на душата;
Колку е пополна љубовта, толку е пополно познанието;
Колку е пораспалена љубовта, толку е попламната молитвата:
Колку е посовршена љубовта, толку е посвет животот.

Никој од нас не ја достигнува полнотата на љубовта на Божјата Мајка, и нам ни е нужно Адамовото покајание, но делумно, како што нѐ учи Светиот Дух во Црквата, и ние ја разбираме таа љубов.

Извор: Православен пат бр. 33-34

Оставете коментар

2 Comments on "Св. Силуан Атонски: За љубовта (2)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
Доколкото преп. Силуан е реална личност – атонски монах, която няма нищо общо с литературния герой на архимандрит Софроний Сахаров, трябва да се прави разлика между монаха Силуан и силуанизма на Софроний Сахаров и компания като богословие на сатанизма. Истината е, че идеите от книгата “Старецът Силуан” са чиста проба сатанизъм и самата книга е в противоречие със Свещеното Писание, с християнската догматика, с православната иконопис и всички православни богослужебни текстове. С няколко изречения казано, силуанизмът на Софроний Сахаров е теософия, която слага Дявола на мястото на Бога и подменя Рая с ада! Един неграмотен руски мужик, какъвто е бил… Read more »
wpDiscuz