Секуларна Причест

Клир

Да се мисли на Бога и да се причестува со Бога не е исто.

Современиот свет е тегобно место за оние кои веруваат во Бога. Културата која преовладува бездушно Го оттргна Бога од секојдневниот свет и век, и Го потисна во различните „религиозни сфери“ на постоењето. И така, ние живееме во она што може да се опише како „двокатен универзум“. Ние пребиваме во свет дефиниран од природата и нејзините закони, свет на причини и последици, свет во кој Божјото присуство во било која форма претставува проблем.

Можеби единственото место кое е релативно безбедно од овој прогон, е реалноста на човечката мисла. Современите верници се причислуваат кон еден бог, чие постоење е условено од интелектуалната или емотивна прифатливост – додека објавувањето на Бога во доменот на јавноста [реалноста] би значело ризикување и изложување на гневот на политичките опоненти, обвинувања за суеверие, или просто, неудобност.

Без да ја елаборирам историјата на секуларизмот, [би рекол само дека] во определен момент, современата култура започна да го меша „мисловното“ со „духовното“, додека сè физичко беше означено како „овосветовно“ или, во некои случаи, како „празно-ритуално“. Се разбира дека секој кој поминал барем малку време со своите мисли, набрзо увидел дека нашите мисли се многу променливи. Нашите умови талкаат. Нашите мисли често нè измачуваат. Концентрацијата, во најдобар случај, е повремена.

И на тој начин, современиот човек не е духовно битие – затоа што ретко може да мисли на Бога без да трепне.

Но секако дека современата конфузија на мислата со духот е едноставен нонсенс – една богословска грешка родена од преголемата реакција на римо-католичкото богословие за време на Реформацијата и пост-Реформацијата.
Ние мислиме, но ние не сме мисли.

Евангелијата се одлучно физички во нивното прикажување на Бога. Токму Словото Кое прими тело нè зачудува во писанијата на св. ап. Јован Богослов. „Што го опипаа нашите раце“, вели тој во неговото Прво послание. Крстот е приказна која се раскажува виртуелно без ни малку теорија: Крстот е крв и клинци и прободени раце.

Токму затоа ме погодува [фактот] што, современото христијанство често се труди од Светите Тајни, тие физички твари и дејанија предадени нам во Христа, да ги направи мисловни; во голем број современи христијански деноминации, светотаинската вистина не се наоѓа во дејанијата и тварите, но во умовите на оние кои учествуваат во нив. Крштението е избор; Евхаристијата е сеќавање. Како такви, тие стануваат секуларизирани свети тајни. Во Бога се верува, но Тој е неприсутен. Водата постанува само еден символ, гроздовиот плод и лебот се сервираат како спомен на неприсутниот Господ. „Ова не е моето тело… ова не е мојата крв.“

Пред неколку години имав можност да одржам предавање во еден евангелистички колеџ. За време на предавањето, го цитирав шестото поглавје од Јовановото Евангелие, кое бездруго е најисцрпното толкување кое може да се најде во Евангелието, а кое се однесува на значењето на Евхаристијата. „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе“ – вели Христос.

По предавањето, бев пресретнат од еден бруцош кој со голема страст се препираше со мене. Тој беше убеден дека извадокот од Евангелието има „духовно“ значење. Христос, според него, сигурно не мислел дека ние треба да го јадеме Неговото тело, и да ја пиеме Неговата крв. Понекогаш буквалното толкување ни открива една непријатна вистина.

Живееме во еден претерано материјален свет – свет целосно дизајниран. Ние не сме мисли заробени во тела. Ниту пак треба да гледаме на нашата вера како идеја која е отстранета од материјалниот свет. Токму спротивното, нашата вера е најматеријалната вера воопшто. Логосот стана тело, и се всели меѓу нас.

Истиот Логос ни даде леб и вино, велејќи ни: „Ова е Моето тело. Ова е Мојата крв…“ Сеќавањето [анамнезата] на овој чин не е еден [прост] чин на споменување, туку чин преку кој Христос се објавува Себеси како вистински присутен [во овој свет].

Христијанството ја губи борбата со идеите – само затоа што христијанството не е идеја. Верата еднаш и за сите предадена на светиите е живот – вистинско заедничарење во животот Божји. Бог е Оној Кој се објавува како присутен [се оприсутнува] во нашиот свет, а не само во нашите глави. А вистина е и дека доколку допуштиме да оствариме вистинска заедница со Него, Тој ќе ги излечи и нашите мисли – со текот на времето.

Заедничарењето со секуларниот свет е заедничарење во празноста. Неговите идеи се погрешни, а неговите ветувања не се вистински. На крајот на секуларниот свет пости само смртта – од која ниту една идеја не може да нè избави.

Но, ние не губиме надеж. Оти, Оној Бог Кој толку многу нè возљуби, што постана плот, и се всели меѓу нас, е истиот Бог Кој толку многу нè возљуби, што нашите тела можат да станат Негови пребивалишта.

Оној кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, во мене живее, и јас во него.

Отец Стефан Фримен

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz