Сеќавања на отец Серафим Роуз (2)

Отец Серафим често ми велеше, цитирајќи од Новиот Завет: Бог е љубов, и оној кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него… Совршената љубов го пади стравот (1 Јован 4:16, 18). Гледате ли, јас бев бојазлива личност, па затоа и ми кажуваше такви работи. И потоа ќе објаснеше: „Добро, нашата љубов кон Бога или кон кого било не може да биде совршена, бидејќи ние не сме совршени. Но, Божјата љубов е совршена, и ако живееме во љубов, а Бог е љубов, тогаш Бог живее во нас. И тоа е еден од начините на кои ние сè повеќе и повеќе се доближуваме до Христа во овој свет“. На овој начин ние станувавме помалку бојазливи од животот и другите луѓе, од предизвиците и тешкотиите.

Други стихови кои тој сакаше да ги цитира се Чеда, последно време е (1 Јован 2:18), и Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството (Лука 12:32). Во последните години, паметам отец Серафим ми повторуваше вакви стихови; и тие ми се враќаа назад во времиња на страв и неволји. Овие зборови беа особена утеха за мене кога мојата мајка ненадејно се упокои, што се случи по неколку години откако отец Серафим го напушти овој свет. Но, се разбира, најголемата утеха кога таа почина беше тоа што знаев дека таа е со него.

Како заклучок, би сакал да кажам со крајно уверување дека отец Серафим го најде Христос во овој живот. Не можеш да го дадеш она што го немаш, а тој имаше толку многу да даде. Поради ова, можеме да бидеме сигурни дека Христос навистина живееше во него.

А како го најде Христос во овој живот? Најпрвин, верувам дека ги држеше очите приковани за Христос, едноставно преку извршување на неговите должности секој миг од секој ден, без никакво забоштување. Година или две пред неговото упокојување, го возев отец Серафим каде што требаше да одржи говор. Излеговме од автомобилот, и тој, како што одеше пред мене, се заврти и ми рече: „Знаеш дека ова навистина не е за мене“. Ова е доста интересно, бидејќи многумина мислеа дека тој доаѓа по своја волја, бидејќи тоа беа последни години од неговиот животот. И сигурно, во некоја одредена смисла тоа беше точно. Но имаше и еден негов дел што никогаш не го сакаше тоа, бидејќи сè што тој сакаше е да биде во манастирот. Тој ја вршеше работата на мисионер, бидејќи знаеше дека Бог го повикува на тоа. Тоа беше негова должност.

Исто така, ги држеше очите приковани за Христос со тоа што не обрнуваше многу внимание на себеси. Отец Дамаскин многу добро зборуваше за ова во неговите записи кога рече дека отец Серафим суштински престанал да води приватен живот, дека тој не си припаѓал на самиот себеси. Тоа е навистина точно.

Отец Дамаскин исто зборуваше за односот на отец Серафим кон храната. Ја немав чуено случката за пирето* претходно – прекрасна случка. Но, се сеќавам, еднаш го прашав отец Серафим за неговото омилено јадење, а тој не ми одговори. Не ми ни рече „немам такво“, туку само ја смени темата!. Еднаш, кога требаше да дојде во посета на нашиот дом, некој преку отец Герман откри, дека всушност има нешто што на отец Серафим му се допаѓа. Сега не се сеќавам точно што, но мојата сопруга го подготви тоа за него – а јас си помислив „ова ќе го израдува“. Чинијата со она што сметавме дека е негово омилено јадење беше ставена пред него, а тој не Ѝ ни обрна внимание. Изгледаше како и да не ја забележува.

Значи, отец Серафим ја вршеше должноста во секој миг, и ги држеше очите цврсто на Христа и на другите, само не на себеси. И верувам дека, како резултат на овој толку несебичен живот, тој, се разбира, почива спокојно и вечно во прегратките на Христа, Кого духовно го гледаше ден за ден, недела за недела, месец за месец и година за година, тука на оваа планина. Поради неговиот пример, ние не само што имаме пример, туку имаме и вдахновение, и имаме охрабрување да направиме барем нешто малку повеќе од она што го правиме сега.

Еднаш држев говор за св. Јован Шангајски и Сан Франциски, и некој рече „Добро, сето тоа е прекрасно, но знаете, не би можел без да спијам во кревет цели 42 години!“ А јас му реков „Добро, но можеш ли барем да почнеш со тоа што ќе доаѓаш на време во црква?“ Исто е и со отец Серафим. Тој беше голем аскет. Далеку над мнозина од нас. Но, ние можеме да почнеме само со тоа што ќе ги имаме очите прилепени за Христа, како што ги имаше тој. Можеме да обрнуваме поголемо внимание на она што е центар и фокус на самото наше битие на сите времиња: Нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Ако го правиме тоа, ако сме инспирирани да правиме секој ден барем малку повеќе од претходниот, тогаш наследството на отец Серафим навистина ќе продолжи да живее и понатаму. И навистина, во основа, тоа е Православието.

Православието е доста богато. Има толку убава надворешност, која целосно не е само надворешност – таа, се разбира, има удел и во суштината на Православието. Но, отец Серафим ми кажуваше дека е многу лесно човек да застрани поради оваа надворешност. Многу е лесно да се мисли дека, бидејќи ние ги следиме сите правила на постот и бидејќи го знаеме Типикот и така натаму, живееме православно, што може воопшто да не биде точно. Доколку Христос не е позади сето тоа, тогаш тоа е губење на време: убаво губење на време, но сепак, губење на време. За отец Серафим, како и да е, Христос беше секогаш тука, позади сè. И кога отец Серафим последен пат издивна, Христос беше тука да ја прими неговата душа. Амин.


* Томас Андерсон, синот на отец Владимир Андерсон Вилитски, од Калифорнија, повремено престојуваше тука во манастирот, помеѓу 1972 и 1975 година. Нешто што се задржало во неговата меморија од тие години е недостатокот на грижа за храна на отец Серафим. „Отец Серафим не уживаше во храната, ниту пак го интересираше каков вкус има“ ми кажа Томас неодамна. „Тој јадеше само колку да има доволно енергија за да продолжи понатаму, како што се става гориво во автомобил. Тој го јадеше она пред него, па што и да беше тоа, без да додава нешто, дури ни сол и бибер. А кога тој беше на ред да готви, тој подготвуваше наједноставна и најосновна храна. Кога правеше тестенини, на пример, оброкот се состоеше само од доматно пире и шпагети, без зачини во доматното пире.“ Колку инаква е оваа слика за отец Серафим, во споредба со онаа од неговиот поранешен живот пред да стане православен, кога бил голем гурман!

Во неговите последни години, отец Серафим забораваше на вкусот и квалитетот на храната, па тоа стана тема за шегување тука во манастирот. Еден инцидент, ми беше прераскажан од страна на отец Павле Баба (Fr. Paul Baba), кој е сега свештеник во Антиохиската Православна Архиепископија и живее во Ајова (сега преместен во Сакраменто, Калифорниј). Оваа случка не е вклучена во старата верзија на биографијата на отец Серафим, но ќе биде во новата.) За време на последните години од животот на отец Серафим, отец Павле – кој тогаш беше во неговите доцни тинејџерски години – често доаѓаше во манастирот заедно со неговите млади православни пријатели. Оваа група на поклоници знаеле дека вкусот на храната не му значи ништо на отец Серафим, па одлучиле практично да се пошегуваат со него. Еден ден, донеле во манастирот сладолед од ванила. После еден од оброците во кафетеријата, им дале на сите по една порција сладолед од ванила, а само на отец Серафим му дале порција пире од компири. Додека сите уживале во нивниот сладолед, отец Серафим седел јадејќи го пирето, без да проговори збор и не давајќи никакво навестување дека нешто не е како што треба. Гледајќи го ова, поклониците биле вчудоневидени, и после тоа се покајале за тоа што го направиле.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz