Седмичен круг на богослужби

Кога бев тинејџер, секоја недела навечер, се ужаснував. Недела навечер значеше крај на викендот, а крајот на викендот значеше дека утредента сум на училиште. Не сакав да одам на училиште…

Посакував викендот никогаш да не завршуваше.

Но, секако, морав да одам на училиште, па започнав да живеам од викенд до викенд, одбројувајќи ги деновите помеѓу. Понеделниците беа најлошите денови, зашто беа најдалеку од следниот викенд. Средите не беа толку лоши, зашто означуваа дека сум на пола пат до викендот. А петоците беа одлични; доколку успеев да ги преживеам часовите на училиште, петоците го означуваа крајот на седмицата и почетокот на викендот. Не можев да дочекам да го проживеам тоа чувство на слобода кое ме обземаше секое петочно попладне, излегувајќи од училиштето. Конечно успеав!

Истото доживување, живеењето викенд-за-викенд, страшните понеделници, исчекувањето на средите („преполовенијата“), и радувањето во петоците, ме следеше и додека студирав, но и во животот по дипломирањето.

Во едно истражување на православието во Америка од 2011 година, Алексиј Криндач проценил дека само 40% од православните христијани на Православната Црква во Америка редовно доаѓаат на Божествена Литургија во неделите. Логично е да се претпостави дека дури помал процент од нив доаѓаат на секојдневните богослужби во текот на неделата. Би можеле да заклучиме дека не повеќе од 30% од верниот народ на ПЦА секојдневно учествува во дневните богослужби, настрана од неделната Литургија.

Постојат различни причини за ова: некои парохии одржуваат богослужби единствено за време на викендите, многу парохјани живеат далку од црквите, за да можат редовно да учествуваат на богослужбите, а многумина пак се презафатени со животните грижи и одговорности за да можат да дојдат в црква. Без разлика на тоа која е причината, повеќето православни христијани многу ретко, ако и воопшто, ја искусуваат полнотата на православното богослужење. Ова е жално, зашто токму преку молитвите и песнопенијата на овие богослужби најјасно се согледуваат „круговите“ на црковното богослужење.

Преку секојдневните вечерни и утрински богослужби, Црквата, по благодатта Божја, го осветува и искупува времето, преобразувајќи ги седмиците, деновите, часовите и минутите на нашите животи, време кое најчесто несвесно ни поминува, во можност за богослужење, благодарење, славење и каење. Запоставувањето на овие богослужби, пак, на крајот води кон осиромашување на духовниот живот.

Литургијата како извор и суштина на богослужбите
Црквата, по благодатта Божја, го осветува и искупува времето

Еден од „круговите“ на црковното богослужение кој честопати поминува незабележано е седмичниот богослужбен круг. Во православната богослужба, во секој ден од неделата e посветен на спомнувањето на определена личност или настан.

Во неделите, си спомнуваме за Христовото воскресение; во понеделниците, за ангелските сили; во вторниците, за св. Јован Крстител; средите и петоците се посветени на Чесниот Крст и Богородица; во четвртоците, за светите Апостоли и св. Николај Мирликијски, а во саботите за Светиите упокоени во Господа. Овие спомени се изразени во химнографијата на дневните богослужби, која пак е собрана во книгата наречена Осмогласник (Октоих).

Оваа книга е уредена во еден циклус од осум недели, кој се заснова на музички систем од осум гласа; секоја недела има своја владеачки глас. Секој глас има соодветен напев, и химните од таа недела се пеат според тој напев.

Овој циклус од осум недели започнува со први глас во втората недела по Педесетница. Бидејќни дневниот богослужбен круг започнува со Вечерната, седмицата со владеачки прв глас започнува во сабота навечер, а завршува во Деветтиот час следната сабота. Сите химни од Осмогласникот што се пеат на богослужбите таа седмица се на прв глас. Од Вечерната на третата недела по Педесетница, започнува вториот глас. Овој процес продолжува до осмиот глас, и потоа повторно, започнува првиот глас. Секој од овие осум гласа се пее по шест пати годишно.

Од каде доаѓа, пак, Осмогласникот? Вообичаено, за негов автор се смета св. Јован Дамаскин, во осмиот век по Христа. Сепак, многу поверојатно е дека тој е уредувач, отколку автор, и дека тој само ги собрал и приредил веќе постоечките правила и химни, додавајќи притоа и свои творби.

Всушност, поголем дел од древниот материјал од Октоихот потекнува од Ерусалим, и е фокусиран на неделното славење на Воскресението. Во овој материјал се наоѓаат воскресните стихири што се пеат на „Господи, возвах…“, химните што се пеат на стихирите на воскресната Вечерна, како и хвалитните стихири на воскресната Утрена.

Дополнителните додатоци на воскресни кондаци и икоси биле создадени во Константинопол. На почетокот, пак, името Осмогласник се користело само за овој неделен, воскресен музички корпус (на грчки наречен уште и Αναστασιματαριον, Воскресник). Подоцнежните додатоци (од 9 век па натаму) за секојдневните богослужби го сочинуваат она што во византиското предание се нарекува Параклитики (Παρακλητική), односно она што денес е познато како Осмогласник.

Иако историјата на развојот на Осмогласникот е сложена, неговата примена во нашиот живот како православни христијани не треба да биде таква. Се сеќавате како ви кажував дека живеев викенд-за-викенд додека бев ученик и студент?

Ми требаше начин да ја поврзам мојата неделноутринска вера со другите денови од седмицата. За мене, постоењето на дневен круг на богослужби претставуваше големо откровение. На тој начин, конечно, најдов начин да го искупам и осветам времето. Понеделниците веќе не беа само првиот работен или училишен ден, туку ден за сеќавање на Светите ангелски сили собрани пред Престолот Божји. Средите и петоците не беа само „преполовенија“ и завршетоци на работната седмица. Наместо тоа, тие станаа денови на покајание преку кои го организирав мојот седмичен живот, начин да се потсетам на „вистинскиот живот“ во кој како христијани, ние вистински пребиваме.

Седмичниот круг, изразен преку дневните црковни богослужби ни нуди можност за духовно образование и раст, преку искупување и осветување на самите седмици, денови, недели и минути од нашите животи.

Бред Виен

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz