Се упокои отец Евстратиј Диму, апостолот на бегалците

Православниот свештеник кој беше пример за помош на бегалците (т.н. „мигранти“) од блискоисточниот регион, на грчкиот остров Лезбос основаше невладина организација за помош на бегалците кои го преминуваат Средоземното Море, се упокои на почетокот од месецов, јавуваат грчките новински агенции. Според весникот „Синтактон“ папа Диму (како што вообичаено го нарекувале неговите блиски) се упокоил во средата откако паднал во кома.

Со помош на локалното младо население, организацијата „Ангаља“ (=Прегратка) прибирала и делела облека, храна, вода и места за одмор и спиење за бегалците во изминатите неколку години.

– Она што го гледам се луѓе. Луѓе кои се во мака. Не можам да го одвратам погледот од нив, ниту можам да ги избркам, да ги ставам во затвор – изјавил отец Евстратиј пред две години во интервју за Amnesty International.

– Не можам да ги вратам таму од каде што дошле. Ниту пак, да ги фрлам во море да се удават.

И покрај тоа што свештеникот имал сериозни респираторни проблеми поради кои постојано бил приклучен на систем за доток на кислород, отец Евстратиј се наоѓал на првите линии од активностите на организацијата од нејзиното основање во 2009 година.

– Овие луѓе не се мигранти, тие не одлучиле своеволно да дојдат овде – изјавил сега веќе упокоениот свештеник за UNHCR. – Тие се чеда на војната, бегаат од куршуми. Тие се во потрага за живот, надеж и можност да поживеат уште еден ден.

На почетокот од оваа недела, г. Јорго Тирикос, еден жител на Лезбос кој го помага функционирањето на „Ангаља“, во објава на официјалната веб страна се пожалил за несериозниот однос на грчката Влада која не успева да понуди дополнителна помош за справувањето со големиот број бегалци.

Според статистиките на Фронтекс, граничната агенција на ЕУ, минатата недела дури 23 илјади „мигранти“ пристигнале на грчките острови, што е зголемување за 50% во однос на предминатата седмица.

Извор: Екатимерини

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz