Се приближи ли крајот на светот?

hristos-sudija

Кога учениците Го прашале нивниот Учител за Неговото второ доаѓање и крајот на светот, Исус не им дал конкретен датум, туку попрво им говорел за знаците што ќе се јават, а кои ќе покажат дека близу е доаѓањето на Господа. А потоа им вели: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец“, зашто „во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки“, како крадец.

Човек не треба да пророкува за крајот на светот, ниту да се труди да го одреди точниот датум. Исус ги предупредил Неговите ученици за таквите луѓе, опишувајќи ги како лажни пророци и антихристи. Еден христијанин треба во секој момент да биде подготвен за Христовото пришествие. Има еден древен текст во кој се толкува Евангелието според св. ап. Матеј, и во кој се вели: „Зошто од човека се крие времето на неговата смрт? Овој датум се крие, за човекот постојано да прави добро, очекувајќи ја смртта во секое време. Истото важи и за времето на Христовото второ пришествие: се крие од светот, за поколенијата да живеат во исчекување на Неговото враќање.“

Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.

Толкувајќи го овој стих, св. Илариј Пиктависки (4. век), вели: „Господ нè поучува дека добро е да не го знаеме денот на Неговото доаѓање (кој Господ, со Неговиот молк го сокрил од сите), впрегнувајќи нè да бдееме и да ги пазиме Неговите заповеди. Треба да се занимаваме со постојана молитва со цел да внимаваме Крадецот да не се провлече… Добро е да бидеме подготвени. Незнаењето на денот на Христовото пришествие треба да нè поттикне да бидеме будни, зашто нестрпливо го чекаме Неговото доаѓање.“

Црквата, кога зборува за Христовото второ пришествие, не сака да каже дека Тој дошол пред две илјади години, за после сосема да Го снема до моментот кога повторно ќе дојде, на крајот од времето. Христос е присутен во Неговата Црква, и не е отсутен ниту на момент. Оттука, христијаните мора да живеат како крајот на светот веќе да дошол, зашто Црквата е икона на Царството што доаѓа, и Христос е присутен во неа преку Светите тајни и Неговото живо слово. Тогаш, што повеќе треба да чекаме? Она што се подразбира под Неговото второ доаѓање е Христовото видливо појавување за втор пат, пред сите народи.

Од каде знаеме дека сето ова е точно? Одговарајќи им на апостолите, Христос наведува одредени знаци и знаменија кои, можеме да забележиме, се повторуваат во текот на историјата, па дури и во секоја генерација. Навистина, во секое време и секое место можеме да ги забележиме овие знаменија – војни, глад, болести, земјотреси и поплави… Да не заборавиме: Првата светска војна се случила меѓу Каин и Авел – едната половина на светот ја убила другата половина. А што е со епидемиите и болестите, од црн пришт до чума, до СИДА и свински грип? И природните катастрофи, од потопот во времето на Ное, до цунамито во Индонезија… Секое поколение си има свои војни, свои чуми и свои природни катаклизми. Оттука, овие знаци служат за да ги потсетат верните да творат добри дела, да се покаат, а не само да им го објават крајот на светот.

Гревот што денес преовладува во светот не е нов, и невозможно е да се пресмета последниот ден врз основа на настаните што се счучуваат денес, особено во нашиве држави, од Тигар и Еуфрат до Средоземното Море. Апостол Павле вели: „Но ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!“ (2Тим. 3,1-5).

Нема полза од тоа буквалистички да зборуваме за крајот на светот. Попрво, мора да се сеќаваме на него како на повик за покајание и добрина. После сè, не е ли смртниот час на секој човек – крај на светот за него? Има ли, во тој момент, разлика помеѓу неговата и смртта на шест милијарди луѓе за него? Зошто, тогаш, да се занимаваме со ствари врз кои немаме ама баш никакво влијание?

Затоа, тоа што денот на Второто Христово пришествие е сокриен од нас е уште еден знак на големата милост Божја!

Протојереј Георгиј Масух

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz