Семантички контексти на поимот вера

Во колоквијалниот говор на поимот „вера“ му се задаваат повеќе различни значења. Тоа покажува дека верата, во сите свои семантички варијации и пермутации, е исклучително важен чинител не само на нашите спознајни (гносеолошки) релации и искуства, туку и во нашиот секојдневен живот како соборни и морални битија. „Верата“ ја среќаваме и во нејзиниот основен граматички облик, но и како лексички корен на низа поими кои наѕидувајќи се на него се украсуваат со неброено мноштво значења. Во својот елементарен облик поимот вера ги има следните конотации:

1. Припадност на некоја верска заедница (христијанин, будист, муслиман), како одговор на прашањето: која вера си? Во таа смисла поимот вера се идентификува со определен религиски облик кој, се разбира, за свој онтолошки епицентар ја има имено цврстата увереност во вистините кои ги застапува дотичната религија.

2. Второто значење на поимот вера е во врска со определено верско учење: православната вера учи дека…, или, православната вера го забранува крадењето… и т.н.

3. Трето е гноселошкото значење, или со други зборови верата како извор на познание, повозвишено од сетилното познание кое им припаѓа на разумот и спекулативното искуство. Според оваа конотација, верата како духовно познание ги надминува психолошкото и логичкото мислење и знаење. Ваквата дистинкција ја среќаваме уште кај античките философи кои укажуваат на природната склоност на човекот кон верувањето упатувајќи, на тој начин, на органската поврзаност на верата и човечките вродени спознајни сили.

4. Освен овие три вообичаени значења, во Светото Писмо среќаваме еден особен вид на вера, вера како дар Божји, или вера како елемент на надприродното откровение. Иако најмногу се добнижува до третиот вид колоквиално (најсекојдневно) значење на терминот „вера“ то ест верата како познание, сепак библиското значење на терминот вера е во суштинска врска со оној светотаински, надприроден дар кој што Бог го излева, или поточно разгорува во срцата на човекот. Така кога Петар го исповеда Христа за Син на живиот Бог, Спасителот му одговара: „Блажен си ти Симоне сине Јонин оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец Кој е на небесата.“ (Матеј 16, 15-17).

На друго место Спасителот зборува: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот Кој Ме испрати.“ (Јован 6, 44). Ваква вера која се темели и која произлегува од Божјото давање е онаа на светите Лука и Клеопа кога се сретнаа со воскреснатиот Господ Исус Христос на патот за селото Емаус. Во миговите кога самиот Спасител најпрвин со слово, а потоа и со евхаристиска храна им ја нахрани, им ја зацврсти верата тие се запрашаа меѓу себе: „Зарем не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“ (Лука 24, 32).
За истото ова збор станува и во посланието на свети апостол Павле до Ефесјаните: „Зашто по благодат сте спасени преку верата, но тоа не е од вас – Божји дар е.“ (Ефес. 2, 8). По сево ова можеме да заклучиме дека верата е гносеолошка категорија, начин на најсовршено знаење за видливите и невидливите нешта која се надоврзува на благодатните Божји откровенија и е одговор на тие дарови Божји.

Божествениот апостол Павле во посланицата до Евреите ни ја дава наједноставната и најпрецизна дефиниција за тоа што е „вера“? Тој вели: „Верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она што не се гледа.“ (Евр. 11, 1).

Освен овие четири значења во чистата форма на поимот вера, во секојдневната комуникација среќаваме и поими за кои понекогаш и не сме свесни дека се во витална врска со него. Во печатените медиуми многу често наидуваме на поимот верба или вер(б)а, како обид да се направи дистинкција помеѓу верата која навидум има премногу религиозни конотации за општиот вкус на пошироката јавност, и довербата односно увереноста со која оперира современиот човек.

Подеднакво значајна е и етимологијата на поимот суеверие. Станува збор за сложенка од црквенословенскиот јазик составен од придавката в-суе (во празно) и глаголската именка верие (верување):

суеверие
всуеверие
в-суе-верие
во-празно-верување
суета = празнотија
напразно верување
залудно верување
бесмислено верување и т.н.

Практично е невозможно да се набројат сите облици кои ги зазема коренот вера. Сепак ќе наброиме уште неколку: веридба, заверка, проверка, изневерување, доверба, недоверливост, доверител – од кого произлегува зборот девер, потоа – завера, неверство, уверение, верник и т.н.

Сево ова укажува на фактот дека нашиот однос кон верата, не само во нејзиното основно, односно буквално значење, туку и целиот дијапазон на изведени значења во голема мера го дефинираат нашиот однос кон светот што нè опкружува, но, што е уште поважно и нашиот однос кон духовното, надисториското, божественото.

Митрополит Методиј Златанов

Оставете коментар

1 Comment on "Семантички контексти на поимот вера"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
„Верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она што не се гледа.“ (Евр. 11, 1). Би навел само некои лексички белешки во врска со овој новозаветен стих, кој во оригинал содржи интересни термини: Ἔστι δὲ πίστις ἐλπιζομένων ὑπόστασις, πραγμάτων ἔλεγχος οὐ βλεπομένων. Превод на црковнословенски: Есть же вера уповаемых извещение, вещей обличение невидимых. Превод на англиски: Faith is the substance of things hoped for, the evidence of things not seen. Овој збор „ὑπόστασις“ во речниците се наоѓа преведен со неколку значења: 1) a setting or placing under 1a) thing put under, substructure, foundation 2)… Read more »
wpDiscuz