Секташтво во православието и православие во секташтвото

Погрешно е да се мисли дека сите православни во суштина не се секташи и дека сите секташи всушност не се православни. Не секој кој е православен по име е таков и по дух, и не секој кој е секташ по име е таков и по дух. Ова е посебно изразено во денешно време, кога среќаваме „православни“ чиј дух е фанатичен, нељубовен, рационално ограничен, упорен во човечка прецизност, кога среќаваме „православни“ кои не се гладни и жедни за Божјата вистина, туку се заситени со нивната горделива вистина, кои строго ги осудуваат другите водејќи се според таа привидна вистина, која е навидум догматски коректна, а не извира од Духот. И обратно: среќаваме секташи кои очигледно не го разбираат значењето на православното богослужење во Духот и Вистината, кои не признаваат одредени изрази од еклисиолошката вистина, но кои во суштина во себе кријат нешто многу побожествено, исполнето со љубов во Христа, и љубов за луѓето.

Присуството на ваквите забуни во христијанското општество не допушта лекомислен пристап кон проблемот со меѓурелигиските односи. Секташите грешат при нивниот неуспешен обид да го разберат православието, но и ние православните, не следејќи го нашето православно учење, не успеваме да ги разбереме секташите кои се понекогаш изненадувачки пламени и чисти во нивната постојана потрага по Бога, по животот во Него, Единствениот.

Човечкиот ограничен, горд, болен разум, непреобразен од Божјиот Дух, подеднакво тежнее кон поделба и бара причинител за тоа, без оглед дали е православен или секташ.

Ние, православните, веруваме и духовно гледаме дека ја имаме полнотата на човечки изразената вистина. Но, самото тоа не значи дека ние ја следиме таа полнота и дека таа полнота нас нè исполнува. Некогаш ја имаме само на зборови, или мислиме дека во нашето око таа треба да ја замени гредата на нашата духовна мрзеливост. Но сето тоа е далеку од она што би требало да биде. Ние ја имаме вистината и тоа целосно, но не знаеме или не сакаме да живееме во неа, или често не се стремиме да живееме во неа, бидејќи тоа бара многу ограничувања за нашиот „стар човек“. А немаме ништо против да се гордееме или да ликуваме со нашето православие.

Мнозина од иноверните христијани живеат во православната вистина со нивниот дух. Има секташи кои горат во духот и љубовта кон Бога и ближниот многу повеќе од некои православни, а самиот тој дух на пламена љубов за Бога и човекот е обележје на вистински православен живот. Оние меѓу православните кои не ја поседуваат [оваа пламена љубов кон Бога и човекот] не се вистински православни, и обратно: оние од неправославните кои ја поседуваат се вистински православни.

Како што тој е човек, така тој прави грешки; како што тој е човек, така тој не успева да го разбере ова или она, не може да ја разликува оваа или онаа боја во духовниот свет (духовен Далтонизам, пр. не го разбира значењето на иконите, заедничарењето со светителите кои го напуштиле овој свет). Сепак во духот, во внатрешниот човек тој е „верен и вистинит“, посветен во искрената љубов за живиот воплотен Бог, нашиот Господ Исус Христос, до смрт. Присуството на ваквите вистински православни христијани може да се забележи и помеѓу самонаречените христијани како и помеѓу католиците и помеѓу протестантите од сите категории. Исто може да се забележи и помеѓу руските секташи, кои постанале секташи, односно умно и искуствено се одделиле од догматската исповед на Црквата, делумно од неспособност да се разбере таа исповед во Духот, и делумно од лоши примери на реализација на таа исповед во животот.

На секој православен христијанин му е јасно дека луѓето кои се православни по своето исповедание најчесто не само што не се поучни за општеството, туку и придонесуваат за целосна испревртеност во тоа општество. Не зборувам за примери на политичари или социјални активисти. Се разбира, ова во голема мера се однесува и на нам, свештенството, кое не стои секогаш на духовните висини на православието, и покрај нашето јасно разбирање за вистинитоста на нашата Црква.

А во манастирите… длабоко неправославен, световен, трулежен дух, кој понекогаш се крие под смирените монашки одежди. Сета таа „лесна“ гнилост лебдеше на површината од Црковниот живот и беше позабележлива одошто вистинскиот смирениот, самоодрекувачки труд на мноштво вистински православни свештеници и монаси, кои Го следеа Христа и умираа во Него. Револуцијата (во 1917) го откри и демаскира овој слаб слој на руското православно свештенство, и го нагласи исповедањето на православен живот преку мачеништвото на мнозинство свештеници. Велат дека присуството на секташтвото сведочи за религиозната природа на луѓето. Може да се каже и дека присуството на секташтвото сведочи за православноста на луѓето, пламеноста на неговиот дух, неговите стремежи кон идеалот, неговата жед за внатрешна, а не надворешна религија, жед по својот завет со Бога. Во суштина, тоа е православието.

Православните мирјани, како и православните свештеници секогаш се поодговорни за присуството на секташите отколку што се одговорни за тоа самите секташи. Зарем не треба да помислиме – да мислиме на православен начин – дека треба да ја преземеме вината и одговорноста врз себеси за нашите одделени браќа? Кога не би ја прифатиле вината, тогаш тоа не би била Христовата вистина. Човек може да ја увиди човечката вистина и да признае дека секташите самите си се виновни, но Христовата вистина е инаква, „безумна“ за светот, мудра само за Бога.

Позитивната сила на Духот Господов, кој живее во православието, кој Е православието, не може да се докаже ниту со расправии, ниту со спорови, ниту со аргументи или груби образложенија. Духот може да се открие само – според светот – „безумно“ одрекувајќи се од разумот, препуштајќи му се на судот на Духот.

Во христијанската апологетика особен нагласок треба да се стави на разјаснување на смислата на вероучението и на пројавување на тоа вероучение во животот.

Треба да биде јасно дека православието е застрашувачки оган како светите тајни. Огнот, или ќе ги преобрази или ќе ги изгори оние кои целосно го примаат православието. Православието го создаде духот на Русите, но исто така ги фрли во огнот. Православните се изгореа од православието. Тие станаа недостојни заедничари на Светите Тајни во полнотата на верата. Оваа Света Тајна не само што оживотворува, туку и гори.

Секташтвото е само неправославна потрага по православните патишта. Поради човековата слабост оваа потрага е спроведена не во длабочина туку отстрана, на пример, не во догмите туку некаде околу догмите. Догматски (чист) живот некаде околу догмите е повеќе православен, се разбира, одошто недогматски (блуден) живот во догмите. Ова мора да се разбере во сета јаснотија и сета прецизност на Словото Божјо, кое токму на ова укажува во параболата за двата сина, едниот од којшто вели дека нема да ја исполни волјата на неговиот татко, а сепак ја исполнува и другиот кој вели дека ќе ја исполни, а не ја исполнува. Исповедувањето на православниот Символ на Верата е печат на Евангелието. Символот треба да биде исполнет во живот; треба да стане реалност. За еден човек тоа може да е сосема нереално во животот, и покрај тоа што истиот тој човек секој ден го рецитира Символот на молитва. За друг човек неговата вера се манифестира во неговиот живот исполнет со љубов кон Христос, за нашиот Небесен Отец и за Светиот Дух, и тоа се одразува на неговото лице, во неговите зборови и во сите негови дела. Кој е поблизу до Царството Небесно? Одговорот е јасен. Се разбира, Вториот човек. Оној кој не е православен по име, а е православен по духот и вистината, кој е подучен од самиот Дух.

Оние кои тврдат и исповедаат дека се православни треба да разберат дека православието во никој случај не е привилегија, ниту право да се осудуваат другите, нити пак е гордост. Напротив, православието е смирение. Тоа е исповедање на полнотата на Вистината, праведноста и љубовта. Православието треба да победува само преку својот сјај, како самиот Господ, во никој случај со оружје, сеедно дали челично или вербално. Православието не блеска во православно општество кое се гордее со своето православие. Блеска во оние кои се смирени во нивното православие, кои ја разбираат чистотата на верата, не само во нивниот мал разум, туку преку духот низ целиот нивни живот.

Убавината на Православието е дадена за човековото спасение, но некои православни ја користат за осудување, погубување на луѓето. Може да се каже дека на земјата нема потполно православни, туку само делумно православни и таканаречени православни, како и оние кои себеси не се вбројуваат во православните, но се вбројуваат во Христовата Црква и животот го живеат во Христа. Православието е сончева светлина, која паѓа на земјата. Сјае над сите, но не сите ги просветлува, бидејќи некои живеат подземи, некои со затворени прозори, некои со затворени очи…

Архиепископ Јован (Шаховски)

Оставете коментар

1 Comment on "Секташтво во православието и православие во секташтвото"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
Православен е човек полн љубов во дела и зборови! Православието може да го разбере оној кој разбрал што значи да се биде „учител“ или „педагог“(оној кој предава знаење на други). Иако тоа некако лесно и бендисано изгледа нели „УЧИТЕЛ“(и јас сум еден од нив), предавањето на сопственото знаење на другите е гооолемо искушение за самиот „учител“: Па така…во моментот кога си свесен дека ЗНАЕШ нешто повеќе од другите првата мисла што доаѓа на ум е: Колку сум паметен! Втората: Колку се другите неуки! после обидот нешто да ги научиш другите Третата помисла е: Леле колку се смотани и/или глупи(простете за… Read more »
wpDiscuz