Св. Силуан Атонски за св. Јован Кронштатски

Отец Јован го видов во Кронштадт додека служеше света Литургија. До овој момент се восхитувам на силата на неговите молитви. Оттогаш поминаа 40 години, и никогаш немам видено некој друг да служи како него. Народот го сакаше и сите стоеја со страв Божји. Не е ни чудо: Духот Свет ги привлекува кон Себе човечките срца. Од Евангелието гледам колку многу народ одел по Господа. Словото Господово ги привлекувало луѓето, оти било говорено во Духот Свет, и токму затоа било слатко и пријатно за душата.

На патот за Емаус, Господ им пришол на Лука и Клеопа и со нив говорел. При тоа, нивните срца гореле од љубов кон Бога. И отец Јован во себе Го имаше Духот Свет во изобилие. Тој ја загреваше неговата душа со љубов кон Бога, и преку него влијаеше и на другите. Гледав како народот трчаше да му пријде, да земе благослов, и земајќи, се радуваше, оти Духот Свет е пријатен и на душата ѝ дава мир и радост.

Некои имаа лошо мислење за отец Јован, и со тоа Го жалостеа Светиот Дух Кој во него живееше, и Кој во него до ден денес живее, и по неговото упокојување. Тие велеа дека бил богат, дека убаво се облекувал. Но, тие не знаеја дека на оној во кого живее Светиот Дух богатството не може да му наштети, затоа што неговата душа сета е во Бога, и од Бога се изменила, заборавила на своето богатство и украси. Среќни се луѓето коишто го сакаат отец Јован, зашто тој ќе се моли за нив. Неговата љубов кон Бога е голема. Тој сиот е во пламенот љубовен.

О, велики оче Јоване, молитвенику наш, Му благодарам на Бога што те видов. Ти благодарам и тебе, пастиру добар и свет, затоа што поради твоите молитви го напуштив светот и дојдов на Света Гора Атонска, каде што примив голема милост од Бога. И сега пишувам, радувајќи се, што Господ ми подари да го спознаам животот и подвигот на добриот пастир.

Отец Јован беше толку многу смирен, што не ја губеше благодатта на Светиот Дух, и затоа толку многу го сакаше народот, воведувајќи го човечкиот ум кон Бога.

Ја гледаш ли во него силата на Духот Свет? Читајќи ја неговата книга „Мојот живот во Христа“, душата ја чувствува силата на Божјата благодат во неговите зборови. Велиш дека ја читаш и ништо не чувствуваш? Па зар не е тоа затоа што си горд? Благодатта не доаѓа во гордите срца.

О, оче Јоване, ти сега на небесата живееш и Го гледаш Господа Кого твојата душа уште на земјата Го возљуби. Те молам: моли се за нас, за и ние Господа да Го возљубиме, и покајание на кое Бог му се радува, да Му принесеме.

О, велики и добар пастиру, иако по тело умре, твојот дух со нас е. Стоејќи пред Бога, нас нѐ гледаш преку Светиот Дух, од небесата.

Смирено те почитуваме.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz