Се искачувам по лествицата на св. Јован

lestvica

Јас сум убеден дека Бог е задоволен од мене.

Ова можеби им изгледа смешно на оние што ме познаваат. Кој и да поминал макар малку време со мене, сфатил дека сум смотан и смешен дедо кој би требало да биде малку понапреден во духовен смисол, отколку што е. На крајот на краиштата, Христијанин сум од дете: како е можно сѐ уште да сум вака смотан, грешен и смешен дедо?

Повеќето недели луѓето ми исповедаат дека се срамат од фактот што постојано ги исповедаат истите гревови. Се прашуваат дали тоа некогаш ќе се промени. Поради повторувањето на гревови се јавува униние. Тие ми велат: „Изгледа како да правам еден чекор напред, а два назад. Сигурно Бог е изморен и многу незадоволен од мене“. Ех, секако дека разбирам како се чувствуваат. Понекогаш и јас го слушам истиот глас: „не можеш да направиш леопардот да ги изгуби своите дамки“. Или, во мојот случај би било поточно да вели: „не можеш да научиш стар пес на нови финти“.

Јас сум убеден дека Бог е задоволен од мене.

Пред многу векови било одлучено Црквата да не биде место каде што ќе се собираат и среќаваат совршените. Црквата била замисленa да биде место кадешто би се собирале грешниците за, преку работата на Црквата, да ги надминат своите гревови. Исповедта стана место кадешто оние што не се совршени доаѓаат и се укрепуваат. Секако, отсекогаш имало светители коишто брзо напредувале во благодатта, или пак, коишто преку аскеза достигнувале до такви височини на чистота, до какви што повеќето од нас никогаш нема да се приближат. Секако дека не успеав да станам таков светител – далеку од тоа.

Јас сум убеден дека Бог е задоволен од мене.

За повеќето од нас, спасението (обожението) ќе биде едно долго, долго патување на еден чекор напред, два назад. Но, и покрај ова, Бог е задоволен од нас токму поради тоа што се обидуваме да одиме по овој пат на борба. Господ рекол дека ќе има многумина кои нема да се борат за Царството Божјо. Всушност, Тој рекол дека патеката по којашто ќе чекорат повеќето ќе биде ширка и права и безгрижна патека. Лесно е да се оди по таков еден автопат, затоа што на него нема семафори. Оние што патуваат по него можеби ќе треба да се справат со последиците од нивните одлуки, но тие не требаат да запираат, испитувајќи ги мотивите за нивната потрага по страсти и задоволства.

Патот на Царството е многу поинаков. Тој е тесен и тежок. Не може да чекориме по овој пат без борба и труд; има многу застанувања и тргнувања на патот за Царството. Бидејќи се трудиме да одиме по овој тесен пат, и да се испитуваме себеси, да се бориме со себеси, Бог е најзадоволен од нас.

На овој тесен пат, постојано искушение е откажувањето, коешто е и најлошото нешто што можеме да го направиме. Кога сме во искушение да се откажеме, треба да се запрашаме каков ќе биде крајот на патот, доколку се одлучиме за широкиот и правиот и безгрижниот пат. Еднаш прочитав приказна за еден пустински отец кој силно се борел со блудот. Борбата траела со години и години, сѐ додека еден ден еден велик и свет монах не дошол во манастирот, и слушајќи за ужасната борба на отецот, се помолил на Бога братот да биде ослободен од блудната страст. Следниот ден, пустинскиот отец му пристапил на светиот монах и го прашал што сторил: „Брату, видов дека си многу нажален, и разбрав дека со децении се бориш со блудната страст. Така, Го замолив Бога да те ослободи од неа“. Отецот започнал да плаче и го преколнувал монахот од Господа да испроси продолжување на неговата борба. Светителот бил зачуден и го прашал зошто го сака тоа. Отецот му одговорил: „Зашто преку борбата стекнував спасение. Сега кога ја нема, што ќе правам?“

Се искачувам по лествицата на св. Јован – чекор по чекор, и секој чекор оди погоре. Еден чекор напред, и потоа паѓам два назад. Тажен сум дека сум се слизнал назад, но зар ќе престанам? Не! Повторно ќе започнам, чекор напред, и овој пат повеќе ќе се потрудам. Но, зошто би продолжил со обидите?

Затоа што мојот Отец е задоволен дека сум на лествицата, ете затоа.

Се искачувам по лествицата на св. Јован.

Искачувајте се, браќа и сестри, макар што ќе се истоштите од напорите! Оти, борејќи се за следниот чекор, Бог е задоволен од вас!

Протоjереј Џон Мосес

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz